1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Повик за помош од Азовстал: „Нека прекине овој пекол!“

Ребека Барт / АРД
11 мај 2022

Со недели борците на полкот Азов ја бранат челичарницата во Мариупол. Во меѓувреме се евакуирани бројни цивили, но за борците има мала надеж. Нивните најблиски се очајни.

Ukraine-Krieg Mariupol | Stahlwerk Asovstal
Фотографија: AP/dpa/picture alliance

Една кратка порака дневно, тоа е сѐ што Катерина Прокопенко добива од својот сопруг овие недели. Најчесто со иста содржина: „Се држиме.“ Мажот на Катерина е Денис Прокопенко, командант на полкот Азов. Со недели неговата единица, заедно со другари од Националната гарда, од морнарицата и неколку полицајци се опколени во  челичарницата Азовстал  во Мариупол.

Катерина и останатите сопруги сега започнуваат битка за животот на своите мажи. Во петиција, која за само неколку дена ја потпишаа преку 900.000 луѓе, тие ги повикуваат ОН на донесување резолуција за евакуирање на мажите. „Потребен е заеднички напор на нашите власти и целиот свет да се изврши притисок врз Путин, за да се евакуираат војниците и ранетите“, вели 27-годишната Катерина.

Петицијата е нејзината последна надеж. „Ако не се случи евакуација, како тогаш може да се зборува за демократски вредности, за вредност на животот? Тогаш тоа ќе загуби секакво значење.“

Уништени сите приватни планови

Доколку не се случеше нападот на рускиот претседател Владимир Путин врз Украина, семејството Прокопенко летото би го поминало на Карпатите. Тие би возеле кајак и би изградиле мала фарма. „Не за да убиваме животни, туку да ги одгледуваме“, вели Прокопенко. Летово би го славеле 31-от роденден на нејзиниот маж.

А сега сега светот е сведок на тоа како околу 2500 украински војници во челичарницата  Азовстал бавно умираат. Како стануваат сѐ послаби, а нивната кожа пожолта. Бидејќи немаат веќе никаква храна, вода за пиење, лекови. „Во подземните тунели се шират габи. Два месеци не се бањати", вели Прокопенко.

Ранетите умираат поради гангрена. И нивните тела лежат во тунелите, некои веќе два месеци. Фрижидерите веќе одамна не функционираат, раскажува Прокопенко.

Непоимливи размери на ситуацијата

Колкумина од војниците се мртви или ранети, претставниците на полкот Азов на прес конференцијата во неделата не сакаа да кажат. Но, колку е лоша состојбата во бункерите, најблиските како Олга можат да насетат.

Нејзиниот маж се променил, вели таа. Пред неколку недели уште звучел позитивно. „Ми пишуваше, не треба да се грижам, сѐ ќе биде добро.“ Но, од пред неколку дена тој испраќа други пораки. „Единствената надеж која ја имаме сте вие. Ве молам, направете нешто за да заврши овој пекол“.

Дали се спасени сите цивили?

Досега од пеколот можеа да бидат спасени само  цивилите.  „Наредбата на претседателот е извршена“, изјави украинската вицепремиерка Ирина Верешчук по последната спасувачка акција за цивилите од завојуваната челичарница.

Но, дали сите луѓе успеале да се спасат, војниците не сакаа да потврдат. Теренот на челичарницата е премногу голем, тие немаат можност да го претресат секој одделен подрум.

Евакуација од челичарницата во Мариупол

01:41

This browser does not support the video element.

Стрелбата не прекинува

Истовремено, се чини дека постојаната стрелба не прекинува. Тоа го пишува и мажот на Марина. „Се наоѓаме под артилериски оган. Насекаде удари. Многу мртви и ранети.“ 

„Господи, што да се прави?“, му пишува таа. Нема одговор. „Најмил мој“. Нема одговор. Секои три часа таа испраќа кратка порака. До доцните ноќни часови. Нема одговор.

Дури многу подоцна повторно има мрежа. Тогаш тој понекогаш испраќа фотографии. На нив се гледаат кучиња и мачки меѓу војниците. Понекогаш и слики на раните на другарите.

Некое време тој пишува: „Кучињата ги јадат мртвите. Момчињата лежат на влезот. Дугите се расфрлани насекаде. Го пронајдовме Микола, не можевме да го земеме.“ „Жив ли тој?“ „Не.“

Критика на владата

Со секој час со кој мажите се приближуваат кон својата смрт, критиката кон украинската влада станува сѐ понеприкриена. „Штета што постојано ни беше повторувано: ‘Утре ќе ви помогнеме!'. Така беше во март, во април и во мај“, вели заменикот командант на полкот Азов, Свјатослав Паламар.

Меѓутоа, ништо не се случи, оставени се сами на себе. Украинската влада досега не се изјасни за овие обвинувања.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски призна дека на  бранителите не може веќе воено да им се помогне. Дипломатски, ги прави сите можни обиди. А советникот на претседателот, Олексиј Арестович, во неговата редовна вечерна дискусија со рускиот адвокат Марк Фејгин направи агресивен испад: „Оваа цела свињарија, овие нечесни никаквеци кои шпекулираат околу темата. Мислат дека постои воено решение, но владата тоа не го сака!“, пцуеше тој.

Мариупол не се предава

02:27

This browser does not support the video element.

Драматичниот апел постепено се губи

Поминаа три недели откако Сергеј Волина,  командантот на 36-та украинска специјална бригада првпат со драматичен апел побара евакуација во трета држава. Но, уште тогаш речиси немаше надеж за борците, велат некои.

Русија нема да прифати украинските борци да избегаат пред нивни очи, смета воениот историчар Сенке Најцел во интервју за магазинот „Шпигел“. Тој не верува Русија да сака да даде знак на хуманост.

Затоа, во меѓувреме на лицето на Волина се чита неговиот очај. Тој има само 30 години, женет е и има мал син.

Од бункерот на челичарницата постојано ја менува фотографијата на својот Фејсбук-профил. Сликите не покажуваат војник, туку семеен човек. Волина со сопругата, со синот, сите заедно некаде на море. Тоа се фотографи од едно друго време.

„Риалити шоу од пеколот“

Пораките кои ги испраќа од челичарницата, звучат сѐ понемоќно. „Како сум?“, напиша тој пред неколку дена на Инстаграм. „Ми изгледа како да се наоѓам во некое риалити шоу од пеколот, во кое се бориме за преживување, а целиот свет гледа само една интересна приказна. Но, ова не е филм, а ние не сме фиктивни карактери. Ова е реален живот. Болка, страдање, глад, мачење, солзи, страв, смрт – сѐ е вистинско!“

Кога Волина ги напиша овие зборови, некаде во Азовстал умре мажот на Олга. Тој е еден од тројцата војници, кој не го преживеа спасот на наводно последните цивили од бункерите. Марина со недели нема добиено никаков знак за живот од својот маж. Катерина го добива она катадневното: „Се држиме.“ И: „Те сакам.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми