Никој во Италија засега не се осмелува да го коментира трендот на намалување на бројот на заразени, но вестите се подобри. Во СЗО утврдиле светски тренд на забрзување на вирусот.
Реклама
Бројот на новозаразени од коронавирусот во Италија паѓа втор ден по ред. Официјалните податоци покажуваат 4.789 нови случаи, 700 помалку од вчера. Паралелно паѓа и бројот на жртвите втор ден по ред- денеска се регистрирани 600. Властите се претпазливи во оценките и велат дека е рано да се каже дали епидемијата опаѓа.
„Денеска можам да кажам дека позитивниот тренд е потврден“, изјави Ѓулио Херера, здравствениот комесар на погодениот регион Ломбардија.
„Не е време да се прогласува победа, напротив... време е да се остане пофокусиран од било кога, но можеме да видиме светло на крајот на тунелот“, рече тој.
„Ова се позитивни бројки, но немам храброст да кажам дека трендот оди надолу“, изјави шефот на италијанскиот Национален институт за здравство Силвио Брусаферо.
- Италија: „Никој не знае колку се заболени од коронавирус“
И во Германија, кривата на новозаразени се стабилизира, но првиот човек на Роберт Кох институтот Лотар Вилер предупредува од преголем оптимизам, и вели дека поточни прогнози ќе има в среда.
„Во наши раце е справувањето со епидемијата... Одржувањето социјална дистанца е клучно“, вели Вилер.
Во соседна Австрија, каде веќе една и пол недела во сила се строги мерки за социјално дистанцирање, викендов бројот на новозаразени се зголемил за 15%, што е пад од претходниот дневен раст од 40% пред забраните.
Првиот човек на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Гебрејесус денеска предупреди дека вирусот „забрзува“.
„Беа потребни 67 дена од првиот пријавен случај до првите 100 илјади случаи, 11 дена за вторите 100 илјади и само четири дена за третите 100 илјади“, изјави Гебрејесус.
Каде сѐ демне коронавирусот?
Коронавирус насекаде! Можеби дури и на пиперките, билетот за возење, сопственото домашно милениче. Што воопшто смеам да допирам? Ова вознемирувачко прашање си го поставуваат многумина. Еве неколку смирувачки одговори:
Досега познатите коронавируси остануваат опасни на површини како кваките околу четири-пет денови. Како и другите инфекции преку капки и SARS-CoV-2 се пренесува преку рацете и површините кои се допираат често во текот на денот. Иако вирусот е нов и затоа е прилично непознат, експертите сметаат дека и за него важат многу резултати од истражувања на други, веќе познати коронавируси.
Затоа, треба да се биде претпазлив и кога се руча во кантината на работното место - доколку таа одамна не е веќе затворена. Коронавирусите во основа можат преку кивање или кашлање на инфицирано лице да завршат на приборот за јадење или чиниите. Германскиот институт за проценка на ризици (БфР) меѓутоа пишува дека „досега не се познати инфекции со SARS-CoV-2 кои се појавиле со ваков начин на пренос“
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene
Страв од увозна стока?
Дали родителите мора да се плашат од инфекција преку играчки од увоз? Не, велат од БфР. Досега нема случаи на инфицирани лица за кои е докажано дека се заразиле преку увезени играчки или друга стока. Експертите сметаат дека вирусите немаат голема стабилност при промена на животната средина. Предизвикувачот на болеста е опасен повеќе денови пред сѐ во услови на студ и голема влажност на воздухот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Gollnow
Пакети полни вируси
Коронавирусите кои го напаѓаат човекот не се особено стабилни на суви површини. Со оглед на тоа што стабилноста на вирусите надвор од човечкиот организам зависи од могу фактори, како темпертурата и влажноста на воздухот, БфР ја смета инфекцијата по пошта за „главно неверојатна“. Сепак, институтот признава дека сѐ уште не располага со точни податоци за SARS-CoV-2.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Becker
Вирусен пинг-понг со домашното милениче?
Дали моето куче може да ме зарази мене или јас да го заразам него? Ризикот домашните миленичиња да се заразат од коронавирус е оценет како низок од страна на експертите. Но, тој не може сосема да се исклучи. Самите животни не покажуваат симптоми, значи не заболуваат. Но, доколку се инфицирани тие може преку својот здив, плунка, повраќање, урина да го пренесуваат вирусот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/A. Tarantino
Опасен зеленчук?
Пренесување на SARS-CoV-2 преку контаминирани прехранбени продукти, според БфР, не е веројатно. Досега нема докажани случаи на инфицирање на ваков начин. Темелно миење на рацете пред подготовка на оброкот, и во времиња пред и по коронавирусот, е нешто што се подразбира. Со оглед на тоа што вирусите се чувствителни на топлина, загревањето на намирниците натамошно го намалува ризикот од инфекција.
Досега познатите САРС и МЕРС коронавируси не сакаат топлина, но се прилично отпорни на студ. Тие може да останат опасни дури две години на температури од минус 20 степени Целзиусови. БфР меѓутоа смирува: досега нема укажувања за ланец на инфекции со SARS-CoV-2 преку конзумирање храна, вклучително и замрзнати продукти.
Избувнувањето на КОВИД-19 има и едно добро: Кина забрани храна од диви животни. Сѐ укажува на тоа дека новиот коронавирус врз човекот е пренесен од лилјаци. Лилјаците за тоа не се виновни, зашто веројатно завршиле во супа против своја волја. Но, борбата против SARS-CoV-2 ќе трае многу подолго и ќе биде потешка од ослободувањето од храна од диви животни.
Состојба во некои европски земји: Белгија: Вработен во Европскиот парламент е првиот заразен- вработен во институција на ЕУ во Брисел кој починал од Ковид-19. 40-годишниот италијански државјанин работел во ИТ секторот на парламентот. Последни бројки: 3,743 заразени, 88 жртви, 401 излечени. Данска: Премиерката Мете Фредриксен ги прошири забраните и другите мерки до средината на април. Последни бројки: 1,572 заразени, 24 жртви, 15 излечени.
Франција: Уште двајца лекари починаа од Ковид-19. Последни бројки: 16,937 заразени, 676 жртви, 2,207 излечени. Грција: Властите ги суспендираа сите летови од Британија и Турција до 15 април. Претходно беа запрени линиите кон Италија, Шпанија и не-ЕУ земјите. Во неделата беа вратени преку 1,000 грчки државјани од странство. Последни бројки: 624 заразени, 17 жртви, 19 излечени.
- Коронавирус: На Балканот нема паника Унгарија: Забележлив е тренд на забрзано вооружување на граѓаните во страв од влошување на пандемијата и распад на правниот систем. Премиерот Виктор Орбан бара од парламентот да и даде неограничени овластувања на владата и смета дека бројот на заразени е далеку повисок од евидентираниот. Актуелна состојба: 167 заразени, 7 жртви, 16 излечени. Летонија: Девет министри во владата на премиерот Крисјанис Каринс се во домашен карантин откако се заразиле со коронавирус. Се претпоставува дека се заразиле од еден пратеник. Владата функционира на дистанца и без директни состаноци. Последни бројки: 180 заразени, нема жртви, еден излечен. Полска: Опозицијата бара одложување на претстојните избори закажани за 10 мај. Владата планира да им овозможи на затворениците да ги отслужуваат казните дома. Последни бројки: 684 заразени, 8 жртви, 13 излечени.
Упатства: Како да се заштитите од коронавирус
Луѓето ширум светот ставаат заштитни маски за дишење за да спречат вирусна инфекција. Сепак, други мерки се поефикасни. Еве неколку совети засновани на упатствата на СЗО.
Фотографија: Getty Images/X. Chu
Подобро од ништо
Не е докажано дека маските за лице можат ефикасно да ве заштитат од вирусни инфекции. Овие маски веројатно се во можност да фатат некои микроби пред да стигнат до устата или носот. Но уште поважно е тоа дека тие ги спречуваат луѓето да ги допираат устата или носот (што повеќето луѓе го прават инстинктивно). Ако веќе сте болни, таквите маски може да спречат да не заразувате други.
Фотографија: Getty Images/Stringer
Дезинфицирајте ги рацете
Во својот список на препораки како да се заштитите од зарази, Светската здравствена организација не споменува маски за лице. На врвот е често миењето на рацете. СЗО препорачува дезинфекциско средство за рацете на база на алкохол, како на фотографијата, кои најчесто ги гледаме во болниците
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Pilick
И сапун и вода ќе завршат работа
Поедноставното секојдневно решение се водата и сапунот, ако ги имате при рака. Но, проверете дали темелно ги миете рацете...
Фотографија: picture alliance/dpa/C. Klose
Кашлање и кивање - но направете го тоа правилно!
Еве што препорачуваат лекарите: Кога кашлате и кивате, покријте ја устата и носот со вашиот подигнат лакот. Или користете книжни марамчиња - но потоа веднаш фрлете го марамчето и измијте ги рацете. А кошулата или џемперот? Не, нив не мора да ги фрлите. Но, перете ги често или однесете ги на хемиско чистење.
Фотографија: Fotolia/Brenda Carson
Стојте подалеку!
Друга препорака која можеби не функционира за сите: Избегнувајте близок контакт со секој кој има треска и кашлица! Ако треба да имате контакт со болни луѓе, погрижете се да преземете дополнителни заштитни мерки.
Фотографија: picture alliance/empics
Имате треска? Одете на лекар, а не на патување!
Ако имате треска, кашлица и отежнато дишење, побарајте лекарска помош навреме. Избегнувајте јавни места за да не ги инфицирате другите. И, исто така, објаснете му на вашиот лекар каде претходно сте патувале.
Фотографија: Reuters/P. Mikheyev
Избегнувајте контакт!
При посета на сточни и зелени пазари во области во кои во моментот има случаи на новиот коронавирус, избегнувајте директен незаштитен контакт со живи животни. Тоа исто така вклучува какви било површини кои се во контакт со животни.
Фотографија: DW
Добро термички обработено - не сурово!
Варете,печете и пржете го месото темелно. Потребно е да се избегне конзумирање на сурови, недоволно термички обработени производи од животинско потекло. Со суровото месо, млекото или животинските органи треба да се постапува внимателно за да се избегне инфицирање од термички необработена храна. Овие се добри практики за безбедност на храната и помагаат да се спречи ширењето на болести.