Повторно пропуштена шанса со Иран
24 ноември 2014
Оптимистите се надеваа дека овојпат ќе има успех, зашто рамковните услови во бескрајните преговори за иранската атомска програма никогаш не биле толку поволни колку денес. Режимот во Техеран се наоѓа под енормен притисок, зашто економијата веќе е на колена. Годините постојано посилни санкции меѓународно ја изолираа земјата, ја отсекоа од финансискиот сообраќај, индустриското производство се гуши, извозот на нафта и гас се сведени на минимум. Самите Иранци, кои се борат со галопирачка инфлација и се‘ полоши животни услови, сакаат само едно: крај на санкциите и враќање во некој вид нормалност. И крајно, претседателот, кој важи за умерен, кај сите засегнати разбуди надеж за топење на мразот меѓу Иран и меѓународната заедница и за наоѓање решение во конфликтот кој тлее над една деценија. Самиот претседател Хасан Рохани пак мора да успее да ја подобри економската ситуација, инаку, неговиот политички опстанок ќе биде загрозен.
Западот сака успех повеќе од кога било
На другата страна се интересите на западните преговарачки партнери: на американскиот претседател Барак Обама му е потребен успех во надворешната политика. Тој ги проби блокадите во контактите меѓу двете земји, кои траеа 25 години, од заземањето на американската амбасада во Техеран. На Обама му треба силен регионален партнер во борбата против терористичката милиција Исламска држава, која држи под контрола делови на Сирија и на Ирак и се заканува да го дестабилизира целиот регион. Европејците, пак, не сакаат ништо толку многу итно колку доказ дека нивната надворешна политика, мешавина од упорна дипломатија и консеквентни санкции, на крајот може да води кон успех.
А сега се чини дека оваа рунда разговори, водени веќе 12 години според принципот „тргни-застани“, повторно ќе заврши со одлагање. Минатиот ноември двете страни потпишаа рамковен договор, кој предвидуваше наоѓање решение во рок од шест месеци. Летоска не беше постигната спогодба, дадена беше уште половина година рок. А сега се чини-и овој последен рок може да биде продолжен за идната година. Секој еден, кој не го поседува безграничното трпение на професионалните дипломати, уште одамна ќе ги сметаше преговорите за апсурден театар.
Преговорите станаа цел за себе
Тоа е недостатокот на политика, која сака да дојде до резултат со дупчење многу мали дупки во дебела штица: по безбројни разговори, секој аргумент е слушнат илјада пати, двете страни се длабоко вкопани во своите позиции. За владата во Вашингтон успех значи Иран радикално да го намали облагородувањето ураниум. Целта е, на земјата да и‘ треба една година до потенцијално производство на атомска бомба, за Западот да има време да реагира.
За режимот во Техеран успех во преговорите значи токму спротивното: да задржи што е можно поголем број центрифуги со кои може да се произведе нуклеарно оружје. Зашто, Револуционерната гарда и тврдолинијашите во Техеран, како прашање на националната гордост ја издигнаа целта-Иран да се вброи меѓу атомските сили. Иако, оваа намера постојано е негирана. Но, минатите години Иран, чекор по чекор, драматично ја изгради својата нуклеарна способност. Западот во меѓувреме на Техеран му ги направи сите можни понуди за овозможување цивилно користење на атомската енергија. Иранското раководство напротив бара укинување на санкциите како еден вид предуслов и не сака да се повинува на контрола и позначајно ограничување на својот нуклеарен потенцијал.
Потребна ли е пауза во преговорите?
На оваа точка двете страни стојат со години, не смееме да се залажуваме „оти во многу прашања сме далеку едни од други“, вака германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер ја опиша ситуацијата. Значи, така е како што беше и претходно.
Некои аналитичари пред оваа рунда преговори беа уверени-влогот за двете страни е премногу висок за да дозволат да пропадне. Но, вечното пролонгирање на преговорите уште одамна не може да се толкува како позитивен сигнал. Се‘ додека внатрешните борби за превласт во Техеран оневозможуваат вистински напредок, можеби е поискрено преговорите повторно да бидат ставени на мраз. Се разбира, Западот не сака да го дестабилизира претседателот Рохани. Но, ако тој не може да се избори дома, бесцелна е желбата тој меѓународно да биде придобиен за партнер. На враќање на Иран во меѓународната заедница, негов однос со помалку омраза и идеологија и поголема разумна заедничка соработка, за жал, ќе треба да чекаме и натаму.