Подготвена ли е Македонија за визна либерализација?
20 јануари 2009Контролата на европските експерти почна во Министерството за внатрешни работи, а до петок тие ќе ги посетат и останатите надлежни институции. Домаќините во Скопје спокојно ја дочекаа контролната мисија. Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, вели дека Македонија е подготвена за визна либерализација.
„Клучните критериуми одамна се исполнети во целост. Сега само треба соодветно да ги претставиме нашите достигнувања за кога ќе дојде моментот да донесат одлука, на располагање да ги имаат сите факти“, изјави министерката за внатрешни работи за државната телевизија. Освен за заштитата на личните документи, Европската комисија е заинтересирана за безбедносната состојба во земјата, како и за резултатите од борбата со криминалот и корупцијата.
Уште една контролна мисија во февруари
Тогаш ќе бидат оценувани достигнувањата на Македонија во делот на граничното управување, барањата за азил и миграција. Потоа, на крајот на март, ако претстојните избори во Македонија бидат одржани според меѓународните стандарди, Европската комисија треба да препорача визна либерализација за Македонија. Укинувањето на визите треба да биде изгласано во Советот на министрите за што е потребно двотретинско мнозинство.
Група студенти заминаа за Брисел за да го поддржат процесот за уривање на шенгенскиот ѕид. Педесетина млади активисти од проектот „Виза нема шанси“, во престолнината на Унијата ќе се сретнат со словенечки европарламентарци и еврокомесари. Ќе им предадат на надлежните петиција од 17 илјади потписи во кои се бара укинување на визите за македонските граѓани.
Од почетокот на 2008 година визниот режим помеѓу Македонија и земјите од ЕУ е олеснет, но истражувањата покажаа дека луѓето не се задоволни. Напротив, се жалат дека редиците и малтретрирањата во странските амбасади се се' поголеми.