1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Погрешни формули за Косово

28 мај 2004

Германскиот печат ја анализира ситуацијата во покраината

Од мартовските немири
Од мартовските немириФотографија: AP

Германскиот Бундестаг , вчера го продолжи мандатот на својата армија, Бундесверот во рамките на КФОР , иако владејачките партии го одбија барањето на опозиционерите да се преиспита политиката на меѓународната заедница во покраината. Ова но и заминувањето од функцијата на шефот на УНМИК , Хари Холкери , го поттикнаа германскиот печат на анализа на ситуацијата во покраината

Весникот Франкфуртер Алгемајне Цајтунг истакнува:

“Таму веќе пет години постои меѓународно воено присуство , но изгледите за мирна иднина и натаму не станаа поконкретни. Напротив , повеќе може да се каже дека најновите изливи на насилство во март годинава покажаа оти конфликтот е само замрзнат и дека спротиставените страни биле замолчени само поради меѓународниот притисок и тактички причини. Повеќе од неизвесно е дали европската перспектива за Балканот , за која постојано се залага министерот за надворешни работи на Германија, Јошка Фишер , ќе отвори нови хоризонти во регионот во кој политичката култура од западен тип, едвам се развила бидејќи и натаму се доминантни атавистички облици на национализам. Опозиционата Унија се залага владата да го преиспита политичкиот концепт за Косово. Тоа тешко дека ќе биде можно , бидејќи таков концепт всушностт воопшто нема. Формулите за кои досега се одлучуваше меѓународната заедница , не можат да ја прикријат општата збунетост”.- смета коментаторот на Франкфуртер Алгемајне Цајтунг.

Во Зидојче Цајтунг од Минхен пак на оваа тема читаме:

“Не е можно од денес за утре да бидат изградени структури кои овозможуваат макар малку слободен живот, и тоа во општество кое такво нештоо не познавало. Политичарите досега не сакаа на оваа вистина да и погледнат во очи. Нормално дека овој ангажман мора постојано да биде преиспитуван. И тука истотака лежи причината за неуспехот на Косово. Со други зборови недостасува јасна перспектива. Тоа важи и за целокупната управа на ОН на Косово но особено за присуството на Бундесверот . мартовските нереди таму предизвикаа шок. Тие покажаа дека Бундесверот по пет години својата работа не ја извршил онака , како што и самиот посакувал. Вредно за внимание е и тоа што инжинерските единици помагаат во обновата. Но што вреди тоа , кога германските мировни сили во случаи на тешки повреди на законите не интервенираат или неможат да интервенираат затоа што се изненадени ? Тие не се опремени за полициски задачи. Тие недостатоци се познати. Најавено е оти ќе бидат отстранети.”- потсетува Зидојче цајтунг.

За оставката на шефот на УНМИК , Хари Холкери, весникот “Франкфуртер рундшау” пишува:

“Уште кога стапуваше на должност , тој беше критикуван дека е стар и оти не го познава Балканот, што ни самиот не го криеше.Но,од самодисиплината и чесноста на овој човек многумина беа воодушевени. Уверен дека надминувањето на секој судир започнува со преговори , Холкери непосредно пред доаѓањето и покрај силниот отпор го покрена дијалогот Белград – Приштина.

Тој проект меѓутоа не напредуваше . Тешко бреме претставуваше и застојот во приватизацијата на оптествените претпријатија , па косовските Албанци , на крајот го прогласија Холкери за главен виновник за очајната економска ситуација. Мартовските погроми не само што разоткрија колку бајковидно звучеа приказните за мултиетничко Косово , туку фрлија и остро светло на фактот , колку протекторатот на Обединетите Нации е неефикасен во заштитата на своите жители. Сега се очекува новиот султан.

Неговите главни задачи ќе бидат да ги поправи разнишаните односи меѓу УНМИК и локалните партнери, да овозможи заштита на малцинствата по пат на децентрализација и до 2005-та да ги подобри стандардите на демократијата и на правната држава , со цел дискусијата околу статусот на Косово да може да започне. Но тие задачи , се всушност , нерешливи”- песимистичен е коментаторот на Франкфуртер Рундшау.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми