1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Подготвени за убивање“

Адреа Грунау / превод: М.Маркоска2 март 2015

Зошто младите Германци заминуваат во џихад? Наставничката по религија и истражувач на исламот, Ламија Кадор, во интервју за ДВ зборува за својата книга и искуствата со поранешните ученици кои заминале за Сирија.

Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

ДВ: Вашата книга „Подготвени за убивање” се занимава со причините за тоа зошто младите Германци заминуваат во џихад. Како наставничка по исламска религија во Динслакен го доживеавте заминувањето во Сирија на петмина Ваши поранешни ученици. Во книгата ги нарекувате „всушност добро познати и симпатични луѓе.” Што се случи?

Ламија Кадор: Тие не се гледаат себеси како целосно прифатени членови во ова општество. Чувството дека не си признат е фатално во периодот на трагање по личниот идентитет. Со тоа ги исполниле сите услови за да станат жртви на ловците на луѓе. Станува опасно кога младите ќе наидат на вакви лоши харизматични личности, кои им кажуваат дека се признати, а не „лузери“.

Радикалниот салафизам се залага за екстремно насилство. Вие зборувате за симпатични момчиња - како тоа може да оди заедно?

Кадор: Се работи за шизофренија. Ако се занимавате со нив, тоа беа навистина многу симпатични момчиња. Се радикализираа по школувањето, со години веќе не им предавав. Дојде до израз нивната растргнатост, нивното талкање меѓу тоа да се биде муслиман и Германец. Не беа многу религиозни, повеќе беа лаицистички ориентирани. Подоцна се претворија во екстремисти, наводно многу побожни, со поглед на светот и размислување само во категориите пријател и непријател. Интернетот во тоа има голем удел. Тој служи за радикализирање на многумина млади. Исто така сметам дека улога игра и фантазијата на семоќност - одеднаш самиот си закон. Тие мислат дека во Сирија или Ирак можат да ја сменат, како што сметаат, неправдата која ја чувствуваат овде. Тоа е сосема погрешно размислување, но се работи за идеологизирана младина.

Значи во тој случај екстремното насилство нема застрашувачко дејство, туку делува примамливо?

Кадор: Да, особено кога во младите се втиснати дискриминацијата и фрустрацијата, кога веќе на осум, девет години им е јасно дека животот им е многу потежок затоа што потекнуваат од социјално загрозени фамилии, социјално загрозени населби. Кога родителите не успеале да ја подобрат состојбата, кога семејствата потфрлаат, тогаш државата мора да се грижи за овие млади преку образованието и социјалната работа. Салафистите едноставно се понекогаш подобри социјални работници, имаат подобар пристап кон младите. Државата мора да стори повеќе за децата со миргантско потекло да имаат еднакви образовни шанси. И муслиманите и мнозинството во општеството мораат конечно да сфатат дека денес да се биде Германец исто така може да значи и да се биде муслиман. Ние мора повеќе превентивно да работиме, наместо постојано да се бориме против симптомите со помош на законски промени. Дел од таа превентивна работа е и унапредувањето на рамноправноста.

Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Roessler

Четворица од петтемина млади се вратија дома. Што им рековте?

Кадор: Беа прилично збркани кога ги сретнав, се срамеа. Рекоа: „Мислевме дека е исправно, зашто сакавме да го браниме исламот.“ Потоа и самите не го разбирале сето тоа. Сите велеа: „Тоа беше погрешно”. Toa ме смири. Не биле долго во Сирија, немаа воено искуство.

Пишувате за „џихад-романтика“. Што подразбирате под тоа?

Кадор: Девојчињата се повеќе жртви на оваа „џихад-романтика“ од момчињата. Ним им велат: „Таму ќе бидете честити сопруги. Вие се мажите за џихадисти и вашите сопрузи се величествени јунаци, кои еден ден ќе станат маченици. Што има од тоа поубаво пред Господ?“ Некои млади девојки тоа го разбираат како бунт против родителите. Тие претходно дефинитивно не живееле така, родителите се шокирани од ваквото однесување.

Заминувањето во џихад значи не е борба меѓу културите, туку младински протест?

Кадор: Не, кај идеолозите на салафистичката сцена не е така, но кај повеќето нивни приврзаници дефинитивно е така. Целиот политички, како и џихадистички салафизам наоѓа перфектен одзив кај младите. Со што може подобро да се провоцира германското општество, кое го чувствуваат како неправедно, ако не со вакво движење? Во овој поглед јасно станува збор за протестно движење. Младите ги поврзува определена музика, иста облека, момчињата пуштаат бради. Голем дел од оваа идеологија е ориентиран кон младината. Тоа е она што го прави салафизмот толку опасен.

Книгата на Ламија Кадор „Подготвени за убивање“ излезе од печат во февруари 2015.

Како можат младите луѓе подобро да се „вакцинираат“ од екстремизам и насилство?

Кадор: Сигурно по пат на религиозно просветување. Не постои само еден вистински ислам, како што пропагираат салафистите. Како научници кои се занимаваат со исламот знаеме дека уште од почетокот постоеле различни толкувања на Коранот. На младите мора да им се објасни како работат салафистите, што сакаат од нив, што е целта на рекреативните активности што ги нудат или на разговорите. Не треба да се паѓа во шема на размислување „црно-бело“, „пријател-непријател“, „верник-атеист“. Треба да се биде критичен.

Властите предупредуваат од повратниците од Сирија или Ирак. Како треба да се постапува со нив?

Кадор: Мора да се следат, за да се открие дали се‘ уште се идеологизирани млади, подготвени на насилство, кои сакаат овде да извршат напад. Дезилузионираните можеме најверојатно релативно добро да ги ресоцијализираме, пред сé ако не останале долго во Сирија. Кај идеологизираните потребни се програми за дерадикализирање. Неопходно е младите да се набљудуваат подолго време и да се просветуваат.

Ламија Кадор е наставничка по религија, истражувач на исламот и претседател на Либерално-исламскиот сојуз. Родена е како ќерка на сириски доселеници во Германија. Нејзината книга „Подготвени за убиство. Зошто младите Германци заминуваат во џихад” е објавена во февруари 2015.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми