Поголем пораст или натамошно штедење - во кој правец ќе тргне ЕУ?
29 април 2013Кога станува збор за средствата за борба против финансиската криза во изминатите години постојано се велеше: штедење, штедење и повторно штедење. Намалувањето на давачките важеше како патент-рецепт за да се стабилизираат земјите во криза. Сите држави кои побараа финансиска помош од ЕУ се обврзаа дека ќе внимаваат на секое евро. Пред се’ Германија се залагаше за буџетска дисциплина и успеа со својот став да им се спротивстави на противниците на оваа политика во јужните држави на ЕУ, кои бараат повеќе инвестиции, за на тој начин да го поттикнат порастот.
Невработеноста и натаму на рекордно ниво
Сега се навестува промена на ставот. Се’ повеќе политичари се’ почесто говорат за одвраќање од чистите мерки за штедење. Ваквата промена на ставот се наметнува не само поради гневните граѓани кои демонстрираат во европските градови на кризните држави против кратењата и отпуштањата, туку и поради лошите економски показатели.
Невработеноста во еврозоната се искачи на рекордни 12 проценти, порастот никако да застане на нозе и инвеститорите ги одбегнуваат кризните држави. До крајот на 2012 година стопанството бележи опаѓање пет квартали по ред. Поголемиот број економисти за првиот квартал годинава повторно очекуваат намалување на стопанскиот учинок. ММФ исто така не гледа подобрување и смета на натамошен пад за целата 2013 година.
Баросо се залага за политика за пораст
Пред неколку дена претседателот на Комисијата на ЕУ, Жозе Мануел Баросо, го привлече вниманието кога на конференција ов Брисел во преден план ги стави мерките за пораст: „Она што ни е потребно е одржлив развој, кој ќе се потпира на силна конкурентност во Европа“. Во овој контекст тој ги пофали напорите на Грција, Шпанија и Португалија за намалување на долговите. Тие се неопходни, но би морале да бидат надополнети со мерки, кои ќе донесат пораст и тоа исто така и краткорочно. Баросо притоа ја нагласи потребата за создавање на клима на доверба, оти без неа нема инвестиции.
На истата конференција и претстедателот на Советот на ЕУ Херман ван Ромпој застана на линија на Баросо: „Потребни ни се повеќе итни мерки за создавање на работни места и за поттикнување на стопанството“. Исто така и кај претседателот на Советот на ЕУ политиката на штедење паѓа во втор план.
Реакциите на ова се жестоки, пред се‘ од германска страна. Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле на маргините на НАТО-средбата во Брисел предупреди од враќање „кон старата политика на создавање долгови“. Со ова масовната невработеност во Европа би била зацементирана за многу години. „Порастот не може да се купи со нови долгови“, туку порастот и политиката на консолидирање се две страни на еден ист медал.
Европа не смее да си прави илузии
Исто така и германски стопански научници предупредија од прерано напуштање на курсот на штедење. „Мислам дека г-дин Баросо би бил добро советуван, да не ги заборави притисоците под кои работат министрите за финансии во Европа“, изјави Хериберт Дитер од фондацијата Наука и политика во Берлин во разговор за ДВ. „Европа нема шанси повторно да тргне по патот на одржлив пораст, ако има илузии дека без штедење би имало стабилен економски развој“.
Шефот на Институтот на германското стопанство Михаел Хитер не гледа потреба Германија да го менува финансиско-политичкиот курс. Исто и поради тоа што од германското стопанство би поттикнале важни импулси за останатите ЕУ-држави. На кризните ЕУ-држави меѓутоа барем би можело да им се даде повеќе време за консолидација, смета Хитер.
Притискот врз канцеларката расте
Станува очигледно дека во светот расте повикот за промена на европските кризни мерки. Измината недела ММФ повторно препорача да се олабават барањата за штедење. Слични изјави речиси постојано можат да се слушнат од владите надвор од ЕУ. Тие стравуваат дека самоограничувањето на Европејците ќе го успори и опоравувањето на светската економија и во најлош случај ќе заврши во надолен тренд. Речиси секогаш со ова се поврзани и зборови со опомена до Германија, да не се придржува до бастионот за штедење.
Дали германската канцеларка Ангела Меркел би можела да падне во изолација, ако од Брисел и другите главни градови доаѓа се’ повеќе отпор? „Не верувам дека ќе западне во таква ситуација“, прогнозира Хербиерт Дитер од фондацијата Наука и политика, бидејќи не само во Германија туку и во други, пред се’ северноевропски земји во широки кругови на населението преовладува мислењето дека консолидацијата на државните буџети е неопходна.
Шпанија бара повеќе пари
Поинакво гледиште имаат пред се’ кризните држави на еврозоната, на пример Шпанија. Таму се’ повеќе се намалува подготвеност за економските кратења. Шпанскиот министер за финансии Луис де Гиндос во Мадрид појасни, буџетските планови, кои неговата земја ќе ги предложи, акцентот го ставаат повеќе на економскиот подем отколку на натамошни штедења.