1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поддршка за извештајот на Хауит од ЕП

АТ/ миа/ макфакс26 ноември 2013

Европратениците Тонино Пицула и Едвард Кукан изразија согласност со последниот предлог извештај на Ричард Хауит за напредокот за Македонија во ЕУ. За извештајот ќе се гласа на почетокот на идната година.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Комисијата за надворешни работи во Европскиот парламент (ЕП) дебатираше по предлог-резолуцијата на известувачот Ричард Хауит, која треба да се усвои во февруари 2014 година. Пораката на Хауит е дека Македонија мора без одложување да ги започне преговорите за членство во Европската унија, бидејќи со тоа не е загрозен само кредибилитетот на Брисел, туку и на Обединетите нации, во чија преговарачка рамка се решава проблемот, но без резултати.

Според Хауит, преговорите за членство треба да започнат и да се одреди датум за земјата, а истовремено да започне и скрининг процесот.

Ричард ХауитФотографија: Getty Images

Автентнична поддршка за Македонија во ЕП

За да се реши проблемот што го има Република Македонија за членство во Европската унија и НАТО треба американската дипломатија да се појави како „Deus ex machina” (Божја машина). Ова денеска (26.11.) во изјава за дописникот на МИА од Брисел го препорача хрватскиот пратеник во Европскиот парламент, Тонино Пицула, по синоќешната расправа на Комисијата за надворешни работи (АФЕТ) во европскиот законодавен дом за предлог-Резолуцијата за Македонија.

„Неколку пати сум се изјаснил околу тоа што би требало да се направи за Македонија да излезе од оваа претерана и повеќегодишна блокада. Хрватска имаше сличен проблем оти исто така една наша соседна земја, од свои национални интереси, ја блокираше Хрватска на нејзиниот пат за членство во Европската унија. Тогаш како 'Deus ex machina' на сцена се појави американската дипломатија и се реши спорот. Токму тоа им го препорачав на моите македонски колеги кога пред повеќе од еден месец ипол бев во Скопје. Треба да се насочи концентрацијата и на ваков еден начин на отклучување на оваа брава што ЕУ ја стави пред Македонија и целосно незаслужено ја држи земјата со години во идентична позиција“, потенцира поранешниот хрватски министер за надворешни работи.

Според Пицула, расправата во Европарламентот секогаш била поттикнувачка за размислување за ситуацијата во која Македонија се наоѓа долги години. „Поддршката која Македонија, т.е. нејзините европски амбиции ја имаат во ЕП се вистински и автентични. Но, таквото расположение на мнозинството европратеници би требало да влијае на одлуките на Европскиот совет и на Европската комисија, како и на сите оние што долги години ја блокираат Македонија да добие поголем статус од сегашниот што го има во Унијата“, додава европратеникот од редовите на Социјалистите и демократите.

Кукан го поддржува предлогот на Хауит

Ексминистерот за надворешни работи на Словачка и известувач во сенка во Европарламентот за Македонија, Едвард Кукан, пак, потенцира дека ја дели фрустрацијата на македонскиот народ и политичарите во земјата бидејќи веќе петта година Македонија не ги има почнато пристапните преговори.

Едвард КуканФотографија: DW

„Се согласувам со генералната директива во предлог-Резолуцијата на Ричард Хауит и го поддржувам повикот на Советот да одреди датум за отворање на преговорите со Македонија без понатамошно одложување. Лично ја делам фрустрација од тоа што земјата добива на иста порака последните четири години, но не напредува. Овој извештај сигурно ќе ја стимулира дискусијата, оти верувам дека таква дискусија е потребна за придвижување напред“, потенцира Кукан.

Според словачкиот европратеник од редовите на Европските народни партии (ЕПП), ланската препорака на Еврокомисијата содржела идеја за почеток на преговорите што ќе придонесе за создавање на услови за наоѓање на решение за прашањето за името и подобрување на добрососедските односи.

„Оваа идеја е предложена и годинава и мислам дека ако се земе предвид, лимитираниот прогрес во рамки на преговарачката рамка на Обединетите нации треба да се респектира“, додава Кукан кој заклучува дека на тој начин „ќе се задржи кредибилитетот на ЕУ-интеграцискиот процес во регионот“.

На вчерашното прво презентирање на предлог-Резолуцијата на известувачот за Македонија од ЕП, Ричард Хауит, во кој бара неодложен почеток на пристапните преговори за земјата, сите присутни освен бугарските европратеници Евгени Кирилов и Станимир Илчев дадоа глас на поддршка. Доставување на амадманите на овој предлог се очекува најдоцна до 10-ти декември, а конечното изгласување на Резолуцијата на ЕП во однос на последниот извештај на Европската комисија за Македонија се очекува да се случи во средината на февруари 2014 година.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми