Повторно уапсени Германци во Турција
11 септември 2017Министерството за надворешни работи на Германија има конкретни сознанија „дека во Истанбул во полициски притвор е повторно уапсена германска брачна двојка со турско потекло“, информираше портпаролот на германското МНР, Мартин Шефер.
Официјални информации од турска страна досега нема, меѓутоа се смета дека едниот од двајцата вчера уапсени сопружници е сѐ уште во рацете на турската полиција. Против второ лице е изречена забрана за напуштање на Турција, додаде Шефер во Берлин.
На прашањето дали Министерството за надворешни работи ќе упати предупредување за патување во Турција, портпаролот одговори дека тоа засега не се планира. Укажувањата на МНР за патување и безбедност на граѓаните не смеат да се злоупотребуваат за политички цели, подвлече Шефер, кој додаде дека не може да исклучи заострување на предупредувањата во иднина.
На крајот на август една германска брачна двојка со турски корени беше уапсена на аеродромот во Анталија. Нивниот адвокат подоцна на германското МНР му соопштил дека жената била ослободена. Двајцата сопружници биле обвинети дека имаат врски со движењето на Ѓулен кое од турската влада е обвинето дека стои зад неуспешниот обид за пуч во 2016 година.
Овој случај ја заостри дебатата во Германија за натамошно заострување на курсот кон Турција. Турската влада во саботата изрече „Предупредување за патување за Сојузна Република Германија“. Со него турското МНР им препорачува на Турците кои живеат во Германија или кои патуваат во оваа земја да бидат „внимателни“. Ваквиот чекор се гледа како возвратна мерка на заострувањето на предупредувањето за патување во Турција, кое германото МНР го издаде минатата недела.