1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

14 лица загинаа во пожарот во Тетово

ДТЗ
9 септември 2021

За некои од починатите ќе биде потребна ДНК анализа за да се утврди нивниот идентитет. Според првичните сознанија, меѓу починатите нема медицински персонал, соопшти Основното јавно обвинителство.

Nordmazedonien Feuer im Krankenhaus in Tetovo
Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Четиринаесет лица ги загубија животите во синоќешниот пожар којшто ја зафати модуларната болница во Тетово, каде што се лекуваа болни од Ковид-19. Издадени се наредби за обдукција и идентификување на телата на починатите во пожарот, додека се испитува и дали има и други починати лица. За некои од починатите ќе биде потребна ДНК анализа за да се утврди нивниот идентитет. Според првичните сознанија, меѓу починатите нема медицински персонал, соопшти Основното јавно обвинителство.

За вршење непосреден увид на местото на трагичниот настан во модуларната болница во Тетово, покрај тројца обвинители од Основното јавно обвинителство во Тетово, синоќа излегоа и двајца обвинители од Основното јавно обвинителство од Скопје. На местото на настанот беше и јавниот обвинител на Република Северна Македонија, кој присуствуваше и на работата на Кризниот штаб. Во соработка со припадници на МВР веднаш е започнат увидот.

„До раните утрински часови, обвинителите сослушаа вработени во модуларната болница со цел да се утврдат причините за пожарот. Во исто време, издадена е наредба за обезбедување на снимките од видеонадзорот во и околу објектот. Увидот ќе продолжи и во текот на денешниот ден, а јавните обвинители заедно со експертите на МВР, ќе ги обезбедат доказите за целосно расчистување на трагичниот настан“, соопшти ОЈО.

Од Министерството за здравство информираат дека во ковид центарот за време на пожарот имало вкупно 26 пациенти, останатите 12 се на лекување во тетовската болница и се надвор од животна опасност. „Нема настрадани здравствени лица, неколкумина се со полесни повреди. Министерството за здравство изразува сочувство до семејствата на загинатите и длабоко жалење за страотната несреќа, велат од Министерството.

Синоќа заседаваше кризниот штаб, а утрово Владата закажа итна седница по пожарот во Тетово. Претседателот, министрите и владините институции ги откажаа сите настани и активности коишто беа закажани за денеска. 

Пораки за сочувство 

Европската Унија изрази сочувство по трагедијата што настана синоќа во модуларната болница во Тетово. „ЕУ испраќа најдлабоко сочувство до семејствата и пријателите на жртвите на овој трагичен пожар во модуларната болница во Тетово, специјализирана во третманот на пациентите болни од ковид. Им посакуваме брзо закрепнување на повредените“, наведува во изјавата портпаролката на Европската Комисија, Ана Писонеро.

Сочувство изрази и амбасадорот на ЕУ во земјата, Дејвид Гир. „Нашите мисли се со тетовци утрово по трагичниот пожар во модуларната болница. Искрено сочувство до семејствата и пријателите на загинатите и најдобри желби за брзо закрепнување на повредените“, напиша Гир на Твитер.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во телефонскиот разговор со премиерот Заев му порачал дека се подготвени да пружат секаква братска помош и дека граѓаните на Македонија не се сами во оваа трагедија. Сочувство до семејствата на загинатите и солидарност до народот и владата на Северна Македонија по пожарот во модуларната болница во Тетово, изразија и од Министерството за надворешни работи на Грција

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми