Делумно повлекување на американските трупи и од Авганистан?
СН/ агенции
21 декември 2018
Покрај повлекувањето на сите американски војници од Сирија, претседателот на САД, Доналд Трамп, според доброупатени извори, размислува и за значително намалување на американското воено присуство во Авганистан.
Реклама
САД прават планови да повлечат речиси половина од своите 14.000 војници кои служат во Авганистан, јавуваат американските медиуми, повикувајќи се на инсајдерски извори во американската администрација.
Тоа е остра промена во политиката на администрацијата на претседателот на САД Доналд Трамп, со цел да ги натера талибанците да ги прифатат преговорите по повеќе од 17 години војување, наведуваат медиумите.
Неименуван извор во американската администрација изјавил дека војниците можат да бидат повлечени до наредното лето, но оти конечна одлука не е донесена. Не е прецизен ни точниот број војници кои би требало да бидат повлечени од Авганистан, но е наведено дека би можело да станува збор за повеќе од 5000 војници, што значи близу половина од вкупниот контигент.
Трамп долго време беше за повлекување на војниците од Авганистан, но досегашниот министер за одбрана Џејмс Матис го убеди оти треба да останат и да вршат притисок на талибанците и да се борат против екстремистите од Исламска држава.
Матис синоќа поднесе оставка, а официјални лица наведуваат дека инсистирањето на Белата куќа за повлекување на дел од војниците од Авганистан била една од клучните причини за овој потег на министерот за одбрана.
'You're fired' - Жртвите на администрацијата на Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп ги отпушта високите функционери во Белата Куќа побрзо отколку што можете да кажете "covfefe“. Еве ја листата на неговите досега отпуштени соработници
Со твит на 22 март, Трамп најави дека го заменува Мекмастер со Џон Болтон како негов советник за национална безбедност. Почитуван генерал, Мекмастер најави дека се повлекува од армијата и од јавната служба. Трамп и Мекмастер имале различни погледи за бројни прашања.
Фотографија: Imago/photothek/F. Gaertner
Рекс Тилерсон
Поранешен директор на Ексон, Тилерсон беше државен секретар едвај повеќе од една година. Трамп го отпушти Тилерсон со цел да формира „нов тим“ во пресрет на разговорите со Северна Кореја, признавајќи дека со Тилерсон „имале недоразбирања за нешта“. Нивните односи отидоа по надолна линија откако Тилерсон го нарече Трамп „морон“ во 2017.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Ernst
Гери Кон
Ветеранот од Голдман Сакс, му беше главен економски советник на Трамп. Тој ги избутка даночните реформи во 2017. Но, Кон си поднесе оставка во март 2018 откако не успеа да го убеди Трамп да не воведува заштитни царини за увоз на челик и алуминиум.
Фотографија: Getty Images/D. Angerer
Хоуп Хикс
Таа поднесе оставка од функцијата директор за комуникации на Белата Куќа на крајот на февруари. Ден пред оставката, Хоуп сведочеше во Конгресот за мешањето на Русија во изборите. Призна дека кажувала „шарени лаги“ во корист на Трамп, но не во врска со Русија. Белата Куќа инсистира дека оставката не била поврзана со сведочењето.
Фотографија: Reuters/L. Millis
Роб Портер
Секретарот на персоналот на Белата Кужа поднесе оставка откако поранешните сопруги го обвинија за домашно насилство. Тој ги демантираше обвинувањата. Трамп го бранеше Порер, а американските медиуми се прашуваа како воопшто ги минал тестовите за вработување. Се шпекулира дека е во романтична врска со Хоуп Хикс.
Фотографија: Getty Images/AFP/N. Kamm
Стивен Бењон
Тој имаше клучна улога во победата на Трамп на изборите, но мораше да замине по само една година. Бењон се залагаше за економски национализам и ја промовираше стратегијата „Америка на прво место“.
Фотографија: picture alliance/AP Photo/A. Brandon
Ентони Скарамучи
Поранешниот хеџ-фонд инвеститор беше директор за комуникации само 10 дена. Трамп беше незадоволен од неговиот медиумски напад врз колегите од тимот на претседателот.
Поранешниот шеф на кабинет во Белата Куќа беше принуден на оставка само шест месеци откако дојде на функцијата, по јавниот судир со Ентони Скарамучи. Прибус беше еден од функционерите кои се противеле на именувањето на Скарамучи.
Фотографија: Reuters/M. Segar
Шон Спајсер
Спајсер имаше затегнати односи со претседателот, но и со медиумите, а поднесе оставка откако директно му кажал на Трамп дека остро се спротивставува на именувањето на Скарамучи за директор за комуникации на Белата Куќа.
Фотографија: Reuters/K.Lamarque
Мајкл Дубке
Поранешниот директор за комуникации на Белата Куќа беше принуден на оставка во мај 2017 година, откако беше критикуван поради слабата контрола на скандалот со руското мешање во изборите во САД.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/S. Walsh
Џејмс Коми
Претседателот Трамп го отпушти директорот на ФБИ, Коми- наводно поради лошото водење на истрагата за електронската пошта на Хилари Клинтон. Но, критичарите веруваат дека отказот се должел на истрагата на ФБИ за врските на Трамп со Русија.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/J. S. Applewhite
Мајкл Флин
Именуван како прв советник на Трамп за национална безбедност, Флин поднесе оставка во февруари 2017, откако беше откриено дека разговарал за американските санкции кон Русија со рускиот амбасадор во Вашингтон, уште пред доаѓањето на Трамп на функцијата, и го излажал потпретседателот Мајк Пенс за содржината на тој разговор.