Поголемо иселување, отколку доселување во Германија
26 март 2011
Ваков став застапуваат повеќемина политичари од редовите на Унијата задолжени за внатрешна политика, образование и социјала. „Во јужна и источна Европа има голем број невработени млади луѓе на кои им е потребна работа“, изјави претседателот на владејачката ЦДУ Михаел Фукс. Ваквата идеја на политичарите произлезе поради тоа што ЕУ од оваа година воведува целосна слобода за работа во земјите на Европската унија. Работоспособните во иднина ќе можат без никакви законски ограничувања да работат во некоја од земјите-членки на ЕУ.
ЕУ целосно го отвора пазарот на труд за своите граѓани
„Подобро е да донесеме работна сила од Европа во Германија, отколку повторно да правиме измени во законот за доселување, кој ќе важи за граѓаните од различни делови на светот“, изјави политичарот на ЦСУ задолжен за областа на социјалата Макс Штаубингер. И канцеларката Ангела Меркел е исто така отворена за ваквиот предлог. Таа сака оваа тема да ја стави на дневниот ред на следните германско-шпански владини консултации, пишува германскиот неделник „Шпигел“. Од први мај годинава се отвора германскиот пазар за труд и за граѓаните на осум земји-членки: Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Словачка, Словенија, Чешка и Унгарија. Овие поволности нема да важат за граѓаните од Бугарија и Унгарија. За нив ограничувањата на пазарот за труд ќе се укинат најдоцна до 2013 година.
Во 2009 година се иселиле повеќе луѓе од Германија отколку што се доселиле
Според годишниот извештај за миграција бројот одселени лица е за 12.800 поголем од бројот на оние кои се доселиле во земјата во истиот период. Нивниот број во 2008 година бил уште поголем 56.000. Во извештајот се наведува дека вкупниот број на доселеници во земјата е драстично намален. Околу 35 проценти од странците во Германија се жители на некоја земја-членка на Унијата, а најголемата група на странци ја сочинуваат Турците со дури 24,8 проценти. Меѓутоа, веќе четири години последовно повеќе Турци се иселуваат од Германија, отколку што се доселуваат.
Автор: БОМ / ГЧ / афп,епд
Редактор: Александра Трајковска