Повиците на Иванов - празни зборови за опозициските партии на Албанците
14 септември 2011Координаторот на пратеничката група во Парламентот на владината Демократска унија за интеграција Талат Џафери за Дојче веле напоменува: „Во Демократската унија за интеграција секоја иницијатива која ќе придонесе за толеранција и за политички дијалог меѓу лидерите и политичките партии во Македонија е добредојдена од кого било да се покренува. Што се однесува до партиите во албанскиот блок, во предизборието имаше средба Ахмети – Тачи и тоа беше резултат на фактот што лидерите смогнаа сили да се сретнат и покрај меѓусебните вербални конфронтации, при што лидерот на ДУИ никогаш не користел навредлив речник, иако доживувал вербални закани и физички напади, па и обид за атентат врз него во 2008 година. За ДУИ не постои никаква пречка за среќавања на лидерите, врз основа на иницијатива од кого било таа да доаѓа. Во ситуација кога за дневно – политички потреби политичките партии употребуваат политички речник, каков што ни е познат, и кога поради него не можат да се помират и да преминат преку кажаното и да се среќаваат меѓу себе, добредојдени се иницијативите за надминување на таквите состојби.“
„ДУИ експлицитно прифаќа секаква иницијатива за подобрување на политичкиот дијалог“
Џафери во овој контекст нагласува: „За ДУИ и за нејзиниот лидер Али Ахмети нема никаков проблем за да се среќава со кого било и каде било врз основа на иницијатива покрената со цел да се смират страстите и да се има рамниште на толеранција и комуникација, што ќе рефлектира позитивно и во комуникацијата меѓу партиските структури во општеството. Во ваквиот контекст, Демократската унија за интеграција експлицитно подржува секаква иницијатива што оди во прилог на политичкиот дијалог, толеранцијата и комуникацијата во односите меѓу политичките субјекти во Република Македонија. Не навлегувајќи во заднината, или последната намера, која би стоела зад една таква иницијатива. Она што претставува иницијатива за дијалог, за разговор, за нас е прифатливо.“
Шефот на пратеничката група на ДУИ Џафери на внимателен начин вака ги заокружува своите ставови во врска со обединителската иницијатива на Иванов: „Ние, како Демократска унија за интеграција немаме проблем да бидеме дел од една таква иницијатива, која би ги повикала сите политички субјекти во земјата. Откако ќе се отворат темите за дискусии, ќе можат да се видат и евентуалните намери: дали се тие добри, дали се реални, дали се тие издржани намери.“
Какви се ставовите на албанските опозициски партии?
Опозиционата Демократска партија на Албанците и нејзиниот лидер Мендух Тачи не одговорија на нашето барање да се огласат со коментар околу идејата на Ѓорѓе Иванов.
Втората албанска опозициона партија во Собранието, Албанската национална преродба на Руфи Османи, преку членот на своето раководство Вејсел Мемеди во врска со повикот на Иванов истакнува: „Сметаме дека овој повик на Иванов не се разликува со ништо од повикот на премиерот Никола Груевски и тоа е најобична празна реторика. Во изминативе 20 години од политичарите научивме дека тие едно јавно зборуваат, а друго прават.“
Универзитетскиот професор и еден од некогашните претседатели на првата албанска партија во Македонија, Партијата за демократски просперитет, Џеладин Мурати во изјава за електронските гласила на албански јазик вака го коментираше апелот на Иванов: „Како први пратеници во Парламентот на осамостоена Македонија ние имавме концепт како таа да оди напред како држава, како треба да се гради стратегијата за нејзиниот економски развој, како таа да се ослободува од тесноградоста. Кога ПДП беше во тоа време дел од владината коалиција смело се спротивставуваше на дискриминаторската политика, која по секоја цена сакаше да ја инсталира македонската страна.“
Отфрлајќи ја, исто така, иницијативата на Иванов, Сами Ибраими, поранешниот потпретседател на ПДП, во албанските медиуми се огласи деновиве со своите ставови за „измамничката, недемократска политика на Македонците“, за „чекорите на назадувања во изминативе 20 години“, како и за „неисполнетите барања на Албанците во Македонија.“
Како политиколозите ги толкуваат реакциите на повикот на Иванов?
Го прашавме Назми Малиќи, професор по политички науки на ФОН Универзитетот во Скопје: дали позачестените негативни коментари во изминативе денови во албанските медиуми и во албанската јавност околу заложбата на Иванов за сплотување на сите политички сили во земјата околу нејзиниот натамошен развој значат дебакл и на таа иницијатива сама по себе меѓу оваа етничка заедница? Во својот одговор Малиќи посочува најпрвин на Иванов: „Не, дебаклот е кај самиот Иванов, како политичка личност, а не се работи за дебакл на неговата иницијатива во албанскиот блок, дека тој не ја прифаќа. Иванов не е јасен и нема долготрајна агенда како би се одвивал политичкиот дијалог, политичката комуникација за дефинирање на политичките приоритети на државата.“
Професорот Малиќи тврди: „Иванов не е влијателна и комплетирана политичка личност со кохезивна функција, туку тој е под целосна контрола и диктат на Никола Груевски и ДПМНЕ и од таа причина нема сопствена агенда за реализирање на таа своја идеја. Секој повик на Иванов за обединување на политичките субјекти во државата би имал успех само ако тоа би било засновано врз јасна агенда. А претседателот се’ уште нема своја агенда. Иванов треба прво самиот да биде дел од една глобална стратегиска политика на државата.“
Едита Тахири ги повикува Албанците во Македонија да се обединат околу нејзините државни интереси
Случајно, или не, на 9-ти сптември, само еден ден откако шефот на македонската држава се огласи со своите пораки за нејзината иднина, потпретседателката на Владата на Косово Едита Тахири преку интервјуто за весникот на албански јазик „Журнал плус“, кој се печати во Македонија, им се обрати на своите сонародници во оваа држава: „Сега кога сте во многу поголема мера политички фактор, бидете обединети околу државните интереси на Македонија, но и околу своите национални албански интереси.“
Автор: Свето Тоевски
Редактор: Александра Трајковска