1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Позитивна кампања со краток здив!?

Костадин Делимитов25 март 2014

Позитивната реторика на кандидатите за претседател на Македонија на стартот од кампањата е добар сигнал, но двојните избори ќе го расипат вокабуларот, предупредуваат аналитичарите.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Стоп за расколот и поделбите! Државата пред се` за доброто на Македонија! Претседател за граѓаните, а не на Владата! За претседател Албанец, ама на сите граѓани! Ова накусо се клучните поенти од синоќешните први предизборни настапи на четворицата кандидати за претседател на Македонија. Во различен амбиент, но со сличен стил на говор, главно позитивен и без оцрнување на противникот, барем од страна на кандидатите за шеф на државата. Експертите не се изненадени од она што го видоа и слушнаа. Од масовноста на митингот на владејачката ВМРО ДПМНЕ во Охрид, амбиентот во Универзалната сала во организација на СДСМ, до настапите во скопска Лептокарија на кандидатот на ГРОМ, односно „училишната“ промоција на ДПА во Чаир. Главниот предизвик според дел од аналитичарите ќе биде зачувување на позитивната кампања, иако со оглед на т.н. “двојни избори“ тоа ќе биде тешко остварливо:

„Кај парламентарните избори очекувам доста негативна кампања како техника, но тоа ќе биде грешка, особено кај опозицијата, која ќе мора да обезбеди една позитивна база, еден позитивен столб околу кој што ќе привлекува гласови. Бидејќи во Македонија сега се гласа ’за’, а не ’против’. Затоа се надевам дека барем кај претседателската кампања ќе доминира една малку попозитивна реторика, иако повторно со оглед на испреплетеноста што ќе ја има помеѓу претседателската и парламентарната кампања не сум сигурен дека ќе биде возможно да се одвојат позитивната од негативната реторика. Така што, најверојатно ќе имаме преовладувачко негативна кампања, иако самите кандидати очекувам да бидат малку над оние лични навреди и се‘ она што следи во примената на негативната кампања. Мислам дека кандидатот на ВМРО ДПМНЕ Ѓорѓе Иванов со добро познатата партиска стратегија за настап на масовни собири и неговиот бекграунд е во предност пред Стево Пендаровски, кој сметам дека беше доцна промовиран и ќе му треба повеќе време да го запознае пошироката јавност, особено ако не практикува промоција преку масовни митинзи“, коментира политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.

Стратегии според рејтингот на кандидатите

Позитивната реторика на кандидатите е очекувана и за политичкиот аналитичар Петар Арсовски. Двете најголеми партии на овие претседателски избори според него најверојатно ќе се соочат со различни стратегии диктирани од партиските анализи за рејтингот на нивните кандидати:

„Очекувам дека двајцата претседателски кандидати ќе имаат исклучиво позитивна кампања, додека нивните партиски штабови ќе имаат негативна кампања. ВМРО ДПМНЕ најверојатно ќе оди на стратегија на зачувување и минимална експанзија на своето гласачко тело, што, ако се смета по резултатите на последните парламентарни избори, би требало да им биде доволно за победа. Оттаму, очекувам претседателската кампања на Ѓорѓе Иванов најмногу да смета на веќе постојните гласови. Нјаголемиот ризик за него би бил доколку Стево Пендаровски мобилизира сериозен потенцијал кај неопределените, независните албански гласови, или незадоволните. СДСМ пак, ќе се обраќа најмногу кон неопределените, со прогресивна, либерална реторика. Притисокот за Пендаровски ќе биде поголем, зашто тој ќе мора сериозно да го зголеми бројот на гласови над чисто партиската база, па оттаму, очекувам СДСМ да ја одвои претседателската и парламентарната кампања, обидувајќи се кон Стево Пендаровски да привлече нови гласови. Најголем ризик за неговата кампања е разнишаниот бренд на партијата која го кандидира, што може да се реперкуира на терен, така што СДСМ не би успеал да му ги испорача сите потенцијални гласови со теренска работа“, смета Арсовски.

Фотографија: Petr Stojanovski

Да се врати довербатаво функцијата претседател

Клучното во предизборните настапи според универзитетскиот професор Мерсел Биљали нема да биде масовноста, туку способноста на кандидатите да ја вратат довербата на функцијата претседател:

„Ако денот се гледа според утрото, практично се најавува дека граѓаните не се многу пасионирани од митинзите кои партиите сакаат да ги прикажуваат што е можно пограндиозно. Прво, имаме ситуација во која во изминатиот период функцијата претседател на државата практично беше укината. Имавме претседател кој што беше безгласна буква и тоа неминовно ќе се рефлектира и сега, иако ќе зависи од тоа колку ќе бидат снаодливи политичките конкуренти да ја вратат довербата дека сепак таа посебна институција би требало да биде контролор на власта. Инаку генерално мислам дека луѓето се заситени, изморени и соочени со големи социјално економски проблеми. Затоа сето тоа се надоместува со вештачко мобилизирање, односно тие што имаат непосреден интерес се принудени да ги следат политичките партии. Изборите за жал за нас станаа национален спорт и не очекувам големо внимание во предизборието, туку една веќе видена рутина“, коментира Биљали.

Што се однесува пак до двете албански партии, ДПА, која излезе со кандидат и ДУИ, која води кампања за игнорирање на едностран претседателски кандидат, тие според Биљали демонстрираат нејасна игра:

„За едната е сосема сигурно дека нивниот кандидат е само за една обична екскурзија, а зад тоа стојат можеби некакви договори. Додека другата не знае што прави, иако нејзината можност е сепак да помогне Македонија да излезе од криза, а засега не се гледа дека има волја да помогне“, коментира Биљали.

Предизборната трка на Ѓорѓе Иванов, Стево Пендаровски, Зоран Поповски и Илијаз Халими завршува на 11-ти април. Гласањето е два дена подоцна. Доколку не се избере претседател во првиот круг, во вториот на 27 април ќе се тркаат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови.


Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми