Стотици демонстранти упаднаа во парламентот во Вашингтон во обид да го спречат Конгресот да ја потврди победата на Џо Бајден на изборите во САД. Гласањето е привремено запрено, а во Вашингтон е воведен полициски час.
Реклама
Полицијата се обидува да ги спречи демонстрантите со солзавец, а на конгресмените им се поделени гас маски. Стотици поддржувачи на претседателот Доналд Трамп успеаја да ги пробијат заштитните огради пред влезот во Конгресот и маршираат внатре во зградата каде пратениците требаше да ја потврдат победата на Џо Бајден на претседателските избори.
Полицијата ја евакуираше зградата со конгресмените, а од Сенатот беше извлечен и потпретседателот Мајк Пенс. На неколку објавени фотографии од внатрешноста можат да се видат полицајци во цивил со пиштоли во обид да се одбранат од можниот влез на демонстрантите во салата за седници.
Хаотичните сцени се случуваат откако Трамп им се обрати на илјадници свои поддржувачи во близина на Белата Куќа, повторувајќи ги своите неосновани тврдења дека изборите му биле украдени со измама. Изборните претставници од обете партии, како и независните набљудувачи не најдоа никакви докази за измама на изборите одржани на 3 ноември минатата година, на кои Бајден победи со повеќе од 7 милиони гласови разлика.
Жалбите на Трамп до повеќе судови во земјата за изборите резултати беа одбиени како неосновани.
Процесот на утврдување на изборните резултати во Конгресот, кој вообичаено е формалност, беше очекувано да трае неколку часа поради обидите на некои републикански конгресмени да ги оспорат резултатите.
Како течеше упадот на поддржувачите на Трамп во Капитол
Доналд Трамп, сѐуште актуелен претседател, долго ги подбуцнуваше своите најверни симпатизери. Последица: некои од нив на 6.01.2021 упаднаа во срцето на американската демократија.
Фотографија: Leah Millis/REUTERS
Создавање набој
Бројот на фанатични поддржувачи на Трмап пред Конгресот во САД растеше преку цел ден. Во почетокот, полицијата успеваше да одржува ред.
Фотографија: Olivier Douliery/AFP/Getty Images
Први судири
Паралелно со заедничката седница на двата дома на Конгресот, Сенатот и Претставничкиот дом, на која требаше официјално да биде потврдена победата на Џо Бајден на претседателските избори, пред Капитол се собираа приврзеници на поразениот претседател Доналд Трамп. Дојде до први судири со полицајците кои требаше да го обезбедуваат Конгресот.
Фотографија: Stephanie Keith/REUTERS
Преслаб кордон
Сѐ поразјарената толпа сакаше да продре во Капитол. Полицајците се обидуваа да ги спречат. На некои агресивни поддржувачи на Трамп им успеа да влезат во зградата.
Фотографија: Win McNamee/Getty Images
Упад во Капитол
Дел од демонстрантрантите успеаја да продрат длабоко во зградата, дури до вратите на Сенатот.
Фотографија: Win McNamee/Getty Images
Одбрана на последниот бастион
Обезбедувањето се обидуваше да ги држи во „шах“ насилниците во влезната хала. Политичарите во Сенатот низ задна врата беа изведени на безбедно место.
Фотографија: Manuel Balce Ceneta/AP Photo/picture alliance
Еден се проби
Во меѓувреме, еден од приврзениците на Трамп успешно се проби покрај полицајците и упадна во Сенатот. Од трибината за посетители тој скокна во пленарната сала.
Фотографија: Win McNamee/Getty Images
Со пиштоли спремни за пукање
Истите слики се повторуваа во другите крила на Капитол. И Претставничкиот дом беше цел на натрапниците. Припадниците на обезбедувањето на Конгресот ги запираа - со вперени пиштоли.
Фотографија: J. Scott Applewhite/AP Photo/picture alliance
Непријателско преземање?
Симпатизерите на Трамп навлегуваа сѐ подлабоко во зградата, сѐ до ходниците со канцелариите на Конгресот. Таму некои се распослаа на работните маси на пратениците.
Фотографија: Saul Loeb/AFP/Getty Images
Надвор од контрола
Еден од натрапниците го „присвои“ и пултот за говор на претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси и со него се шеташе низ Капитол. Никој не го запре.
Фотографија: Win McNamee/Getty Images
Во засолниште
Пленарните сали беа евакуирани. Некои побараа засолниште во галеријата на Претставничкиот дом. Репортерите сведочеа дека биле поделени гас-маски, како заштита од солзавец.
Фотографија: Andrew Harnik/AP Photo/picture alliance
Солзавец врз Конгресот
На силите на безбедноста не им остана ништо друго освен да ја растурат разулавената толпа, употребувајќи солзавец.
Фотографија: Andrew Caballero-Reynolds/AFP/Getty Images
Засилувањето го оконча хаосот во Капитол
Полициските сили добија засилување, Националната гарда поита во помош, а градоначалничката на Вашингтон воведе полициски час до раните утрински часови. Така во Вашингтон ноќта полека се врати мирот.