1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подемот и подемот на Виктор Орбан

9 април 2022

Клучот за четвртата победа по ред на унгарскиот премиер не е само изборниот систем, прилагоден само за партијата Фидес и контролата на јавните медиуми, туку и економските успеси за кои опозицијата не понуди алтернатива.

Ungarn Wahl 2022 | Viktor Orban
Фотографија: Bernadett Szabo/REUTERS

Јасни се размерите на новата изборна победа на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Четврти пат по ред од 2010 година тој освојува двотретинско уставно мнозинство. Подолговечен лидер од него во Европа е само холандскиот премиер Марк Руте. Кога ќе заврши овој мандат на Орбан, тој ќе биде непрекинато на власт во Унгарија 16 години. Јасни се и значаен дел од причините зошто тој има неприкосновена, дури и авторитарна власт – тоа е изборниот систем, кој го направи така да му овозможува речиси сигурна победа (опозицијата може да се надева на успех само ако освои најмалку 5 отсто повеќе гласови од неговата партија Фидес) и цврстата контрола на државните медиуми и стотици приватни провладини, преку кои е невозможно за ривалите да стигнат до поголем дофат од населението. На изборите во неделата Орбан освои 53 проценти од гласовите, наспроти 35 на опозицијата, па сепак ќе контролира 68 отсто од пратениците во парламентот.

Во последниот детален извештај на ОБСЕ за изборите во 2018 година, 96 отсто од вестите на јавните сервиси биле позитивни за владата на Орбан, а 82 отсто негативни за опозицијата. И во кампањата за овие избори беше исто. Кандидатот на здружената опозиција Петер Марки-Зај имаше само пет минути простор на јавниот телевизиски сервис. Полето за натпревар беше толку неповолно за опозицијата што нејзиниот успех ќе беше рамен на чудо.

Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Па, сепак, победата на Фидес е толку голема што ги шокираше опозициските партии, а ги изненади и самите владини ешалони. Веројатно причините за оваа голема победа на Виктор Орбан треба да се бараат во економскиот момент, а не само во окупирањето на политичкото и медиумското поле. Економските успеси на владата на Орбан се несомнени (во голем дел помогнати од приливот на европските пари), па сега разновидната опозиција, од либерали до националисти, ќе мора длабоко да се замисли какви одговори да побара на наративот на Фидес.

Како што пишува Андраш Биро, директор на унгарскиот тинк-тенк „Политички решенија“, во својата анлиза за „Њујорк тајмс“, конзистентната линија низ јавните политики и комуникацијата на Орбан е концептот на заштита на граѓаните - во текот на изминатата деценија, тој се бореше против миграцијата, институциите на Европската унија, американско-унгарскиот милијардер Џорџ Сорос, невладините организации, западните либерали, ММФ, високите сметки за комунални услуги и брзите промени во демографскиот состав на земјата. Во изборната кампања во 2022 година, најопасниот противник на Фидес беше кризата со трошоците за живот, што стана најсериозен

проблем за Унгарците. Минатата година стапката на инфлација беше една од највисоките во ЕУ.

Политички дикати за економски работи

Некои извештаи во унгарските медиуми велат дека голема улога во победата одиграл фактот што Орбан пред изборите ги замрзна цените на бензинот и други големи комунални трошоци. Одговарајќи на галопирачката инфлација на крајот на 2021 година, Орбан ги ограничи цените на основните производи како брашно, шеќер, масло и пилешко месо. Нема врска што овие мерки потсетуваат на комунистичката ера, тие се покажаа како популарни кај граѓаните. Со политички диктат владата побара од бензинските пумпи да го продаваат горивото по цени под пазарните. Исто со политички декрет владата ги принуди трговците на мало да ги намалат маржите, инаку ризикуваа да ги загубат своите бизниси. Така, Унгарија стана единствената европска земја каде што цените на горивото не се зголемија, а Орбан доби уште еден плус како силен лидер и шампион на обичните луѓе.

Користејќи ја моќта на државата на многу фронтови на неколку месеци пред изборите Орбан воведе нова социјална помош - намален данок на доход за семејства со деца, 2,5 милиони пензионери добија 13. пензија, минималната плата се зголеми по кој знае кој пат, сега за 20 отсто, Унгарците под 25 години добија ослободување од персонален данок. Во месецот пред изборите владата исплати готовина за домаќинствата во вкупна вредност од околу 3% од БДП, вклучувајќи поврат на даноци за 1,9 милиони вработени и големи бонуси за 70.000 членови на полицијата и вооружените сили. Целта беше едноставна - да се ублажи чувството, барем до изборите, дека економијата е во тешка состојба и со преземање вонредни економски мерки, владата на Орбан успева да го одржи економскиот легитимитет.

Обединетата опозиција не успеваше да ја види поентата во овие мерки и главно се потсмеваше на ваквите политики. Во исто време, не успеа да понуди силна алтернатива. А верните гласачи и силната база на Орбан стравуваа дека ќе ги загубат овие бенефиции доколку тој биде исфрлен од власта.

Изборите завршија и доколку ЕУ значајно го намали износот на европските фондови, тоа ќе биде голем проблем за Орбан Фотографија: John Thys/AP Photo/picture alliance

Настаните пред изборите беа последната алка од целиот ѓердан на економски трансформации што ги спроведува Орбан од 2010 година наваму – некои од тие промени се пазарно промислени, некои како да произлегуваат од комунистичкото време. По 1989 година, кога Унгарија влезе во неолиберална транзиција, како и сите посткомунистички земји, загуби еден милион работни места (државата има 10 милиони). За време на неговиот прв мандат од 1998 до 2002 година Орбан се обиде да направи некаков економски пресврт, но не успеа. При враќањето на власт во 2010-тата тој го започна концептот на изградба на „општество засновано на работа“ користејќи различни инструменти за зајакнување на вработеноста, вклучително и даночни стимулации за големите работодавци. Неговата влада востанови и популарна програма за јавни работи за сиромашните луѓе во руралните области. Тоа создаде 200.000 работни места кои беа исплаќани под минималната плата, но беа со две раце прифатени во сиромашните селски региони. Не требаат многу анализи и истражувања за да се дознае дека ваквата политика за отворање работни места беше пресудна тој да ја освои лојалноста на многумина. Особено на оние кои, како секаде во посткомунистичкиот свет, се чувствуваат напуштени и обесправени од транзицијата. Политиката за зголемување на минималната плата се спроведуваше постојано, за најпосле да ја помине границата на минималното ниво на егзистенција во 2018 година. Тоа се случи првпат од 1989 година.

Собир на приврзаници на Орбан пред изборите во Унгарија (Будимпешта, 15.03.2022)Фотографија: Anna Szilagyi/AP Photo/picture alliance

Наративите за руската инвазија

Како посветен националист и конзервативец Орбан се фрли и на креирање на семејни политики за кои се користеа невидени нивоа на јавни ресурси. Семејствата со три или повеќе деца се практично ослободени од персонален данок на доход од 2012 година; од 2019 година семејствата добиваат големи грантови и заеми за купување автомобили и изградба или купување куќи. Во еден паметен политички потег, министерката која беше одговорна за спроведување на овие семејни политики, Каталин Новак, во март, во екот на изборната кампања, парламентот контролиран од Фидес ја избра за прва жена претседател на Унгарија.

- повеќе од авторот: Будимпешта: Записи од подземјето

По изборите во 2018 година опозицијата имаше две важни стратешки задачи - да се обедини и да го зајакне своето присуство и поддршка во руралните области. Првата задача ѝ успеа, иако составот беше толку многу разнороден, што најпосле тоа се покажа како проблем. Во втората целосно потфрли. Нејзините либерални политички елити се доминатни во Будимпешта и другите поголеми градови, но не знаат каква порака да им испратат на селаните и на жителите во малите места.

Овие избори го понудија конечниот доказ дека Унгарија е сериозно поделена не само политички, туку и во географска и образовна смисла. Фидес е многу популарен во селата и меѓу помалку образованите и постарите возрасни групи, но не се толку добри во градовите и меѓу пообразованите луѓе и помладите возрасни групи. Оваа поделба изгледа дека беше клучот за успехот на Фидес. Постарите генерации не се потпираат на интернетот, не ни следат независни или опозициски дигитални медиуми. За нив главно средство за информирање е јавниот сервис, а таму Орбан доминира со речиси сто отсто.

Мозаикот за победата беше речиси склопен.

Уште требаше да се реши загатката како да извлече неповреден од руската инвазија на Украина, Орбан да не ги наруши односите со Владимир Путин, а да не биде и „црна овца“ во Европската унија; да прими многу бегалци, а сепак да покаже дека Унгарија мисли првенствено на себе. На крајот, тоа му успеа со невидена пропагандна харанга на опозицијата, па дури претставувајќи го украинскиот претседател Володимир Зеленски како „опонент“.

- повеќе од авторот: Колкав животен простор ѝ треба на Русија

Орбан победи во судирот на наративи за војната во Украина, прикажувајќи се себеси како гарант на мирот и безбедноста и го обвини противникот Марки-Зај и обединетата опозиција дека може да ја вовлече Унгарија во војна. Јавните и приватните медиуми контролирани од Фидес ја преплавија јавноста со лажни вести и клевети за Петер Марки-Зај. Стотици провладини медиуми и илјадници билборди низ земјата го прикажуваа Орбан како гарант на мирот и безбедноста. Тој наратив успеа речиси во целост.

Орбан победи во судирот на наративи за војната во Украина, прикажувајќи се себеси како гарант на мирот и безбедноста (фото: плакат во Унгарија, 2.04.2022)Фотографија: DW

Прашање е дали сега доаѓа период на меден месец за Виктор Орбан. Тоа е тешко да се одговори. Во вторникот (5.04) претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека наскоро ќе се активира новиот моќен механизам за намалување на финансирањето на Унгарија поради еродирање на стандардите за владеење на правото на блокот. Судот на правдата на ЕУ му даде законско зелено светло на механизмот во февруари, но Комисијата одлучи да почека додека не завршат изборите во Унгарија. Изборите завршија и доколку ЕУ значајно го намали износот на европските фондови, тоа ќе биде голем проблем за Орбан за да ги финансира сите издашни владини социјални и други политики.

Вториот проблем за Орбан е што Унгарија останува речиси целосна осамена во ЕУ, а поради амбивалентниот став спрема руската инвазија го загуби својот клучен сојузник во Вишеградската група, а и во Брисел – Полска. Властите во Варшава го негуваат истиот конзервативно-националистички дискурс, но војната во Украина предизвика тревога од највисок степен во земјата. Овој расцеп меѓу Будимпешта и Варшава за долго време нема да се премости. Тоа го остава Виктор Орбан сам на бришан простор во ЕУ, без сојузници и без пријатели што може да го разберат.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми