1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поканата за НАТО пристигна - што сега?

Јелена Кулиџан/сн2 декември 2015

Црна Гора денеска (2.12.) официјално доби покана да стане 29. членка на НАТО. Меѓутоа прашање е дали тоа ќе ги ублажи острите поделби во црногорското општество.

Фотографија: imago/Cityfiles

Министрите за надворешни работи на 28 земји-членки на НАТО усвоија декларација со која ја повикуваат Црна Гора да стане 29 членка на Алијансата. Официјалната покана ја упати генералниот секретар Јенс Столтенберг, нарекувајќи ја историска одлуката на министрите за надворешни работи на НАТО. Сега на Црна Гора би требало да ѝ биде испратено „писмо со намери“, со прецизен распоред на реформи кои би требао да ги спроведе. Декларацијата која ја усвоија шефовите на дипломатии, би требало да ја ратификуваат и владите на земјите членки на НАТО.

„Можно е во тој период одделни земји да побараат дополнителни појаснувања од црногорските институции, важни за успешниот процес на ратификација“, објаснува за ДВ, Александар Дедовиќ, директор на црногорската невладина организација „Алфа Центар“, која ги следи НАТО- интеграциите.

Дедовиќ смета дека зачленувањето на Црна Гора во НАТО може да потрае и до три години, поради случувањата на поширокиот геополитички план- ескалацијата на судирите во Сирија, кризата во Украина и конфликтот меѓу Турција и Русија. Во случајот на Хрватска и на Албанинја, кои последни влегоа во НАТО, периодот од повикот до членството траеше околу една година.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и црногорскиот премиер Мило ЃукановиќФотографија: Getty Images/AFP/S. Prelevic

„Предлог текстот на декларацијата е одобрен на амбасадорско ниво на НАТО. Потоа ќе биде потребна најмногу година и половина за Црна Гора да стане членка“, изјави неименуван извор од Брисел за агенцијата Франс Прес, кого го цитираат црногорските медиуми.

Што донесува повикот?

Одлуката од Брисел црногорската јавност ја дочекува длабоко поделена околу прашањето на членството во најсилниот воен сојуз во светот. „Повикот е увертира за уште една голема тема да почне полека да се надминува и да не биде повод за подлабоки поделби кои фрлаат сенка врз клучните проблеми на граѓаните на Црна Гора, како што се сиромаштијата, невработеноста, криминалот, корупцијата“, вели новинарот Недељко Рудовиќ, кој сега се занимава со истражување на јавното мислење: Копјата ќе продолжат да се кршат за тоа дали одлуката за пристапување да се донесе во парламентот или на референдум“, заклучува Рудовиќ.

Дедовиќ истотака верува дека по добивањето на поканата целокупната јавност ќе се посвети на решавање на внатрешните прашања: „Мислам дека поделбите во јавноста по ова прашање ќе загубат во интензитет и оти ќе се завртиме кон нови создавања а не кон поделби“,очекува Дедовиќ.

Меѓутоа, се поставува прашањето дали НАТО ќе ги зголеми апетитите кон идната членка. Во моментов, црногорски војници учествуваат во мисијата ИСАФ во Авганистан. „Испраќањето покана апсолутно не подразбира нови, ненајавени обврски или условувања во делот на позначајно учество во мисии. Сите земји-членки ги уредуваат односите со Алијансата исклучиво во согласност со сопствените интереси, во рамките на капацитетите со кои располагаат, а секој договор и аарнжман со НАТО мора да го одобри парламентот на Црна Гора“, категоричен е Дедовиќ.

Членот на Управниот одбор на „Движењето за неутралност“, Стефан Ѓукиќ размислува поинаку. Иако НАТО на своите членки им препушта самите да одлучуваат, тоа е само убава приказна, истакнува Ѓукиќ. „Имајќи предвид дека сите понови членки го следат диктатот на САД, може да се очекува дека и Црна Гора ќе испрати поголем контингент војници- за да бидат поприсутни во опасните подрачја во Авганистан а можеби утре и во Сирија“, уверен е Ѓукиќ.

Тој упатува и на сѐ поголемата опасност од тероризам, под која потклекнаа големите воени сили, прво САД, а неодамна и Франција. „Не постои смислено објаснување зашто нашите политичари ја туркаат својата земја да стане пион лесен за жртвување во геополитичкиот шах, кога светот е во превирање. наместо да се изземеме од работите кои не можеме да ги промениме, ние доаѓаме во ситуација како држава да станеме ефтина стока за поткусурување“, истакнува Ѓукиќ.

Поканата може драстично да ги промени и односите на Црна Гора, со , според многумина, братска Русија. Потпретседателот на руската државна Дума, Сергеј Жељезнак порача дека Москва ќе биде принудена да ѝ воведе економски санкции на официјална Подгорица, ако пристапи кон западната воена Алијанса.

„Русија веројатно нема веднаш да влече потези, ама јасно ќе стави до знаење дека со влезот во НАТО и Црна Гора станува легитимна цел. Можно е и да им препорача на руските државјани помалку да вложуваат и туристички да ја посетуваат Црна Гора.“, наведува Ѓукиќ.

Фотографија: DW/N. Rujević

Поканата- ветер во грбот на ДПС

Владејачката Демократска партија на социјалистите (ДПС) веќе подолго време својата реторика ја заснова токму на членството на Црна Гора во НАТО. Аналитичарите се согласни дека испраќањето на поканата таа партија ќе го претстави како своја победа, што ѝ дава значителен ветер во грбот спроти парламентарните избори наредната година.

„ДПС ќе се обиде тоа да го претстави исклучиво како нејзин придонес, ама тоа не одговара на реалноста. Црна Гора ќе влезе во Алијансата пред сѐ затоа што во овој момент тоа е во интерес на Алијансата. Исто така сите реформи кои се случија, спроведени се под притисок на Западот, дел од опозицијата и цивилното општество“, наведува Рудовиќ.

Ѓукиќ додава дека власта предизборната кампања ќе ја сведе на аргументите за и против НАТО, занемарувајќи ги така општествените проблеми. „Не исполни ниту едно ветување од претходните избори, меѓу кои и натаму одѕвонува она за 40 илјади нови работни места“, потсетува Ѓукиќ.

Покрај Црна Гора, пред вратите на НАТО стојат уште четири земји. Босна и Херцеговина, Македонија, Грузија и Украина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми