Повик за смиреност и од ОБСЕ
14 април 2012Претседавачот на ОБСЕ, ирскиот вицепремиер Имон Гилмор изрази сочуство до семејствата на петмината Македонци, кои во четвртокот доцна вечерта беа убиени во околината на Скопје. Гилмор ја поздравува брзата акција на властите и верува дека одговорните за овој, како што го нарекува, ужасен инцидент ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
„Се приклучувам на повиците на политичките лидери во земајта и нашите меѓународни партнери луѓето да останат смирени и да се воздржат од било каква акција што може да ги зголеми тензиите меѓу двете заедници“. Во соопштението се вели дека мисијата на ОБСЕ ја следи ситуацијата и е во постојан контакт со властите и меѓународната заедница.
Ден на жалост во општина Бутел
Знамињата пред административната зграда на општина Бутел се симнати на половина копје поради петкратното убиство што се случи во четвртокот вечерта во скопско Смилковци.
Обдуцкција е завршена, а телата на загинатите се предадени на семејствата. Во текот на денот се очекува да бидат погребани.
Во четвртокот вечерта рибари пронајдоа пет мртви тела покрај Железарското езеро кај село Смилковци, четири момчиња на возраст од околу 20 години од населбата Радишани и четириесет и петгодишен жител на селото Црешово.
Жителите на населбата Радишани вчера во знак на револт ги блокираа приодите кон Радишани и побараа полицијата што побрзо да го расветли убиството.
Полицијата апелира на воздржаност
МВР интензивно трага по сторителите и по утврдување на мотивите за убиството. Воедно апелира да се смират страстите, јавноста да не придонесува за ескалирање на ситуацијата, медиумите да се воздржат од шпекулации и да не се подгреваат меѓуетнички тензии. Според последните информации, на разговор во полицијата биле повикани 35 лица за да се разјаснат околностите под кои се случи убиството. Но, засега нема ниту осомничени и нема одговор кој и зошто го изврши петкратното убиство.