1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повици за обединување и дијалог од илинденските говорници

БГ/мкф2 август 2016

Шефот на државата Иванов повикува на обединување околу државните интереси. Со слична порака и собранискиот спикер Вељаноски. Заев најави изградба на Републиката според илинденските идеали

Фотографија: picture-alliance/AA/M. Sulooca

Власта повикува на обединување и бара да се почитува волјата на граѓаните, опозицијата најавува изградба на државата согласно идеалите на двата Илиндена. Пораките кои политичарите ги испратија на прославата на големиот национален празник беа фокусирани на политичката криза и начините за нејзино надминување.

Претседателот на државата Ѓорге Иванов и собранискиот спикер Трајко Вељаноски го подвлекуваа почитувањето на волјата на граѓаните како врвно начело на демократијата.

„Поддршката да ја бараме од граѓаните, а не од меѓународните фактори“, рече Иванов во Пелинце.

„Денеска, на ден Илинден, во името на нашите херои од минатото, но и нашите деца, кои се херои на иднината, ве повикувам да ги жртвуваме личните заради општите интереси, теснопартиските заради државните интереси. Да изградиме култура на дијалог и компромис, но и чувство за единство околу државните интереси. Ве повикувам дијалогот да го водиме во институциите, а не во амбасадите“, порача Иванов.

Во говорот на Иванов доминираше неодамна постигнатиот договор меѓу четирите водечки партии во земјата кој треба да стави крај на речиси двегодишната политичка криза и пораката дека сега треба да се сработи договореното.

„...Да се исполни договореното и да се одржи дадениот збор. Токму сега е време за воздржаност и за одговорност, од што зависи не само разврската на кризата, туку и иднината на Македонија“, рече Иванов.

Вељаноски критикуваше дека политичката криза е резултат на „непринципиелен политички однос“ кој ги разградува „државотворните темели“ на државата.

Зоран ЗаевФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев им се обрати на граѓаните од Крушево најавувајќи надминување на поделбите во општеството.

„Единствената поделба што е реална денес е на арамии и на ограбени од арамиите. За среќа арамиите се малку и ќе бидат многу брзо поразени“, порача Заев.

„Републиката која што е во пламен и опустошена од оваа мала фамилијарна банда повторно ќе ја изградиме согласно илинденските идеали“, вели Заев.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми