Поголем одзив на локалните избори
5 април 2009Повеќе од милион и седумстотини илјади избирачи се очекува денеска да изберат шеф на државата и градоначалници во преостанатите 43 општини, во кои не беа избрани пред две седмици во првиот круг. Државната изборна комисија го соопшти одзивот до 10 часот. На претседателските избори гласале 7, 27 проценти од гласачите. На локалните избори одзивот до 10 часот е 8, 59 проценти од избирачите, објави на денешната прва прес-конференција претседателот на Државната изборна комисија Александар Новаковски.
ДИК констатирала само задоцнет старт на гласањето во одредени избирачки места
Повеќе неизвесни трки за градоначалник
Според информациите од теренот во некои места се гласа само за градоначалници а гласачката кутија за избор на претседател е празна. Таков е случајот во скопско Арачиново барем во досегашниот тек од изборниот ден. Во поголемиот број од гласачките места изброите се одвиваат во најдобар ред.
Малите неправилности предизвикани од доцниот старт на изборите во некои места ги констатираа и набљудувачите на граѓанската асоцијација, „Мост“.
Најнеизвесна е изборната трка за градоначалник во Тетово, Гостивар, Струга, Охрид, Велес, Делчево како и во скопските општини Карпош и Центар. За да успеат претседателските избори односно да биде избран шеф на државата неопходна е излезност од најмалку 40 проценти од вкупниот број гласачи.
Автор: Горан Петревски
Редактор: Симе Недевски