Грчките медиуми ги пренесуваат пораките на американскиот секретар за одбрана околу условот за покана на Македонија во НАТО - решение на спорот за името. Димитров и Коѕијас утревечер на нова средба во Солун.
Реклама
„САД до ПЈРМ: Прво решение за името, па пристапување во НАТО“. Под овој наслов грчките медиуми ја пренесуваат пораката од американскиот секретар за одбрана, Џејмс Матис, по вчерашната средба во Вашингтон со македонската министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.
„САД ја афирмираат одлуката на НАТО во Букурешт во 2008 година, Македонија да добие покана за членство веднаш штом ќе се постигне заеднички прифатливо решение на прашањето за името со Грција. Ја поздравуваме вашата работа со Грција на разрешувањето на ова прашање и се надевам дека наскоро ќе има резултати. Не сакаме да ве видиме запрени пред вратите на НАТО“, изјави Матис.
Дел од медиумите потсетуваат дека тој став претходно го искажал и шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, објаснувајќи од што зависи решението: „За да добие покана за НАТО на Македонија, треба да има договор за ерга омнес“.
Истите ставови Коѕијас ги повторил и во вчерашното интервју за грчката ТВ „Скај“. Тој изјавил дека за првпат двете земји се толку блиску до договор, но решението зависи од тоа дали Македонија ќе прифати име за внатрешна и за меѓународна употреба.
„Тие велат дека не можат да го имаат истото име како и надвор“, рекол Коѕијас, објаснувајќи какви се македонските позиции.
Запрашан дали постои можност за т.н. „привремен прием“ на северниот сосед во НАТО додека да се реши спорот, Коѕиас изјавил дека тоа би било проблематично и дека Грција не би се согласила со тоа без постигнато решение.
Награда за конструктивност
Во исто време, дел од медиумите анализираат дали некои од сегашните грчки позиции во однос на решението за името би можеле да бидат релативизирани од Атина, пред сѐ поради прагматични внатрешни причини. Притоа ги нагласуваат индициите дека Грција би можела до добие „повеќе дарежливи аранжмани за отпишување на долговите, ако на позитивен начин се справи со спорот за името“. Според анализите, се смета дека тоа може да ѝ донесе голема политичка полза на владата: поени заради решавање на еден од хроничните проблеми во надворешната политика, но и полабав надзор на кредиторите врз грчката економија, кој би бил „со сосема поинаква фреквенција и содржина за разлика од оној во Португалија, Ирска или Кипар“.
Во тој контекст ги ставаат и наводите од упатени извори, дека во разговорите може да се дојде и до решение за употребата на името „Македонија“ во одредени аспекти на внатрешните работи на соседната земја. Можноста грчката конструктивност да биде наградена ја поврзуваат и со можноста владата да отстапи од најавеното намалување на пензиите, фиксирано за 1-ви јануари 2019 година. „Та неа“ уште во средината на април објави дека Атина ќе добие „подарок“ од Берлин ако се постигне решение за името. Повикувајќи се на европски извори, весникот објави дека во таков случај антикризната мерка за кратење на пензиите би се одложила за шест месеци подоцна, што би му одело во прилог на Ципрас и на неговите изборни планови. Грчката влада остро ги демантираше ваквите наводи.
Нова средба во Солун
Надвор од овие шпекулации, извесно е дека е на повидок е нова епизода во разговорите за името. Министерот за надворешни работи Никола Димитров и неговиот грчки колега Никос Коѕијас, ќе имаат можност за нови разговори на маргините на третата по ред, четирипартитна средба на министрите за надворешни работи на Грција, Албанија, Бугарија и Македонија, што ќе се одржи во Солун на 3-ти и 4-ти мај. На средбата, покрај министрите за надворешни работи, ќе учествуваат министри и високи претставници од министерствата за внатрешни работи и за транспорт на четирите земји. Утревечер средбата ќе започне со заедничка вечера во хотелот „Хајат Риџенси“ во близина на Солун, а веќе следниот на агендата се министерски разговори за предизвиците во регионот на ЈИЕ од состојбите на Блискиот Исток и Источниот Медитеран, за последиците од движењето на бегалците кон Балканот, за иднината на Европа и интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Ќе биде опфатена и прекуграничната соработка во областите на полициската, царинската и цивилната заштита, интерконективноста и транспортното вмрежување во регионот. Токму на маргините на оваа министерска средба се очекува Димитров и Коѕијас да ги продолжат разговорите таму каде што застанаа на последната средба во Виена
Димитров и Коѕијас разговарале интензивно и срдечно
00:40
Во пресрет на таа средба, скопската канцеларија на фондацијата „Фридрих Еберт“ и Центарот за европски стратегии - Евротинк, организираат трибина на тема: „Каде е јазот: Името ли е, или непознавањето едни со други?“. Дебатата ќе ја отвори темата за соработка и комуникација меѓу Македонија и Грција на нивоата надвор од официјалните канали на институциите на двете држави. На трибината ќе говори и Јанис Армалолас од невладината ЕЛИАМЕП - грчка фондација за европска и надворешна политика.
Децениски спор за името меѓу Македонија и Грција
Спорот за името меѓу Македонија и Грција траеше речиси три полни децении, и беше окончан со Преспанскиот договор. Спорот беше проследен со многу протести, блокади и вето за членството на Македонија во НАТО.
Спорот меѓу двете земји ескалираше веднаш по прогласувањето на независноста на Македонија од поранешна Југославија. Грција го блокираше приемот на земјата во ОН и признавањето од страна на Европската заедница и покрај позитивната препорака од т. н. Бадинтерова комисија.
Фотографија: Dnevnik
Забрана за зборот „Македонија“
Првичната грчка позиција на почетокот на 1990-те години беше дека во името на соседната држава не смее да се содржи зборот „Македонија“. Носители на таквата политика беа владата на премиерот Констанин Мицотакис, и подоцна особено шефот на дипломатијата Андонис Самарас. Самарас поднесе оставка и предизвика пад на владата на Мицотакис по приемот на Македонија во ОН под референцата БЈРМ.
Фотографија: Reuters/A. Avramidis
Привремената спогодба од 1995 година
На 13 септември 1995 година во Њујорк беше потпишана Привремената спогодба која требаше да води кон нормализација на билатералните односи. Претходно, на 6 јануари 1992 година, Македонија го смени државното знаме со симболот на сонцето од Вергина и Уставот во делот кој, според Грција,содржеше иредентистички позиции. Со тоа беше ставен крај и на 18-месечното трговско ембарго кон Македонија од Атина.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Antonov
Меѓународно признавање
По спогодбата со Грција, Македонија успеа да се избори за меѓународно признавање под уставното име од 118 држави, како и да влезе во најзначајните европски и светски институции. Но, спорот остана да се влече и во децениите кои следеа. Посуштествени напори од двете страни да се реши спорот, според неофицијални информации, се направени во 2001 и 2005 година, но без успех.
Фотографија: picture-alliance/ dpa
(Нe)потребна провокација
Кон крајот на 2006 година, новата влада на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски одлучи да го преименува аеродромот Петровец во Скопје во „Александар Велики“. Грција остро реагира, а спорот полека се враќа на голема врата, сѐ до целосната ескалација на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Самитот во Букурешт
И покрај обидите на медијаторот Метју Нимиц со засилени дипломатски напори и под притисок на САД да се изнајде решение за спорот до самитот на НАТО во Букурешт, тоа не се случи. Атина го блокираше приемот на Македонија во воената Алијанса. На 3 април 2008 година, НАТО му порача на Скопје дека поканата за членство останува отворена доколку се најде компромис со Атина за името.
Фотографија: AP
Тужба во Хаг
Во ноември 2008 година, македонската влада одлучи да покрене тужба пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг против Грција поради ветото во Букурешт. На 5 декември 2011 година, Судот пресуди во корист на Македонија и заклучи дека Грција ја прекршила Привремената спогодба. Но, во истовреме Судот заклучи дека нема правна сила да ѝ нареди на Грција да го повлече ветото.
Фотографија: MIA
Антиквизација
Процесот што започна со преименувањето на аеродромот во Скопје во 2006 година, по самитот во Букурешт доби далеку пошироки димензии. Владата на ВМРО-ДПМНЕ започна со масовно преименување на објекти и улици и изградба на проектот Скопје 201, во чиј центар се наоѓа споменикот на Александар Велики (наречен Воин на коњ). Проектот чинеше повеќе од 600 милиони евра и ѝ донесе многу критики на земјата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Преговори во (не)пријателска атмосфера
Иако преговорите околу спорот за името продолжија и во следните години, по самитот во Букурешт, ескалираа националистичките страсти и навреди меѓу двете држави. Грција остро реагираше на билбордот (на фотографијата) на кој грчкото знаме беше претставено со свастика. На слични провокации од грчка страна, особено од страна на грчката армија, реагираа и македонските власти.
Фотографија: picture-alliance/ dpa
Чија е Македонија
И во северна Грција во меѓувреме речиси сите позначајни објекти го носат името „Македонија“. Официјалната „црвена линија“ на Атина во меѓувреме е дека мора да се најде заеднички прифатливо име за меѓународна употреба „ерга омнес“ со географска додавка. Најчесто се споменуваат придавките северна и горна кон името Македонија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Barbarousis
„Вечниот“ Метју Нимиц
Единствена константа во деценискиот спор остана американскиот правник и дипломат, Метју Нимиц. Именуван од страна на Обединетите нации за медијатор во спорот пред 23 години, Нимиц и натаму е оптимист и верува дека може да се најде решение за проблемот. Последната серија средби со политичките лидери во Скопје и Атина ја имаше во јули годинава.
Фотографија: MIA
Нов оптимизам
Смената на власта во Македонија и падот на ВМРО-ДПМНЕ донесоа нов оптимизам дека може да се најде решение за спорот. Владата на Заев по секоја цена сака да обезбеди прием во НАТО на следниот самит на Алијансата во 2018 година. Пречката за тоа и натаму останува Грција, но провејува оптимизам дека под притисок од меѓународната заедница и со нова политика во Скопје, би можело да дојде до исчекор.