1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поддршка за францускиот предлог од Борел и Блинкен

ЖА
9 јули 2022

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и американскиот државен секретар со поддршка на компромисниот предлог и охрабрување за носење одлука која ќе значи придвижување кон ЕУ.

US EU Antony Blinken   Josep Borrell
Фотографија: Jonathan Ernst/AP/picture alliance

Жозеп Борел, потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика и Ентони Блинкен, државниот секретар на САД,  во заедничка изјава го поддржаа  францускиот предлог за деблокирање на преговорите на С. Македонија со ЕУ.

„Го поздравуваме  компромисниот предлог  којшто ги зема предвид интересите и загриженоста и на Северна Македонија и Бугарија, засновајќи се на взаемна почит, доверба и разбирање. Суверената одлука на парламентот на Северна Македонија ќе биде важна за придвижувањето напред. Духот на конструктивен компромис, на кој се заснова европската интеграција, треба да продолжи да ги инспирира сите вклучени во историскиот процес", порачаа Борел и Блинкен.

Тие истакнуваат дека „во овој критичен момент во европската историја, одбележан од неоправданата агресија извршена од Русија врз Украина, придвижувањето на Албанија и Северна Македонија кон ЕУ е клучот за зајакнување на кохезијата и отпорноста на целиот европски континент.

„Водени од заедничките вредности и стандарди и одредници на ЕУ, двете земји се подготвени да го преземат следниот чекор кон членство во ЕУ", констатираат Борели Блинкен.

Двајцата политичари потенцираат дека ЕУ и САД се посветени на поблиска соработка со Западен Балкан:

„Обезбедувањето стабилност и просперитет и претворањето на нивната европска и евроатлантска иднина во реалност остануваат наша заедничка цел", порачаа потпретседателот на ЕК и Државниот секретар на САД.

Преговарачката рамка за Македонија со ЕУ, предложена од француското претседателство на 30 јуни, владата во четвртокот ја проследи на разгледување и донесување заклучоци во Собранието.

Седницата за предлогот не е закажана, се очекува таа да се одржи најрано идниот викенд, со оглед на тоа што од понеделник на дневен ред на Собранието е ребалансот на буџетот. Расправата за него би требало да заврши до петок на полноќ. Претседателот на Собранието на С. Македонија, Талат Џафери, сепак не исклучи можност за прекин на седницата за буџетот.

Никола Мицевски, координатор на  ВМРО-ДПМНЕ во парламентот, информираше дека е испратено писмо до Џафери со барање да се врати предлог преговарачката рамка во Владата, бидејќи не содржи ниту еден документ. 

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми