Новинарката на „Вијести“ Оливера Лакиќ е ранета од огнено оружје во десната потколеница од страна на непознат напаѓач, кој ја пречекал жртвата пред влезот на зградата во која живее. Лакиќ е надвор од животна опасност.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/R. Bozovic
Реклама
Основачот и косопственик на „Вијести“, Жељко Ивановиќ, за ДВ вели: „Ова е 25. физички напад врз новинари на 'Вијести' и врз наш имот по 25. изјава на шефот на режимот Ѓукановиќ против 'Вијести', со која нацрта мета на нашето чело и ја отвори новата сезона на лов на наши новинари и уредници. Сѐ додека Ѓукановиќ е господар и цар, 'Вијести' како најкредибилен медиум не само во Црна Гора, туку и во регионот, ќе трпи терор, зашто сите криминални групи за кои пишуваме ние и кои организираат вакви напади ќе бидат заштитени и недопирливи.“
Ова не е прв напад врз Оливера Лакиќ. Пред шест години на истото место ја нападна маж кој подоцна е пронајден и осуден. Меѓутоа, заканите не престанаа, па се поставува прашањето - дали тогаш не бил фатен само обичен пешак во мафијашката структура. Оливера Лакиќ живееше под полициска заштита две години и седум месеци. Извесно време веќе не се занимаваше со новинарство, но, иако трауматизирана, сепак ѝ се врати на својата професија.
„Без граници меѓу мафијата и државата“
Дека животот под полициска заштита не наликува ни одблиску на нормално секојдневие многу добро знае и новинарот Туфик Софтиќ. Во дворот на неговата семејна куќа во 2013 година е фрлена бомба, а неколку години претходно, брутално го претепаа на куќниот праг. Неговиот случај е наведен и во овогодишниот извештај на „Репортери без граници“, на чија листа Црна Гора со години е катастрофално пласирана - оваа година на 103. место.
Туфик Софтиќ, кој исто така со години живее под полициска заштита додека неговите напаѓачи слободно се шетаат низ градот, дознал дека неговата колешка е нападната токму на пат за Македонија, каде на собирот на ОБСЕ ќе зборува за загрозеноста на независните новинари и системот на неказнивост во Црна Гора. Тој за ДВ вели: „Во Црна Гора досега имаше десетици напади врз новинари, а расветлен не е ниту еден. Посебно не оние кои имаат политичка и криминална позадина. Во Црна Гора мафијата и државата сраснаа и тука веќе не се знае каде е границата. А политичарите, со изјави вперени против критички настроени новинари и медиуми, како што е последната изјава на Мило дека 'Вијести' се фашистички медиум, ги поттикнуваат криминалците да ги повторуваат нападите неказнето. Како Оливера или јас можеме по сѐ што се случи да се чувствуваме слободно и безбедно во оваа земја?“
Новинарот Туфик Софтиќ во болница по нападот во 2007 годинаФотографија: DW/M. Canka
ЕУ миже на едното око
По нападот врз Оливера Лакиќ почна ритуално колнење на полицијата и власта дека ќе направат сѐ за да бидат пронајдени извршителите. Поголемиот дел од критичката јавност во Црна Гора сосема загуби доверба во политичката волја да се застане на пат на неказнивоста на нападите врз луѓе од критички ориентираните медиуми. Европската Унија со праксата на мижење на едно око поради прозападниот курс на Ѓукановиќ, во очите на многу независни новинари е - соучесник.
Жељко Ивановиќ не ја крие својата огорченост. „Сега госпоѓа Могерини нека го пречека Ѓукановиќ во Брисел, силно нека го прегрне и многу нека го пофали за неговите европски вредности и стремежи, и за прогресот кој 'Монтенегро' го постигна во ЕУ-интеграциите. Значи, сѐ додека бриселските шефови ги сведуваат своите реакции и дејствување на изјави на сочувство со медиумите и изразување надеж дека 'надлежните органи ќе ги пронајдат напаѓачите и налогодавачите', независните медиуми ќе бидат глинени голуби и легитимни мети.“
Апсени, мачени, убивани
Поради тоа што ја работат својата работа, новинарите се на мета на влади, нарко банди или екстремисти. По повод светскиот ден на Слободата на медиумите потсетуваме на дел од нив, од Мексико преку Македонија до Бангладеш
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A.Naveed
Турција: Дениз Јуџел
Германско-турскиот новинар Дениз Јуџел од февруари 2017 година е во затвор во Турција. Обвинет е за ширење терористичка пропаганда и бунт. Докази за тоа не се доставени. И покрај острите критики од Германија, турскиот претседател Ердоган најави дека Јуџел нема да биде ослободен. Повеќе од 140 новинари се уапсени во земјата по неуспешниот пуч минатата година.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C.Merey
Русија: Николај Андрушченко
Непознато лице го претепа Андрушченко на улица во Санкт Петербург. На 19 април годинава, 73 годишникот им подлегна на повредите. Андрушченко пишуваше за кршење на човековите права и криминал. Во неговиот последен документарец говореше за тоа дека Владимир Путин на власт дошол благодарение на врските со криминалците и КГБ.
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Usov
Бангладеш: Авијит Рој
„Мукто- Мона“, „слободен дух“, така се викаше блогот на критичарот на Исламот Авијит Рој. За себе говореше дека е „секуларен хуманист“ поради што го предизвика бесот на исламистичките екстремисти во Бангладеш. Рој живееше во САД. Кога во февруари 2015 дојде на саем на книги во Дака, фанатици го расекоа со мачети. Блогерите се постојана мета на екстремистите во Бангладеш.
Фотографија: Getty Images/AFP/M. U. Zaman
Мексико: Мирослава Брич
На 23 март 2017, Мирослава Брич беше убиена со осум истрели во глава од платен убиец. Новинарката известуваше за корупција и злосторства на нарко-картелите. Убиецот оставил порака „За предавничката“. Брич е трета новинарка убиена во Мексико во март годинава.
Тој важеше за единствениот политички затвореник во Југоисточна Европа: Кежаровски се најде во неволја затоа што објави делови од интерен полициски извештај работејќи на расветлувањето на смртта на еден друг новинар.Во октомври 2013 година, по сомнителен судски процес, осуден е на четири и пол години затвор. Подоцна е осуден на две години куќен притвор, за што во моментов пишува книга.
Фотографија: DW/K. Blazevska
Ирак: Шифа Гарди
Репортерката Гарди загина на 25 февруари на боиштето во северен Ирак при експлозија на мина. Родената Ирачанка работеше за курдската новинска агенција Рудав во Ербил и известуваше за борбите меѓу ирачките сили и Исламската држава. Во околината на Мосул, терористите на ткн. Исламска држава постојано киднапираат, протеруваат и убиваат новинари.
Фотографија: picture alliance/dpa/AA/F. Ferec
Саудиска Арабија: Раиф Бадави
Саудискиот активист беше осуден на десет години затвор и 1.000 удари со камшик. Бадави е во затвор од 2012 година поради „навредување на Исламот“. Во јануари 2015 за првпат беше јавно камшикуван. Во светот беше покрената кампања за негово ослободување, а режимот ја суспендираше казната. Неговата сопруга Енсаф Хајдар и децата добија азил во Канада.
Фотографија: Imago/C. Ditsch
Узбекистан: Салијон Абдурахманов
Од 2008. година Абдурахманов е во затвор, поради наводно поседување дрога. Владата на критичарите им подметнува дрога за да ги замолчи, тврдат од организацијата Репортери без граници. Гревот на Абдурахманов е што за независни портали и за Гласот на Америка пишуваше за корупцијата, човековите права и заштита на животната средина.
Кина: Гао Ју
Новинари, блогери и активисти кои го критикуваат режимот, во Кина се под голем притисок. Така и поранешната соработничка на Дојче Веле беше уапсена во 2014 година. Поради наводно објавување на државни тајни во 2015 беше осудена на седум години затвор. Благодарение на меѓународниот притисок пуштена е од затвор и казната ја издржува во домашен притвор.
Фотографија: DW
Азербејџан: Мехман Хусеинов
Тој објавува политички интернет магазин во кој пишува за корупција и кршење на човековите права. Мехмед Хусеинов е еден од најпопуларните видео блогери во Азербејџан. Со кампањата „Лов на корумпирани функционери“ обвинува високи функционери на Азербејџан за корупција. Повеќе пати е изложуван на закани, а во март 2017 е осуден на две години затвор поради клевета.