Повисоки казни за сообраќајни престапи во Германија
12 октомври 2021
Германските власти одлучија драстично да ги зголемат казните за брзо возење и погрешно паркирање. Но, велосипедистите и натаму се незадоволни и велат дека тоа не е доволно.
Реклама
Брзото возење или погрешното паркирање во иднина ќе чинат речиси двојно поскапо во Германија. По долги дебати меѓу Берлин и сојузните покраини беше постигнат консензус на оваа тема кој сега ќе се ефектуира во пракса. На пример, возењето со поголема брзина ќе чини двојно поскапо: оној кој вози со 16-20 км/ч над дозволеното ќе биде казнет со 70 евра - наместо досегашните 35. Оној кој дополнително ќе претера и ќе вози со 91 километар над дозволената брзина, ќе плаќа 400 наместо досегашните 200 евра казна.
Казната за паркирање на недозволено место е исто така повеќекратно зголемена во однос на досегашната која изнесуваше 15 евра. Доколку паркирате на место за лице со хендикеп можете да очекувате глоба од 55 евра, наместо 35. Доколку попречите влез или излез на јавен превоз, полиција или пожарникари, ќе бидете казнети со 100 евра. Воведена е и една нова казна: недозволено паркирање на место за електро-автомобили или за споделени автомобили- и таа изнесува 55 евра.
Доколку на автопат не учествувате во формирање на ткн. лента за спасување за време на некој инцидент или доколку истата ја злоупотребувате, ќе платите казна од 320 евра и ќе останете без возачка дозвола еден месец. Досега, казната за тој прекршок беше 200 евра.
Доколку со возилото навлезете во лентата за велосипедисти, на тротоар или во лента за итни случаи, наместо досегашните 25, ќе треба да платите 100 евра казна.
И конечно: оние учесници во сообраќајот кои предизвикуваат непотребна бучава и исфрлаат многу штетни гасови кои би можеле да бидат спречени, како и оние кои демонстративно и ненужно возат напред-назад, ќе бидат казнети со 100 евра, наместо со сегашните 20 евра.
Зошто Германците полагаат „тест за идиоти“?
01:21
Незадоволни велосипедисти
Новата казнена политика влегува во сила на крајот на октомври. Дотогаш, и граѓаните и властите ќе можат да се подготват за нив. Но велосипедистите се незадоволни. Според Германскиот сојуз на клубовите на велосипедисти, новите повисоки казни се уште ја одржуваат привилегираната позиција на автомобилите и им пречат на општините да изградат повеќе улици наменети за велосипедисти.
„Тоа треба да се смени“, велат од Сојузот. „Општините треба да можат без пречки да воведат максимална брзина од 30 километри на час, како и да изградат посоодветни ленти за велосипедистите со кои ќе се заштитат луѓето кои возат велосипед“, вели портпаролката на Сојузот, Штефани Кроне.
Најлошиот сообраќај во светот
Компанијата за анализа на сообраќај Инрикс пресмета колку време поминуваат возачите во сообраќајните метежи во 1.064 градови во 38 земји од светот. Ви ги претставуваме „победниците“:
Фотографија: Xuan Thang Nguyen
Најлошиот сообраќај во светот: Лос Анџелес
Светски лидер за најдолгите „заглавувања“ во сообраќајот од или кон работното место е градот Лос Анџелес. Возачите во Калифорнија во просек годишно поминуваат 104 часа во автомобилите чекајќи. Тоа време е еднакво на повеќе од две недели поминати во автомобилот...
Фотографија: picture-alliance/Frank Duenzl
Московјани треба да бидат трпеливи
На второ место се наоѓа Москва, каде возачите во автомобилите поминуваат 91 час годишно. Една од главните причини за сообраќајните метежи е фактот дека улиците во Москва зафаќаат релативно мала пропорција од целиот простор во градот.
Фотографија: Getty Images/Y.Kadobnov
Сообраќајен хорор во Њу Јорк
Њујорчани поминуваат дури 89 часа во автомобилите секоја година. Пет од десетте наjнатрупани градови во светот се наоѓаат во САД - што ја прави најнатрупаната развиена земја во светот.
Фотографија: picture alliance/dpa/blickwinkel
Доколку одите во Сан Франциско...
Утринското патување преку мостот Голден гејт може да ве чини подеднакво многу време и пари. Возачите заглавени во сообраќајниот метеж годишно ги чини 1,400 американски долари. На национално ниво бројката изнесува речиси 300 милијарди долари.
Фотографија: Getty Images/J.Sullivan
Лоши изгледи...
Сообраќајниот метеж во Сао Паоло е на шесто место според бројот на поминати часови во автомобилот. Во овој град, возачите годишно поминуваат 77 часа во автомобилите. Иако понудата на нови патишта стагнира, побарувачката за нивно користење се очекува да расте.
Фотографија: picture alliance/dpa/C.Faga
Метеж во Лондон
Велика Британија е трета по ред најпогодена земја во Европа од сообраќајен метеж. Според аналитичарите, една од причините за тоа е порастот на онлајн нарачките и возилата за достава кои го предизвикуваат метежот.
Фотографија: Getty Images/S.Barbour
Проблем кој се влошува
Со оглед на фактот дека Инрикс не прибира податоци во Кина и Јапонија, градовите во овие земји не се рангирани. Сепак, сообраќајот во регионите на брзорастечките градови постојано се влошува.
Фотографија: picture alliance/dpa/W.Lei
Африканските возачи „заробени“ во сообраќајот
Африка исто така не е вклучена во извештајот, затоа што Инрикс не прибира информации од таа земја. На пример Лагос, најголемиот град во Нигерија, е под големо влијаније на сообраќајот. Една од причините за таквата ситуација е финансискиот центар во градот кој е сместен на остров до кој има ограничен пристап. Доколку се случи незгода на патиштата, страда целиот град.