1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поздрави од Москва

Штефан Левенштајн / ФАЦ
7 април 2022

Унгарскиот премиер Виктор Орбан води битки со бројни противници. Рускиот претседател Путин му честита.

Ungarn Wahl 2022 | Viktor Orban
Фотографија: Bernadett Szabo/REUTERS

Кога во 2003 година се закануваше втората Ирачка војна, тогашниот германски канцелар Герхард Шредер толку жестоко се спротивстави на воено учество, што американскиот претседател Буш во една прилика го прашал социјалдемократскиот политичар – кога конечно му завршува изборната кампања. Настрана од политичката реторика, Германија, чие мото беше „Не сакаме крв за нафта“, сепак на разновиден начин ја поддржуваше коалицијата на Буш: беа користени германските воздухопловни бази, морнарицата пловеше во заштитни конвои, се разменуваа разузнавачки информации, во Кувајт беа испратени АБЦ војници. Но, до денес опстои митот дека Германија се држеше настрана од војната во Ирак. 

Што ќе биде сега со  Виктор Орбан?  Унгарскиот премиер сепак, при сите разлики, го зеде примерот на поранешниот германски канцелар. Реторички тој се позиционира против линијата на сојузниците, но кога станува збор за конкретни работи, се однесува прагматично. Орбан во изборната кампања влезе со ветување дека Унгарија никогаш, на каков и да е начин, нема да биде вовлечена во војната во Украина. Тој инсинуираше токму таква желба на опозицијата: со испорака на оружје (што е точно) и дури и со војници (што е чиста измислица, но дотолку погласно извикувана).

Орбан исто така категорично се спротистави на опцијата за проширување на санкциите против Русија и во поглед на испораката на гас и нафта. Тој забрани испораки на оружје преку унгарска територија. За изјави на солидарност со Украина или во ЕУ не стануваше ни збор, само за одбрана на интересите на земјата. „Унгарија на прво место“, може да се рече - еден вид унгарски Трамп.

Тоа што во соседната земја се води војна, долгогодишниот премиер го оцени за лошо и опасно, но избегнуваше Русија да ја нарече агресор или пак лично да го осуди претседателот Путин.

Орбан во неделата извојува триумфална изборна победа, неговата национално-конзервативна партија  Фидес  повторно располага со двотретинско мнозинство во парламентот, кое овозможува промена на уставот.  Путин  беше во првите кои упатија честитки.

Виктор Орбан и Владимир Путин во Кремљ, јануари 2022Фотографија: Sputnik via REUTERS

Од друга страна,  Орбан во Европскиот совет досега ги поддржа сите санкции. Во поинаков случај немаше да бидат можни. Во заедничката декларација на членовите на Советот, изречена е дури осуда на агресорската војна на Русија. Тој само успешно избегна да го сврти вниманието кон тоа. Унгарија не застана на патот ни на финансирањето на купување оружје за Украина.

Што се однесува до одбивањето на енергетските санкции, Орбан во никој случај не е осамен. Само што нему не му е толку очигледно непријатно како на Германија или на Австрија. Другите влади во Југоисточна Европа, чии земји исто така се зависни од руски гас, ја спуштаат топката и може да се задоволни што во Будимпешта има некој кој ги исфрла нив од првата линија. Унгарија дава свој придонес и при прифаќањето и згрижувањето на бегалци од Украина. 

Значи, би се очекувало ваквото однесување на  Орбан да продолжи и по изборите. „Прагматизам со конфронтација“, го нарече тоа политикологот Андраш Хетеј на една манифестација на Универзитетот Андраши во Будимпешта. Дека Орбан нема намера да го стиша гласот при своите изјави, навести уште во својот победнички говор. Притоа наброја кого го смета за свој противник: левицата дома и во странство, „Бриселските бирократи“, „Соросовата империја“, „меѓународните мејнстрим медиуми“ и – човек да чуе и да се чуди – украинскиот претседател Зеленски.

Од друга страна, на телевизија речиси попатно рече: „Во нашиот делокруг нема ништо што не може да се промени“.

Меѓутоа, Орбан наскоро може да се соочи со сериозни проблеми во сопствената земја. Тој делеше скапи изборни подароци без финансиско покритие, на пример 13-та месечна плата. Инфлацијата расте, конјунктурен пад, посебно во Германија, може да ја повлече надолу и Унгарија. Државно регулираното плафонирање на цените на енергенсите тешко дека ќе може да се одржи. Можеби некои во опозицијата чувствуваат олеснување што не мора тие да се одговорни за сево ова.

Доколку поради  механизмот за правната држава  прекине стигнувањето пари од Брисел, ќе има помалку за делење и на клиентелата на Фидес. Но, едно нешто нема да се случи: Орбан да одржи говор како оној на неговиот претходник Ѓурчани и на своите функционери да им признае дека пред избори се лажело, а сега мора да се стегне ременот посилно. Тој побрзо би ја зголемил агресивноста со која се расфрла. А тоа не е ни малку смирувачки изглед.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми