1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Подобро празни зборови, отколку празни патрони

18 април 2018

Германија одбива воено да се вклучи во сириската граѓанска војна, но ги поздрави воздушните напади против режимот на Асад, предводени од САД. Противречност? Само делумно, смета Марсел Фирстенау

USA UN-Sicherheitsrat - Syrienkonflikt
Фотографија: picture alliance/Xinhua/L. Muzi

„Германија нема воено да учествува“, рече канцеларката минатиот четврток, во врска со можниот воен удар на западните држави против убиствениот режим на Асад во Сирија. Меѓутоа, категоричното „не“ на Меркел не беше јасно генерално отфрлање на воената реакција на САД и нејзините сојузници. Бидејќи Меркел додаде: „Гледаме и поддржуваме да биде направено сѐ ,за да се даде јасен сигнал дека оваа употреба на хемиско оружје не е прифатлива".

Оваа формулација барем сугерираше дека наскоро ќе има одмазднички напад предводен од САД поради наводната сирискиот напад со отровен гас врз сопственото население. За што друго требаше да се даде јасен „сигнал“, ако се знае властодржецот во Дамаск со години е имун на моќните реторички закани на Западот? Дека Меркел знаеше за ракетното бомбардирање на Сирија, кое следуваше неполни два дена подоцна, секако не е смела претпоставка.

Германската војска не била и не е неопходна

И дека на Американците, Британците и Французите во наводното уништување на воените инсталации за производство на хемиско оружје не им требаше никаква помош од Германија, исто така е валидна претпоставка. Затоа, Меркел веројатно беше среќна што за ова прашање нема да мора да се оправдува пред партнерите во Вашингтон, Лондон и Париз. Доналд Трамп, Тереза Мај и Емануел Макрон, од своја страна, можеа да се потпрат на вербалната поддршка од Берлин: „Воeната операција беше неопходна и целисходнa", изјави Меркел неколку часа по воздушниот напад со повеќе од 100 ракети.

Повеќе: 

-Напади без непосредни последици, но со порака

-Германија не учествува во судирот во Сирија

-Напади во Сирија: Курсот на Лондон и Париз и импотенцијата на Брисел

За разлика од необразложеното отфрлање на германско воено учество во нападот, канцеларката прилично опширно образложи зошто таа го поздравува бомбардирањето: „За да се зачува на ефикасноста на меѓународната осуда на употребата на хемиско оружје и да се предупреди сирискиот режим против натамошно кршење на меѓународните закони". Ова може да се смета за убедливо, но и за евтино. Зашто, ако Меркел веќе се залагаше за западната интервенција, се поставува вечното прашање: Зошто тогаш Германија повторно се држеше настрана? Меркел остана должна за овој одговор.

Марсел Фирстенау, автор на коментаротФотографија: DW

Тоа е старата дилема: кога работите стануваат сериозни, другите треба силните зборови да ги претворат во дела. Па сепак, добро е што Меркел маневрира на таков начин. Само така Германија држи отворена задна врата за да може да делува како посредник во потрагата по дипломатско решение. Очигледно, Обединетите Нации не успеваат во тоа затоа што постојаните членки на Советот за безбедност меѓусебно се блокираат.

Германската дипломатија би можела да биде потребна

САД, Велика Британија и Франција на дипломатско ниво се немоќни против Русија, која е сојузник на Асад во војната во Сирија. Предноста на Асад е во тоа што тој во меѓувреме повторно во голема мерка ја има под контрола Сирија. Но, како треба да продолжи животот во урнисаната земја, кога и со кого треба да се обнови - овие и други прашања се поитни од кога било. Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас е во право кога вели дека може да има само политичко решение. И пред сѐ: „Без оглед дали некому му се допаѓа или не - без Русија нема да може да биде решен овој конфликт".

Мас, исто така, рече дека некој кој користи хемиско оружје не може да биде дел од решението. Со други зборови: Асад мора да остане надвор. Доколку едно такво решение навистина успее, тоа би било дипломатско ремек-дело. Но речиси е неверојатно дека Русија и Иран би прифатиле такво нешто. Мас веројатно претера со силните зборови. Сепак, по седум годиини граѓанска војна во Сирија, празните зборови секогаш се подобри од натамошни празни патрони на гранати, ракети или отровен гас.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми