1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поленц: Приклучувањето во ЕУ не се случува од денес до утре

Бетина Маркс / Е. М. Фиданоска14 септември 2013

Рупрехт Поленц е пратеник во Бундестагот речиси 20 години, а во последните 8 години и претседател на парламентарната Комисија за надворешна политика. Во интервју за Дојче веле тој зборува за ЕУ-перспективите на Балканот.

Фотографија: picture-alliance/dpa

На прашањето дали ЕУ, која делува како да е преоптоварена од големиот број нови членки кои и‘ се приклучија за кусо време, треба да се проширува и со државите од Западен Балкан, Рупрехт Поленц одговара:

„ЕУ на самитот во Солун на сите држави од поранешна Југославија, кои се дел од таканаречениот Пакт за стабилизација на Балканот, им вети дека некогаш ќе можат да станат членки на Европската унија. Тие, меѓутоа, мораат да ги исполнат неопходните услови за приклучување, мораат да се реформираат и пред се‘ - да имаат добри меѓусебни односи. Ваквото ветување придонесува многу за тоа земјите од Западен Балкан да се движат чекор по чекор, со многу напор, понекогаш и во стилот на танцувачката процесија во Ехтернах, но сепак - да се движат во вистинска насока! Дури и конфликтот меѓу Србија и Косово со ЕУ-перспективата, иако не е решен, е до некаде ограничен. Ако ЕУ сега им стави крај на ваквите ветувања за приклучување, тогаш ќе има големи проблеми со ориентирањето. Доколку тоа се направи, јас гледам опасност од враќање кон состојби од старите времиња и сигурно ќе мора да сметаме дека нашите КФОР трупи ќе мораат да останат и во наредните 10 години во регионот“.

Поленц зборува и за перспективите на Косово и шансите тоа да биде признаено од сите земји на ЕУ:

„Мислам дека е тоа долг процес. Мораме да ги согледаме различните причини поради кои одделни земји, како Шпанија и Романија, постапија на таков начин. Во моментот кога Србија, поради тоа што сака да стане членка на ЕУ, ќе ги доведе во ред односите со Косово, во смисла на признавање, тогаш сигурно и останатите земји-членки кои се‘ уште не го признале Косово, ќе го сторат тоа“.

Прашан за состојбата со Албанија и нејзиниот пат кон ЕУ, Поленц вели:

„Перспективата во основа важи и за Албанија. Но, за да не се будат погрешни очекувања или впечатоци, треба да се каже дека за сите кандидати за приклучување тоа не е прашање од денес за утре. Тоа е целта на крајот од еден долг пат. Но, и ние треба да направиме придвижување во односот кон населението, како слобода на патување, безвизен режим. Мораме да одиме во пресрет на кандидатите за приклучување, за менталитетот, особено на младите, да може да се привикнува на Европа, на пример преку посети на европските земји. Не смеете да заборавите дека некои во регионот во времето на старата Југославија под Тито уживаа поголема слобода на патување во насока кон Европа отколку што тоа е случај денес и тоа мораме да го промениме“.

Рупрехт Поленц од Христијанско-демократската унија веќе не се кандидира за пратеничко место во Бундестагот

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми