1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подготовка за Гуливеровите патувања Софија-Скопје

11 февруари 2022

Во Скопје ќе се разговара за можноста од март да функционира авиолинија меѓу бугарската и македонската престолнина. Интерес за ова изразила авиокомпанијата „Гуливер“.

Flughafen Skopje in Nordmazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

На Меѓународниот аеродром - Скопје денеска ќе слета авион од Софија на авиокомпанијата „Гуливер“ (GullivAir) а со него ќе пристигнат бугарскиот и македонскиот министер за транспорт и врски, Николај Сабев и Благој Бочварски (кои вчера имаа средба во  Софија),  новинари и голем број бугарски туроператори. На средба во Клубот на пратениците заедно со македонските туроператори и претставници на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), ќе ја оценуваат можноста и ќе ги договараат деталите како оваа авиолинија од март да стане редовна практика на релација Софија- Скопје. Македонскиот министер за транспорт, Благој Бочварски, вели дека ќе се разговара за сите опции кои ќе понудат повеќе можности за  сообраќајно и туристичко поврзување.

„Оваа линија треба да профункционира без субвенции и да има бизнис логика. Идејата е, таа авиолинија да се поврзе со трета дестинација, и затоа очекуваме на денешната средба да слушнеме предлози од туроператорите - за која трета дестинција постои најмногу интерес? Деновиве имаше многу прашања - дали таа авиолинија е исплатлива, дали е потребна? Потребна е, секогаш треба да има повеќе можности за граѓаните“, вели Бочварски за ДВ.

Повеќе од локално поврзување

Можностите може да бидат многу поголеми од патувањето на релација Скопје-Софија, ако се има предвид дека авиокомпанијата „Гуливер“ која изразила интерес за оваа авиолинија, од лани во март има одобрение за директни летови до Њујорк и Торонто. Пред два дена бугарската влада го назначи „Гуливер“ за авиопревозник на воздушната линија до Тајланд (Софија - Бангкок - Софија) и до Малдиви (Софија - Мале - Софија) два пати седмично, во петок и недела. Оваа авиокомпанија претходно имала овластување и за летови до Каиро и Њу Делхи, а на домашен терен ја реализира внатрешната авиолинија Софија - Бургас.

Дали ќе заживее врската со  Скопје? Последен пат авиолинија Софија - Скопје функционираше меѓу 2007 и 2009 година, во еден период и со трета дестинација Софија - Скопје - Загреб, но беше прекината од авиопревозникот. Денеска треба да се разгледа која трета дестинација би можела да биде важна за рентабилноста, а според бугарски медиуми, можно е тоа да бидат Тирана и/или Солун.

Македонскиот министер за транспорт, Благој Бочварски: Се разговара за повеќе можности за сообраќајно и туристичко поврзувањеФотографија: Regierung Nordmazedoniens

„Компанијата планира да воведе летови не само од Скопје, туку и од други аеродроми на Балканот - Тирана и Солун, за да ја гарантира исполнетоста на 335-те седишта на нејзините три авиони Ербас А330-200, кои првично ќе летаат до ‘Џон.Ф. Кенеди’ во Њујорк, на почетокот два пати неделно - во среда и петок. Дури и да се полупразни авионите на кратките линии на Балканот, ќе биде загарантирана исполнетоста на директните прекуокеански летови. За да имаат економска смисла кратките летови, ќе бидат користени мали авиони. ‘Гуливер’ има двомоторен европски АТR-72, а цената ќе биде до 50 евра“, објави неодамна весникот „Сега“.

„GullivAir“ е основанa во 2001 година од Јанко Иванов, кој е нејзин управител, а започнала со работа во јануари 2002 година со летови од Софија до Велика Британија за потребите на туроператорот „Balkan Holidays Services“. Според бугарските медиуми, 49,1% од капиталот на компанијата е во сопственост „Balkan Holidays Services“, 28,9% на лихтенштајнската компанија „BHC Ansalt“ и 22% во сопственост на управителот Иванов.

Соработка меѓу цивилното воздухопловство

Очекувањата се денеска да се искристализираат предлози и од македонските туроператори, а Министерството за транспорт минатата недела веќе имало воведен состанок со нив, за да ги запознае со целите на денешната средба. На неа ќе присуствуваат и директорот на македонската Агенција за цивилно воздухопловство (АЦВ), д-р Томислав Тунтев и неговиот бугарски колега, и ќе разговараат за прашања од нивниот делокруг на работа.

„Со директорот на бугарските цивилни воздухопловни власти ќе разговараме за неколку актуелни теми што се од заеднички интерес, а што произлегуваат од Меморандумот за меѓусебна соработка што беше потпишан на 4-ти декември 2019 година“, објаснува Тунтев за ДВ.

„Станува збор за организирање и реализација на заеднички инспекциски надзори врз субјектите во авиоиндустријата од воздухопловните инспектори во двете држави, во областа на безбедноста на воздушниот сообраќај на аеродромите, летачките операции, навигацијата и обезбедувањето. Ќе разговараме за присуство во вежбовни активности од областа на SAR/Sec (Search and rescue и Security), ќе бидат разгледани можностите и условите за вклучување на македонски експерти во вежбовните активности што наесен ќе се организираат од надлежните тела во  Бугарија во областа на потрага и спасување, како и во областа на обезбедувањето од дејствија на незаконско постапување во воздушниот сообраќај“, вели директорот на АЦВ.

Тема на средбата ќе бидат и заеднички инспекции (SAFA) од страна на македонските и бугарските инспектори на аеродромите во двете држави, и размена на искуства во таа област во согласност со правилата на EASA (EU Aviation Safety Agency).

„Ќе ја договориме и нашата следна средба, која би требало да ја одржиме во мај во Софија, со цел продолжување и унапредување на меѓусебната соработка во рамки на уште неколку конкретни дополнителни  заеднички проекти и активности“,  најави Тунтев.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми