1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како поделбите Исток-Запад го блокираа нашиот пат кон ЕУ

15 октомври 2021

Полска нема да излезе од ЕУ, но токму поради нивната филозофија кон ЕУ,поради нивниот кочничарски и контрастен однос со Унијата и со западните членки, ни ние нема да влеземе во ЕУ во догледно време. Пишува Ивор Мицковски

Ивор Мицковски, автор на колумната
Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Ветришта од Истокот, поточно од Полска, повторно и се закануваат на обединета Европа. Почнува да се зборува за потенцијален „Полегзит“, но, да видиме што е проблемот и која е позадината на полскиот и европскиот немир.

Минатата недела тензиите меѓу Варшава и Брисел ескалираа по историската одлука на полскиот Уставен суд со која се утврди дека некои членови од договорот за ЕУ ​​се „некомпатибилни“ со полскиот Устав. Поточно, дека членот 1 и членот 19 од Договорот за функционирање на Европската унија не се компатибилни со полскиот Устав. Прашањето околу евентуален „Полегзит“ е повеќе внатрешнополитичко и покренато од поранешниот Претседател на Европскиот совет Доналд Туск, кој се спротивставува на политиките на актуелната Влада. Премиерот на Полска Матеуш Моравјецки пак тврди дека: „ЕУ е наша заедница, наша унија“ и дека не станува збор за некаков излез на Полска од Унијата. Па, да видиме што е причината за овој најнов хаос во ЕУ.

Полјаците се убедени дека не направиле ништо повеќе од Германскиот сојузен уставен суд кој ја оспоруваше легитимноста на одлуката на Судот на правдата на ЕУ поврзан со „Quantitative easing“, односно, за пресудата околу продажба на обврзници на Европската централна банка. Но, факт е дека Германија во тој случај заработи процедура за прекршување на фундаменталните принципи на Европското право, нешто што се уште не случај со Полска, затоа што законот се уште не е објавен во Службен весник, како и затоа што Европската Комисија купува време и ја анализира актуелната ситуација.

Друга колумна од авторот:Блефот на Кина и Америка околу Тајван

Но, потегот на Варшава е особено сериозен затоа што оспорува два фундаментални члена од Договорот на ЕУ: првиот кој е конститутивен за ЕУ и 19-от со што се предизвикува приматот на европското право и надлежноста на Судот на правдата на ЕУ. За да се разбере сериозноста на случајот мораме да се вратиме малку наназад во времето.

Фотографија: Maciej Luczniewski/NurPhoto/picture alliance

Од 1957 година европската конструкција се базира врз приматот на европското право над она на националните држави. Фактички, кога една земја своеволно влегува во ЕУ, таа мора да ги формулира и преговара своите закони и политики со оние на останатите членки. Доколку една земја-членка одеднаш одлучи да одбие да ја почитува или применува некоја европска норма, повикувајќи се на внатрешен принцип или донесувајќи национален закон, тогаш целата правна конструкција на ЕУ се руши и исчезнува фундаменталниот политички пакт на заемна доверба кој и онака е основа за европското обединување.

Но, ако властите од Варшава немаат намера да излезат од ЕУ, тогаш зошто се одлучуваат на ваков чекор? Првата и најважна причина е за да ја одбранат правната реформа која според Брисел е закана по независноста на судиите во Полска. Таа реформа веќе беше оспорена од Судот на правдата на ЕУ, па оттука и произлегува полската контрамерка. Втората причина е поврзана со полскиот план за закрепнување и средствата кои се уште се блокирани од ЕУ, заради прекршување на принципите на правната држава, како и поради полското барање ЕУ да ја финансира изградбата на анти-имигрантски бариери кои веќе се градат на нејзината источна граница.

Во суштина Полска бира еден многу непријатен начин на преговарање со ЕК, но највеќе од се го нагласува суверениот карактер на својата внатрешна политика, односно, својата сосема различна концепција околу тоа што треба да значи делегирањето на суверенитетот и како треба да се развива една обединета Европа.

Сега останува да се види одговорот на ЕК која е чувар и спроведувач на договорите на ЕУ. Мислам дека првиот и основен принцип кој треба да се следи е дека: кој не ги почитува правилата, законите и заедничките слободи на Европа, нема право да претендира пари или поддршка од ЕУ.

Друга колумна од авторот: Германските избори и несигурната иднина на Европа

Проблемот со Полска, како и најчесто со Унгарија, отвара една нова или потврдува една стара поделба и разлика помеѓу Источна и Западна Европа. Разликите и поделбите суштински растат и покрај влезот на поранешните советски сателити во ЕУ. Западна Европа го исфорсира влезот на многу од источните членки во ЕУ, понесена од ентузијазмот и заблудата дека опресираните народи и земји од истокот, спонтано ќе ги прегрнат либерал-демократските вредности и дека лесно ќе се откажат од својот штотуку стекнат суверенитет. И тука лежи стратешката грешка на политичката одлука овие земји да бидат внесени во ЕУ. Затоа што нивната концепција за обединета Европа, како и нивната историја и култура под чизмата на Москва, не е иста со онаа на Франција, Германија, Италија, и останатите основачки членки на ЕЗЈЧ, преку ЕЕЗ, до ЕУ. Не, дека големите западни европски земји немаат свои засебни интереси или не се грижат за својата независност, но сепак, кај нив е втемелена определбата да се откажат од дел од својот суверенитет со цел да се постигне поголема европска обединетост.

Фотографија: Bernd Riegert/DW

За земјите од истокот, било тоа Полска, другите земји од Вишеградската група, Бугарија или Романија, па дури и Балтичките земји, клучниот и одлучувачки фактор секогаш бил обезбедувањето на трајна независност и суверенитет. Тоа пред се го постигнаа со влезот во НАТО, односно, преку безбедносните гаранции од САД во Европа, а дури потоа преку влезот во ЕУ и отварањето на европските фондови и пари. Таква е сликата и денес, на истокот им се важни само американските војници и европските пари, а ако треба од нешто да се откажат, иако со тешко срце, попрво би се откажале од второто. Ако може да ги имаат и двете – тогаш полна капа. Со други зборови, суверенизмот на источните земји-членки на ЕУ е структурален и суштински и тој не е последица на одреден политичко-идеолошки циклус или тренд, како што е случајот во некои западно европски земји.

Друга колумна од авторот: Крај на ерата Меркел

Европа за истокот има и може да има само економско-финансиски импликации, донекаде и општествени, но никаква продлабочена политичка унификација од нивна страна нема да биде поддржана или прифатена. Европа за источните земји не е сфатена како инструмент кој може да ги надомести националните слабости преку поголема унификација или ставање под иста капа на одредени функции, него како простор во кој треба да го одржат одново пронајдениот суверенитет. И тоа ќе биде така без оглед каква Влада е на позиција во овие земји, била таа про-европска или евроскептична. Едноставно, лојалноста на Источна Европа лежи во Вашингтон, а не во Брисел.

Ова е еден вид на перманентен конфликт во рамките на ЕУ и тоа е причината поради која денес проширувањето кон истокот се смета за избрзан чекор. Тоа пак има неизбежни реперкусии врз нашите европски интеграции и европската одбивност кон идно проширување. Поинаку кажано, Полска нема да излезе од ЕУ, но токму поради нивната филозофија кон ЕУ, поради нивниот кочничарски и контрастен однос со Унијата и со западните членки, ни ние нема да влеземе во ЕУ во догледно време. 

Фотографија: picture-alliance/Photoshot/Qian Yi

И тука има една иронија на западниот свет. Единствената западна земја која посакува Македонија и Западен Балкан да влезат во ЕУ е Америка. Последниот самит во Словенија заврши трагично за Западен Балкан. Замислете, во целиот документ од финалната декларација, зборот „проширување“ се споменува само еднаш. Потоа се нуди некоја смешна економска и финансиска помош од заеми и инвестиции во висина од 29 милијарди евра во следните 7 години, сума која ЕУ ја обезбедува само за една земја-членка како Словачка.

Се потврди и нешто што од поодамна го знаеме околу македонско-бугарскиот спор. Спорот е реален и егзистенцијален, тоа е јасно. Јасно стана и дека тој спор им одговара на сите, особено на Софија, која глуми некаква сила со тоа што се декларира како единствен кочничар на проширувањето. Во реалноста, многу земји, не толку дека се противат на самото проширување, но и тоа како се противат на некаков прецизен датум. Тоа е случајот дури и со една Германија која беше најголем спонзор на Западен Балкан, затоа што не сака покрај сите постоечки поделби во ЕУ, да внесе дополнителен дисбаланс внесувајќи заостанати економии, авторитарни власти и немирни нации. Ескалацијата меѓу Србија и Косово е доволен пример колку ЕУ стравува од увезување нестабилност, наместо да го држи надвор. Затоа, само Америка не сака во ЕУ, затоа што смета дека е подобро овие 6 земји да се внатре отколку надвор, отворени на мешања од руски, турски и кинески влијанија. Ако притоа на тој начин може да и го отежни и животот на Германија, дотолку подобро.

Од поделбите на многу Европи, како и на Европејци и Американци, нашиот дел од Европа најмногу ќе страда.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми