1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови права

Поголема заштита на личните податоци во ЕУ

Хеле Јепесен
25 мај 2018

Досега корисниците имаа малку контрола над личните податоци кои им се меморирани, се препродаваат или предаваат на трета страна. Со новата директива треба да се подобри заштитата на личните податоци на граѓаните.

Symbolbild Digitale Welt
Фотографија: Imago/Schöning

Дали купувате онлајн? Користите месинџер, апликации на смартфон или пак социјални мрежи? Сте размислувале ли некогаш што се случува со вашите лични податоци? Со новата директива граѓаните на ЕУ од 25 мај се подобро заштитени од злоупотреба на нивните податоци. Тие имаат право да дознаат кои податоци им се сочувани и што се случува со нив. „За мене како потрошувач е важно да ги знам правата на засегнатите кои произлегуваат од директивата“, вели Кристине Штефен, експерт за заштита на лични податоци при Централата за заштита на потрошувачите на Северна Рајна Вестфалија. „Тие се движат од право на информација за забрана за чување на податоците, поправка на грешни податоци, како и право на бришење на податоците."

Ново е тоа што потрошувачите кај понудувачот може да побараат увид во личните податоци што ги прибира, во лесно рабирлива и детална форма.

„Понудувачот мора да даде информација и за тоа за која цел ги чува податоците, колку долго се чуваат, дали се изработува профил и дали податоците се препраќаат на трета земја“, вели правничката во интервју за ДВ.

Заштита на податоци во цела ЕУ

Директивата не цели само кон заштита на граѓаните, туку и кон обезбедување на исти услови за конкуренцијата во рамки на цела ЕУ. До 25 мај 2018 секоја земја имаше сопствена регулатива за заштита на лични податоци, која се базираше на директива на ЕУ од 1995 година, но сепак се разликуваше од земја до земја. Големите концерни како Мајкрософт или Фејсбук ги користеа разликите во регулативите и своите европски централи ги поставуваа на пример во Ирска каде заштитата на податоци се интерпретираше повеќе во корист на економијата, а помалку за заштита на погодените граѓани. Тоа сега треба да заврши, иако и натаму постои маневарски простор  за поединечните земји членки на ЕУ, сепак нивните национални регулативи мора да ги следат 99-те члена од европската директива. „Генерално на правилата мора да се приддржат и компаниите чие седиште не е во ЕУ“, вели експертот Штефен.

Фотографија: Fotolia/m.schuckart

„Можам како граѓанин да побарам да ме информираат кои мерки ги презел понудувачот на некоја услуга за личните податоци  да не се најдат во некоја трета земја, односно и таму бидат третирани во согласност со регулативата за заштита на податоците."

Бесплатна информација

Информацијата за тоа мора да биде бесплатна и да биде достапна во рок од најмногу еден месец, а по исклучок до три месеца. Во спротивно потрошувачите може да се обратат до регионалните или европските власти за заштита на податоците и да си го остварата правото на информација по судски пат. При повреди на регулативата за заштита на податоците на компаниите им се закануваат парични казни до 20 милиони евра или 4 проценти од глобалниот годишен промет што го остварува компанијата. Тоа се суми кои дури и за концерни како Фејсбук или Гугл се застрашувачки.

Колку приватни се моите лични податоци?

Лајтмотивот на новата директива е дека обработката на лични податоци е генерално забранета. Потоа следат исклучоците: секој кој обработува туѓи податоци мора да докаже дека тоа е нужно за неговата работа и дека не прибира повеќе информации од потребното. Многу експерти и потрошувачи ја поздравуваат новата директива. „Граѓанинот добива извесна контрола и увид во личните податоци кои друг ги собира. Тоа е основната идеја на оваа директива која поради тој факт е многу позитивна", вели претприемачот, научник и автор Ларс Јегер. Тој меѓу другото е автор на книгата „Суперсила наука”, која го тематизира екстремно брзиот технолошки развој на дигиталниот свет.

„Прашање е само дали заштита на податоците ќе биде обезбедена во доволна мерка? Тоа ќе се покаже, но мислам дека со ова се прави чекор во вистински правец. Компаниите веќе не ќе можат во однос на ова прашање да си прават што си сакаат“.

Јегер во интервју за ДВ истакнува дека сепак технолошкиот развој е толку брз што законодавците веќе не можат да држат чекор. Ниту на потрошувачите, ниту на корисниците не им е јасно колкави размери има добиено користењето на Big Data.

Немаат што да кријат?

Многу луѓе со негрижа се однесуваат спрема своите податоци; без разлика дали станува збор за нивната ИП адреса или пак податоци за нивните корисници, кредитни картички или на разни онлајн портали, каде се чуваат лични податоци. На пример бонус бодовите кои при секое купување ги собираат купувачите не се користат само за таква евиденција.

„На човек треба да му е јасно дека тој што прибира податоци има неверојатно голем увид во информации за мојата личност, за мојот карактер, за моите склоности и особини. Тоа понатаму го користи за себе, што не секогаш е во корист и на засегнатиот“, вели Јегер.

Ставот дека „и онака немам ништо за криење, затоа и ми е гајле дали ми ги чуваат податоците“, Јегер го смета за многу наивен. Тој посочува во овој контекст на авторитарните држави и можностите кои денес стојат на располагање за следење на луѓето.

Дигитален надзор во Кина

„Комбинацијата од авторитарна држава и технолошка суперсила во обработката на податоци е нешто неверојатно ужасно“, вели Јегер во интервју за ДВ и ја посочува Кина како пример.

Фотографија: Imago/R. Peters

„Таму веќе постојат кредитни системи. Однесувањето на граѓаните на интернет или во потрошувачката се мери и потоа граѓанинот добива бодови од државата. Ако не му е добар просекот, него го ограничуваат во неговите слободи се до таму да не смее да патува или пак се соочува со одредени бирократски пречки. Во Кина веќе се гледа колку е ужасно кога ја губиме контролата над нашите податоци“.

Најмалку што може

Дури и ако не живеете во таква држава, сепак треба да размислите колку информации за себе споделувате. „Наједноставното нешто е што ве малтретираат со реклами. Најлошото е што кога се движите низ интернет, еве да речеме на страници за пронаоѓање љубовни партнери, откривате сексуални предиспозиции сосема транспарентно", предупредува Јегер. „Мислам дека треба да се биде исклучително скептичен“.

И правната експертка за заштита на потрошувачи, Штефен, вели дека треба да се биде многу внимателен, особено кога се потпишуваат условите на понудувачите кои овие недели ќе ги добијат портрошувачите.

„Може да се случи да ви даваат повеќе права на користење одредени услуги отколку што било до сега случајот, но токму во тој случај треба особено детално да ги прочитате останатите услови кои ви ги подметнуваат“.

Нејзиниот совет од аспект на заштита на потошувачите гласи дека човек секогаш треба да биде многу внимателен со податоците кои ги става на располагање.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми