Поддршката за санкциите против Русија почнува да напукнува
9 јули 2022Никогаш порано во германската повоена историја германската влада не морала да се справи со толку многу проблеми како сега. Владејачката семафор-коалиција - именувана по партиските бои на СПД, ФДП и Зелените - е на функцијата добри шест месеци. Таа започна со цел да ја води Германија во климатски неутрална иднина. Но, тогаш Русија ја нападна Украина и тоа има сериозни безбедносни, енергетски и економски последици.
Колку помалку гас испорачува Русија, толку е понесигурно снабдувањето со енергија и толку поскапи стануваат сите фосилни горива. Гасот беше замислен како преодно гориво, а сега јагленот, кој е особено штетен за животната средина, е повторно во фокусот.
52 отсто од Германците се против тоа да се прават отстапки во заштитата на климата поради актуелните проблеми. 43 проценти сметаат дека тоа е правилно. Притоа, има големи разлики, во зависност од партиско-политичките преференции.
Бројките произлегуваат од актуелното истражување на јавното мислење Дојчлендтренд, направено од Инфратест-димап за германскиот радиодифузен сервис АРД. Институтот за истражување на мислењето Инфратест-димап интервјуираше околу 1.300 репрезентативно одбрани Германци со право на глас.
Незадоволство во многу политички сфери
62 отсто од анкетираните не се задоволни од актуелните мерки што ги презема владата за заштита на климата. Лоши оценки има и за курсот во врска со војната во Украина: 56 отсто од анкетираните се незадоволни од тоа.
Кога станува збор за мерките за обезбедување на снабдувањето со енергија, стапката на незадоволни изнесува 66%. На 67 отсто не им се допаѓа буџетската и финансиската политика. Најлоша е оценката за олеснувањата за граѓаните поради поскапувањата - незадоволни се 76% од граѓаните.
Зголемената инфлација се одразува и на личните економски очекувања на германските граѓани. Постои голема загриженост за тоа како работите ќе продолжат во наредната година.
Истражувањето за економската состојба открива големи регионални разлики. Додека речиси три четвртини (72 отсто) од западногерманските сојузни покраини ја оценуваат сопствената економска ситуација како позитивна, во источниот дел на земјата тоа се само 59% од граѓаните.
Со оглед на растот на цените, мнозинството од испитаниците се за продолжување на мерките за поддршка кои веќе се во сила. Речиси две третини (63 проценти) веруваат дека билетот за јавен превоз од 9 евра треба да биде продолжен по август. Нешто повеќе од половина (56 проценти) би сакале да се продолжи попустот на гориво. Но, тоа не важи за приврзаниците на Зелените, од кои речиси 80 отсто се против.
Ќе опстои ли солидарноста со Украина?
Со секоја недела на траење на војната, сѐ повидливи стануваат економските последици за Германија. Сепак, санкциите против Русија и натаму имаат поддршка од мнозинството од населението. Меѓутоа, во споредба со почетокот на војната, поддршката почнува да се разнишува.
Има големи разлики меѓу западот на Германија и истокот на земјата - поранешната ГДР. Таму мнозинството и натаму отфрла санкции против Русија.
Има и политички разлики. Мнозинството поддржувачи на Зелените, Унијата, СПД и ФДП се за задржување на санкциите. Во таборот на деснопопулистичката АфД, повеќе од 80 отсто сметаат дека тие не треба да се прифатат.
Летен корона-бран
И покрај летните температури и многуте активности на отворено, значително повеќе луѓе во Германија во последните недели се инфицирале со коронавирус. Повеќето заштитни мерки се укинати. Различни се мислењата за тоа дали ова е исправно. 47 отсто од испитаниците се задоволни со корона-политиката, 51% сметаат дека таа не е добра.
Сојузниот министер за здравство Карл Лаутербах предупредува на зголемени инфекции наесен, кога повеќе луѓе повторно ќе бидат во затворени простории. Тој најави нови ограничувања. Дали и кои од нив би добиле поддршка од граѓаните?
Зелените добиваат, СПД губи
Генерално, сојузната влада и во јули не успеа да го убеди мнозинството граѓани во својата работа. Исклучок се одделни политичари.
Како и во претходните месеци, двајца политичари од Зелените водат во рангирањето на политичарите на Дојчналдтренд. 58 отсто од анкетираните се задоволни од работата на министерката за надворешни работи Аналена Бербок, додека од министерот за економија Роберт Хабек се задоволни 55 отсто од анкетираните.
44 отсто се задоволни од работата на канцеларот Олаф Шолц (СПД), додека министерот за економија од редовите на ФДП, Кристијан Линднер има позитивна оценка од само 37%. Лидерот на парламентарната група на опозициската Унија, Фридрих Мерц, и натаму има само умерена оценка, но ЦДУ/ЦСУ останува најсилната политичка сила со 27 отсто поддршка. СПД продолжува да губи поддршка.
Зелените продолжуваат да се подобруваат и имаат поддршка на 23 проценти од избирачите. АфД останува на 11 отсто, а ФДП непроменето на 8%. Како и во јуни, Левица има само 4% поддршка, односно доколку избори се одржат сега, не би можела да го мине прагот за влез во парламентот.