1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поделени реакции на планот на Курти за царините

СН/агенции
28 февруари 2020

ЕУ ги поздрави најавите на косовскиот премиер Албин Курти за постепено повлекување на царините за Србија и Босна и Херцеговина. Вашингтон пак не е задоволен од ваквите „делумни мерки“.

Kosovo Proteste Mitrovica
Фотографија: I. Mitić

Специјалниот претставник на претседателот на САД за дијалогот Косово-Србија, Ричард Гренел, изјави дека не ги поддржуваат делумните мерки за укинување на царините на стока која се увезува од Србија и од Босна и Херцеговина кои вчера ги објави премиерот на Косово, Албин Курти. „Ние не ги поддржуваме делумните мерки на премиерот Курти. Нашата позиција е јасна: царините треба да се укинат во целост. Курти прави сериозна грешка - тоа денеска му е јасно ставено на знаење на претседателот Хашим Тачи во Белата куќа“, напиша Гренел на Твитер.

Ричард ГренелФотографија: Reuters/M. Dalder

Европска Унија ја поздрави најавата на премиерот на Косово, Албин Курти, за повлекување на царините за увоз на суровини и производи од Србија и од Босна и Херцеговина како прв чекор и се радува да види повеќе детали, соопшти денеска Европската служба за надворешни работи. „Овој чекор би можел да има позитивно влијание на обновувањето на регионалната трговија и да отвори пат за обнова на дијалогот меѓу Србија и Косово со помош на Европската Унија“, се наведува во соопштението.

Повеќе:

-Курти и понуди „маслиново гранче“ на Србија

-Косово: Избори, укинување царини, па дијалог?

-Расте лутината на САД околу косовските царини за Србија

Притоа се додава дека е загубено премногу време и оти е итно потребно да се врати довербата.„Србија и Косово треба да создадат опкружување кое е соодветно за продолжување на дијалогот, во обострана полза“, се наведува во соопштението и се додава дека високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел е подготвен да ја преземе улогата на посредник во дијалогот во име на ЕУ.

Премиерот на Косово Албин Курти синоќа објави дека од 15 март ќе започне постепено укинување на царините на производите кои се увезуваат од Србија и од БиХ.„Прво како знак на добра волја и подготвеност за решавање на економскиот спор со Србија, на 15 март ќе донесеме одлука да се укинат царините на суровините увезени од Србија и од Босна и Херцеговина“, изјави Курти на вонредна конференција за медиумите.

Истовремено, Србија треба да се обврзе дека ќе ја запре кампањата против признавање на независноста на Косово и, исто така, да започне со укинување на трговските бариери.Поранешниот премиер на Косово, Рамуш Харадинај, оцени дека одлуката на премиерот на Косово Курти е во суштина негово предавство на Србија. „Вечерва измамникот Албин и' се предаде на Србија. Тоа е почеток на враќањето на Србија и на Русија на Косово. Албине измамнику, од денеска си одговорен за повторното освојување на Косово од Србија, Бог да го благослови Косово и неговиот народ“, напиша Харадинај на Фејсбук.

Фотографија: DW/B. Cani

Харадинај беше на чело на владата на Косово кога во 2018 година беше донесена одлуката за воведување царини од 100 насто за производите од Србија и од Босна и Херцеговина и сега е најголем противник на нивно укинување.Тој најави дека неговата партија ќе побара вонредна седница во Собранието на Косово на која ќе предложи резолуција против укинување на царините од 100 отсто.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми