1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политиката се врати

25 април 2020

Политиката се врати во корона кризата со гамбит одигран од СДСМ. Иницијативата за свикување на Собранието изгледа повеќе како потег за расчистување на политичката сцена отколку за стекнување на опиплива предност

Mazedonien - Das Parlament
Фотографија: MAKFAX

Привременото примирје заврши. Политичарите полека се раздвижија во рововите, во кои беа  залегнати во овие два месеци додека нацијата во страв следеше како тече војната против коронавирусот, не само овде туку и во целиот свет. За време на оваа политичка хибернација, партиските генерали испраќаа групи извидници да испитаат што се случува кај непријателските линии и тоа главно беше спорадична размена на оган. Со исфрлање по некоја граната.

Некому му изгледа неочекувано, некому изнасилено, некому бесмислено, некому исправно барањето на 35 пратеници да се активира распуштеното Собрание за да ја потврди одлуката на претседателот Стево Пендаровски за прогласување на вонредна состојба. Но, и да расправа за уредбите на Владата, со кои можеби се кршат одредени права и слободи на граѓаните.

Расправата која во неколку одредени мигови стана поважна од дневниот извештај за новоинфицираните, хоспитализираните, излечените и умрените лица на свој начин потврди дека политиката не сака подолго време да остане под површината на настаните. И дека, колку тоа и да звучи грубо, политичарите сакаат рефлекторите на сцената повторно да бидат насочени кон нив, а не кон здравствените професионалци, на кои сега најмногу им веруваат граѓаните. Нема тука ништо нелогично. Олеснувањето на рестрикциите не важи само за движењето на луѓето, тоа им ја подотвора вратата и на политичарите.

Претходни колумни од авторот:

Чаршиски разговори

Дали помошта има боја?

Автократите ја сакаат пандемијата

Кога непријателот е внатре

Јавноста сѐ уште се мачи да дознае кој зајак и од чија нива со луцерка треба да се избрка со иницијативата за повторно свикување на Собранието. Но изгледа дека не е само јавноста што не знае што се случува, туку и голем дел од политичарите се обидуваат на некој начин да ги фатат конците на настаните. Доколку тие не се намерно растрагани од фрленото клопче. Да не навлегуваме во правничките објаснувања дали може или не може да се состане распуштениот парламент, да го видиме политичкиот контекст.

Главното прашање е зошто изгледа дека одредени политички групации одат против своите интереси кога е во прашање повторното свикување на парламентот. Објаснувањата може да изгледаат нелогични, но можеби и има систем во тоа. Прво, која е политичката корист на СДСМ да бара пратениците да се вратат во клупите? Дали со тоа изборите може да се одржат не наесен, туку некаде пред почетокот на летото? Ако СДСМ ги зема за важни репери двете анкети на двата независни американски институти направени пред почетокот на корона кризата – на ИРИ и НДИ – во кои тој има мала предност, социјалдемократите би сакале изборите да се одржат што е можно побрзо пред економската рецесија, што неизбежно ќе следи (како и во сите земји до една во Европа), да не биде главна тема во некоја подоцнежна кампања. Доколку Собранието продолжи со работа тогаш сите изборни рокови паѓаат во вода, ќе треба да се одредуваат нови. Во овој момент важат само изборните листи доставени до ДИК и распоредот на ливчето.

Фотографија: picture-alliance/PIXSELL/HaloPix

Кога владата ја донесе Уредбата за одложување на изборите во неа стоеше дека изборните дејствија ќе продолжат по укинувањето на вонредната состојба. Прашањето е колку претседателот Пендаровски ќе сака уште да ја продолжува вонредната состојба, особено ако интензитетот на епидемијата се намали. И особено поради тоа што последниот пат тој го повика парламентот да се состане и да ги преземе работите во свои раце, а не сѐ да му се остави во неговиот двор, а партиите да си водат политичка битка на терен исчистен од друг. Доколку Пендаровски одбие да донесе нова одлука за вонредна состојба, тогаш работите неминовно би оделе кон избори на крајот од јуни.

Во оваа политичка игра на СДСМ му успеа да прочисти дел од теренот – на другата страна од брегот се само ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, без оглед од кои причини останале таму. Тоа е непријатна ситуација за ДУИ, затоа што ќе се вратат сеќавањата околу одземањето на имунитетот на Трајко Вељаноски и тактизирањето до последен момент за Законот за јавното обвинителство. Тоа е лизгав терен за ДУИ, без оглед на објаснувањата дека за нив во овој момент била најважна борбата против коронавирусот.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ самата се стави во нерешлива ситуација. Големо прашање е зошто опозицијата не би сакала да ја искористи собраниската говорница за критикување на мерките на Владата и здравствените власти во борбата со коронавирусот, наместо да испраќаат по неколку соопштенија на ден кои веќе речиси никој не ги пренесува. А во нив да изнесуваат тврдења кои малку резонираат со расположението на јавноста (анкетата на емисијата „Детектор“, која покажа поддршка од 82 отсто за Венко Филипче, најдобро го отсликува тоа). Во времето кога населението седи дома повторното свикување на парламентот би им дало можност за подобро калибрирање на ставовите преку преносите на телевизија и да се обиде да поврати дел од наративот. Но, ВМРО-ДПМНЕ не сака да го калибрира тој наратив преку парламентот.

Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Претставниците на партијата немаат адекватен одговор што би сакале тие – Стево Пендаровски уште пет пати да воведе вонредна состојба по 30 дена, па изборите да се одржат некаде во октомври или ноември. Тоа можеби би било формално-правно исправно, но дали би било политички полесно – во земјава да се владее со уредби до септември, а дури после да се размислува за избори. И државава да биде без Собрание седум или осум месеци. Имало примери во Европа кога не можело да се формира влада и по година и пол (како Белгија), но никаде нема пример толку долго време да не функционира парламент. И во такви услови имало технички влади кои доставувале закони на гласање до парламентот. Политичката логика на ВМРО-ДПМНЕ е едноставна – тие не би сакале избори во оваа ситуација (крајот на јуни) стравувајќи дека политичката поддршка на граѓаните за власта ќе им донесе пораз на гласањето. Затоа партијата би сакала вонредната состојба да се продолжува колку што е можно повеќе за да може да ги соберат плодовите од економската рецесија што ќе дојде и врз тоа да ја конципираат својата понуда дека тие треба да бидат одбрани да ја вратат земјата на стариот колосек. Христијан Мицкоски побара лидерска средба за можните чекори по поднесената иницијатива за свикување на Собранието за „да ги отвориме картите“. Што би бил исходот на таа лидерска средба – повеќето да бараат враќање на Собранието, а Талат Џафери уште еднаш резолутно да каже „не“ и сите својот камен од плеќите да го натоварат на неговиот грб? Доколку, пак, партиските лидери одлучат, сепак да се свика Собранието, тогаш ќе треба да ги фрлат во вода ставовите на неколку уставни стручњаци, чии гледишта ВМРО-ДПМНЕ постојано ги повторува, дека за такво нешто нема законски основи.

Политиката се врати во корона кризата со еден гамбит што го одигра СДСМ. Тоа изгледа повеќе како потег за расчистување на политичката сцена отколку за нејзинот комплицирање, иако на прв поглед може да изгледа така. И во епидемии политиката живее, затоа што државата функционира токму од неа. Можеби од оваа иницијатива нема да излезе ништо, но нема да биде изненадување ако таа го отвори патот за укинување на вонредната состојба, а со тоа и избори во средината на јуни. Ако кризата донекаде стивне.

***

Слобода во резерватот

Би изгледало дека треба да бидам почестен што нашиот познат стручњак за заштита на културното наследство, Донка Барџиева-Трајковска, се решила да реагира на мојот текст „Чаршиски разговори“, објавен минатата сабота во Дојче веле. Но, само би изгледало. Долгото писание-реакција повеќе изгледа како одраз во огледалото на сопствената суета отколку полемизирање со она што беше напишано во овој „штетен“ текст, како што оценува Барџиева-Трајковска. Целиот текст на Барџиева-Трајковска повеќе прилега како инстинктивна реакција на еден нејзин кус цитат, за кој помислила дека е злоупотреба.

Новинарите не работат во институти за стратешки истражувања, ниту пак подготвуваат студии за научни собири, нивната работа е секојдневна, макотрпна, во постојана битка со времето, чија брзина ја наметнува јавноста. Затоа Донка-Барџиева не ја разбрала суштината на овој есеистички приказ. Како што не ја разбрала поврзаноста на реченицата на Бора Станковиќ – „Старото, дајте ми го старото“ – незграпно нарекувајќи го „патетичен повик“, со потрагата по предизвиците на иднината на цели генерации средношколци токму преку инспирациите во Старата чаршија. Ако тоа не го разбрала, тогаш нема ни што да се расправа.

Што требаше да направам – да се затворам во резерватот на „стотици и илјадници библиографски единици“, да копам по законските и подзаконските акти за да напишам еден есеј за тоа дека Чаршијата е дел од битието на секој граѓанин на Скопје и дека најизвонредната работа е дека тоа место им припаѓа подеднакво на сите. Нека ги истражуваат конзерваторите библиографските единици, мојата слобода во тој научен резерват е поинаква. Затоа и текстот нема научна намера за тоа како конзерваторите треба да ги осмислат интервенциите во Старата чаршија. Тоа е нивна работа. Но да се одзема правото на другите да зборуваат за амбиентот на Чаршијата, кога таа со децении била нивна инспирација – во најмала рака е недозволиво. Би рекол, дури и узурпаторски.

Подметнувањето на ставот дека за мене „сѐ што е изградено во минатото е супстандард“ е лошо срочена мисла. Ако не и злонамерна. Не знам зошто Донка Барџиева-Трајковска се обидела да се искачи на некоја недостижна висина и од таму да ги гледа другите кои сакаат да пишуваат за Чаршијата и да ги критикува ако тоа не е според образецот или замислите кои таа ги има. На еден стручњак, кој треба да има преглед низ многу векови, потреба му е ширина која ја немаат многумина. Тука Барџиева-Трајковска го стеснила својот видокруг.

Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Kaufhold

Донка Барџева-Трајковска во својата реакција воопшто не ја споменува главната поента на мојот текст – дека овој сегашен „автентичен изглед“ е изгледот којшто Скопската чаршија го доби на крајот на 1970-тите, кога беа преземени големи интервенции за да се заштитат објектите кои претрпеа сериозни оштетувања од земјотресот, да се наредат убави травертински плочи наместо старата и дотраена калдрма. Тогаш тоа „осовременување“ под окото на конзерваторите беше потребно за Чаршијата да се спаси од пропаѓање. Но можеби за неа тоа и не било важно.

Но затоа на петте реда напишани за модернизацијата на Париз во 1850 под палката на префектот на Сена, баронот Осман, Донка Барџиева-Трајковска пишува шест пати подолга експликација за париските искуства.

Ако така, еве го и најновото. Лани на 15 март во стравотен оган изгоре покривот на  катедралата Нотр дам, заедно со нејзиниот прочуен врв изграден за време на реставрацијата во 19 век, исто во времето на баронот Осман. Веќе на 17 април претседателот Емануел Макрон ги назначи првите луѓе на тимот што ќе ја надгледува реконструкцијата на ова капитално светско наследство и симбол на Париз.

На чело на овој тим на конзерватори, форензичари и занаетчии е еден генерал, кој нема никаква врска со конзерваторството - Жан-Луи Жержелан. И тоа не кој било генерал. Генералот Жержелен пет години беше началник на францускиот Генералштаб.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми