1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Погледот на германското стопанство се врти кон Македонија

24 ноември 2011

Македонскиот премиер Никола Груевски со најблиските соработници од економската сфера со денешниот македонски Бизнис форум во Диселдорф го заврши т.н. Роуд шоу. Германските стопанственици покажаа интерес.

Фотографија: AP

Како и претходно во Виена и Минхен, македонската делегација и во Диселдорф ги презентира компаративните предности што ги нуди Македонија со цел да ги убеди присутните претставници на германското стопанство дека Македонија е поволна дестинација за инвестирање германски капитал.

Груевски оптимист за инвестициите во следната година

По Форумот, премиерот Груевски искажа задоволство од тоа како поминала презентацијата и разговорите на сите три места. Тој не наведе ниеден конкретен пример на договорена зделка, но навести дека најмалку пет-шест фирми покажале повеќе од обично интересирање и дека фактички може да се очекува да бидат наредни инвеститори во Македонија.

Македонскиот премиер Никола ГруевскиФотографија: Petr Stojanovski

„Не е битно дали станува збор за мали или средни претпријатија, или светски концерни кои би инвестирале во Македонија, битно е колку работни места би отвориле тие во Македонија“, изјави за Дојче веле премиерот Груевски. И покрај опасноста, Груевски смета дека нема да дојде до рецесија и економска криза во наредната година што би го попречило инсвестирањето во Македонија, посебно не кога е во прашање германското стопанство.

Германските стопанственици се заинтересирани за Македонија

Од германска страна е навестен конкретен интерес за ангажман во текстилната област-во Македонија да се прават производи на познати германски брендови за пазарите во Кина и Русија. Интерес постои и од областа на енергетиката.

Погледот од германското стопанство како навистина полека да се врти кон Македонија. На Форумот во Диселдроф на пример беше присутен и поранешниот германски сојузен министер за внатрешни работи Ото Шили, кој сега има консултантска фирма и за Дојче веле ја пренесе оценката дека условите што ги нуди Македонија би можеле да бидат интересни за германските стопанственици. Шили покрај енергетиката уште ги спомна и индустријата за преработка на земјоделски производи, како и хром и други суровини, како области во кои Германците би биле посебно заинтересирани.

Автор: Зоран Јордановски

Редактор: Ж.Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми