Пожарот во Тетово го вклучи црвениот аларм
30 мај 2022Над стотина пожарникари веќе неколку часа се обидуваат да се справат со огнената стихија која што ја зафати фабриката за стиропор Профикс во Тетово. Поради големиот пожар кој избувна претпладнево во фабриката на влезот во градот Тетово, квалитетот на воздухот е значително влошен. Од општина Тетово и СВР Тетово апелираат до граѓаните да не излегуваат без потреба од своите домови. Најпогодени се оние со белодробни васкуларни и срцеви заболувања, кои треба да останат дома и да ги следат известувањата за квалитетот на воздухот. Општина Тетово денеска донесе одлука да се прекине наставата во тетовските основни и средни училишта бидејќи воздухот е многу загаден од пожарот.
„Оние граѓани кои имаат потреба да бидат надвор, задолжително да носат заштитни маски по можност H95. Во домовите да се чуваат затворени прозорците и вратите“, апелираат од Центарот за управување со кризи. Околу десетина лица побарале лекарска помош поради задушување и тешкотии од вдишан чад.
Пожарот изби изутринава околу 9.30 часот во складиштето на фабриката за градежни материјали, коешто се наоѓа во поранешните простории на „Македонија Табак“. Во складиштето имало стиропор и други запалливи материјали, кои придонеле пожарот брзо да се шири.
Напладне пристигна и армијата со еден хамер и со 13 војници, а на терен исто така се и 80 војници од касарната Тетово со опрема и машини за гаснење на пожарот. Пожарот се гасне и со хеликоптер на МВР. Интервенираат и пожарникари од Тетово, Гостивар, Кичево и Скопје, како и екипи со ПП возила за хемиско гаснење од ТАВ Македонија и лица од ДЗС Тетово и ДЗС Гостивар.
Три возила и седум пожарникари од Противпожарната единица од Кавадарци, се веќе на пат за Тетово за да помогнат во гасењето на пожарот кој избувна во Фабриката за стиропор „Профикс“ во Тетово.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов изјави дека се обидуваат да го локализираат пожарот од делот со експлозивни материи.„Сега работиме на детекција на воздухот. Состојбата во овој момент од аспект на отровност на гасови не е алармантна. Има зголемено ниво на ПМ честички, гаснењето со вода на ваков пожар директно од воздухот може да доведе до распламтување на пожарот. Побаравме по самата линија на пожарот да биде фрлена водата, односно пожарот да биде пресечен да не се пренесе во задниот дел каде што има садови со експлозивни материи“, рече Ангелов.
Воздухот во Тетово е загаден поради големиот пожар, но екологистите алармираат дека не се знае колку е загаден бидејќи од 28 мај не работи сајтот на Министерството за животна средина од каде се гледаат податоците од единствената мерна станица во Тетово.