1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Пожарите под контрола: Републиката во(н) пламен

3 август 2021

Неколку општини во североисточниот дел од земјата поминаа тешка и непроспиена ноќ. Пожарите се под контрола, но битката со огнената стихија продолжува

Antalya, Türkei | Waldbrände
Фотографија: AP Photo/picture alliance

Под контрола е пожарот што избувна вчера околу 13 часот во близина на кочанското село Бели, а помогнат од силниот ветер преку сувата трева се прошири во различни правци, па и кон индустриската зона. Под налет на силниот ветер огнената стихија честопати го менувала правецот и продолжила кон градот, зафаќајќи зелен појас од борова шума, а потоа и две куќи во населбата Драчевиќ. Противпожарната единица на Кочани успеала да го стави под контрола, но огнот продолжил во друг правец - кон селот Тркање, но и кон магацинот за дрва на Национални шуми, со опасност да се прошири и кон централното градско подрачје. Опасноста е спречена благодарение на ангажманот на општинската противпожарна служба, помогната од противпожарни единици од Скопје, Кавадарци, Велес, Штип, Пробиштип, Македонска Каменица, Берово...

„Најбитно е да го осигуриме градот и граѓаните да бидат спокојни дека се во сигурни раце, дека сите противпожарни единици заедно со Армијата се на терен и се грижат за Кочани“, изјави ноќеска градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

За среќа во пожарот нема човечки жртви, а десетина лица побарале лекарска помош бидејќи вдишиле чад, но биле пуштени дома во добра здравствена состојба.

Утрово противпожарна едница од Кочани направи обиколка на теренот пред да се ангажираат хеликоптери за гаснење на пожарот кој е под контрола, но сѐ уште активен. Во моментов битка со огнената стихија имало во атарот на селата Костин Дол и Новоселани, каде што горела дабова и букова шума на неколку десетици хектари.

Противпожарни возила како олд-тајмери

00:44

This browser does not support the video element.

Неколку пожари во Ранковце

Пожарите не ја оставија без сон само локалната власт. Прославата на Илинден во Крушево предвреме ја напушти премиерот Заев за да пристигне во Кочани, а министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и вицепремиерот Љупчо Николовски се упатија кон други места во кои беснееше огнената стихија - Ранковце и Старо Нагоричане.

Градоначалникот на Ранковце Ивица Тошевски ноќеска не ја криеше загриженоста за неколку локации каде се водеше битка со огнот.

„Изгоре стар Задружен дом во село Отошница и неколку придружни објекти. Стари придружни објекти изгореаа и во село Радибуш. Ни помагаат соседните општини колку што можат, бидејќи и во нивните атари има пожари. Стигнува помош, дојдоа два камиони на ‘Гранит' и други возила, се прават напори на повеќе локации да се запре огнот кој може да се прошири и кон П’клиште. Најголем проблем создаде и создава силниот ветер“, изјави Тошевски за ДВ.

Во време кога во Радибуш огнот проголтал стари придружни објекти се слушнале и силни пукотници. Жителите претпоставуваат дека во некој од нив имало заостаното стара муниција.

Ноќеска пожарот бил локализиран, но надлежните останаа на терен да ја следат ситуацијата.

„Во текот на ноќта будно ќе ја следиме состојбата. Државата ги мобилизира сите свои сили со кои располага за ставање на состојбата под контрола и целосно гасење на пожарите. Голема благодарност до граѓаните, пожарникарите, полицајците, ЈП Национални Шуми, градоначалниците на Ранковце, Крива Паланка, Пробиштип и Старо Нагоричане кои помогнаа во справувањето со состојбата“, напиша министрот Спасовски.

Побарана помош од првите соседи

Вчера се гаснеа 13 поголеми пожари во земјата. На местата каде се локализирани но се уште не се изгаснати, утрово ќе се вклучат армиски хеликоптери. Претседателот и Врховен командант Стево Пендаровски вчера попладнето издаде наредба за ангажман на Армијата со целосен капацитет и за употреба на воздухоплови, кои вчера веќе интервенираа во Старо Нагоричане, а утрово ќе бидат ангажирани во Кочанско. Вчера биле ангажирани околу 170 припадници на Армијата, а во текот на ноќта се следело дали ќе има потреба од ангажирање и на дополнителни сили насекаде каде што има потреба.

-повеќе:

Прогласена мобилизација, тимови од повеќе градови се вклучуваат за гаснење на пожарите

Состојбата со пожарите се влошува: Почна да гори Кочани

Владата апелираше до сите граѓани да не се движат низ шумските подрачја во земјата заради заштита на личната безбедност и заради спречување натамошно ширење на пожарите, и соопшти дека во текот на денешниот ден стапува на сила целосна забрана за движење во шумските предели низ земјата.

Премиерот Заев ноќеска од Кочани порача дека ќе се интервенира за да се обезбеди брзо сервисирање на авионите Канадери, бидејќи без сервис тие досега не можеа да бидат користени во гасењето на пожарите. Тој рече дека разговарал со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со бугарскиот премиер, Стефан Јанев, и дека денеска очекува поддршка од двете земји.

Доцна синоќа и претседателот Пендаровски имал телефонски разговор со претседателот на Бугарија, Румен Радев.

„Договорено е во најкус можен рок Бугарија да испрати противпожарни единици кои ќе им помогнат на нашите екипи во гасење на пожарите“, напиша Пендаровски на Фејсбук.

За утрово во 9 часот е закажан состанок на Групата за процена, за да се разгледа сериозноста на ситуацијата.

„Доколку процениме дека има потреба, на Управувачкиот комитет ќе му предложиме прогласување кризна состојба на целата или на дел од територијата“, најави ноќеска директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, кој вечерта пристигна во Кочани.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми