1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повредени Срби и војници на КФОР во отстранување на барикадите

20 октомври 2011

Граѓаните на барикадата на патот во Јагњенци, кој води кон преминот Брњак, седат со завртени грбови кон војниците на КФОР. Како засилување на барикадата, Србите донесоа уште два камиона натоварени со земја и камења.

Во акцијата за отстранување на барикадите се повредени осум НАТО војници и десетина СрбиФотографија: dapd

На ова место утрово војниците од КФОР отстранија еден од трите поставени камиони, употребувајќи солзавец за да ги растераат луѓето од барикадите. Првиот пат КФОР употреби солзавец нешто пред шест часот, а вториот пат околу 10:30. Меѓутоа, се поголем број граѓани пристигнаа на блокираниот пат и го очекуваат продолжението на акцијата за растурање на блокадите. КФОР ги попречува сигналите на мобилните оператори и телефонирањето е отежнато.

Војниците на КФОР се распоредени околу народот и на околните ридови. Во текот на денот двапати употребија солзавец за растерување на СрбитеФотографија: dapd

Војниците од КФОР од германските и австриските трупи стојат до народот со целосна воена опрема и штитови, а распоредени се и на околните брда. Пешадијата на КФОР на блокадата дојде со 80 воени возила, камиони и булдожери. На барикадите има и возила на итната помош, а лекарите им помагаат на лицата кои вдишале од солзавецот што го растурија војниците од КФОР, за да ги отстранат Србите од барикадите. Се соопштува дека повеќе од десетина Срби имаат мали повреди и реакции од солзавецот. Осум војници од мировната мисија биле полесно повредени во мешаницата со Србите.

„Тие се повредени од солзавец, чад и апарати за гаснење пожар“, информира прес-канцеларијата на КФОР. Нема дополнителни информации за видот на повредите.

Политичарите повикуваат на смиреност

Србите седат на барикадите и немаат намера да се тргнатФотографија: dapd

На лице место е државниот секретар во Министерството за Косово и Метохија, Оливер Ивановиќ, началникот на Косовско-митровачкиот округ, Раденко Недељковиќ, како и градоначалникот на општината, Славиша Ристиќевиќ. Тие апелираат до граѓаните да останат мирни, мудри и истрајни.

Војниците од КФОР преку мегафони го предупредуваат народот со зборовите: „се наоѓате во зона за која е одговорен КФОР. Ве молиме вратете се во куќите или ќе употребиме сила. Ние сме тука за да ја осигураме безбедноста за сите“. Портпаролот на НАТО во Приштина изјави дека војниците ќе продолжат со операцијата и оти се надеваат дека народот ќе остане смирен.

„Ќе останеме овде и не размислуваме да си одиме. Протестираме мирно и нема да нападнеме никого“, вели 28 годишниот Ненад.

Утрово српскиот претседател, Борис Тадиќ побара од мировните мисии на Косово да се воздржат од употреба на сила, а до граѓаните апелираше по никоја цена да не прибегнуваат кон насилни реакции, бидејќи тие водат во неврат.

„Барам од КФОР и ЕУЛЕКС да се воздржат од употреба на сила, а од локалните лидери да донесат одлука, која што се однесува единствено на виталните интереси на граѓаните и да придонесуваат за зачувување на нашиот народ на Косово“, стои во писменото соопштение од кабинетот на Тадиќ.

Војниците на КФОР преку мегафони ги повикуваат Србите да си одат домаФотографија: picture-alliance/dpa

Владата во Белград утрово изјави дека ќе се обиде да го реши проблемот по дипломатски пат.

„Српската влада е во постојан контакт со НАТО, ЕУ и ОН за да го врати ова на преговарачката маса“, изјави Миливоје Михајловиќ, портпарол на владата.

На блокадите во Северно Косово се дежураше во текот на ноќта, но КФОР не се обиде да ги пробие патните правци кои водат кон преминот Јариње. Брњак и Јариње се двата административни премини, кои што Србите не сакаат да бидат под контрола на косовските граничари и цариници.

Автор: Александар Методијев/ Бета/ АФП/ Ројтерс/ Макфакс

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми