1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политика на чувства - Трамп и постфактичкиот свет

Кристоф Хаселбах
28 септември 2016

Што сѐ не зборува против Доналд Трамп, а тој сепак е во тренд. Чувствата се поважни од фактите.

USA Präsidentschaftswahl 2016 Trump und Clinton Masken in einem Laden in Vancouver
Фотографија: DW/F. Steiner

Политиколозите и новинарите, пред сѐ од Европа, имаат речиси идентичен став: Хилари Клинтон јасно победи во дуелот со Доналд Трамп. Клинтон, како што аргументираат тие, е далеку политички поискусна, попомирлива, поурамнотежена. Трамп едноставно не е нешто што е дискутабилно. Така отприлика гласат официјалните оценки од оваа и од онаа страна на Атлантикот. И, анкетите на гледачите по дуелот ја потврдија оваа проценка.

Политичките набљудувачи долго не го земаа Трамп сериозно предвид за претседателската трка. Важеше за незамисливо републиканците воопшто да го номинираат за свој кандидат. Но, тој се проби. Кога стана кандидат, истите тие политиколози и новинари велеа дека Клинтон сигурно влегува во Белата куќа.

Но, уште од почетокот не секој експерт го делеше таквиот став. По ТВ-дуелот, на пример, комуникологот Франк Бретшнајдер од Универзитетот Хоенхајм оцени дека било „нерешено“. Трамп „го оправда својот имиџ на политички дрзник“. Тоа, според Бретшнајдер, воопшто не е слаба страна на Трамп. Освен тоа, кај избирачите кои се нерешителни не влијае толку самиот дуел, колку рекациите по него. А, нив главно ги има на интернет. Поддржувачите на Трамп сега се активираат. Тие би морале барем да го неутралзиираат известувањето на медиумите“, вели Бретшнајдер.

Коментарите на интернет по дуелот Клинтон-Трамп се во најмала рака исто толку важни како соочувањетоФотографија: Reuters/C. Keane

Бесот на белецот

Во неделникот „Цајт“ левичарски настроениот американски филмаџија и човек кој го мрази Трамп, Мајкл Мур, уште на крајот на јули го даде следново предвидување: „Овој сирот игнорант, опасен кловн на одредено време и психопат на неопределно време, ќе биде наш нов претседател.“ Додуша, „77 проценти од избирачкото тело се жени, не-белци, млади избирачи на возраст под 35 години, и кај ниту една од овие групи Трамп не може да добие мнозинство“. Но, овие „факти“ не се одлучувачки. Клинтон не е омилена и е премногу дел од постоечкиот „систем“. Затоа, многу Американци нема да излезат на гласање, а Трамп ќе си ги мобилизира своите приврзаници. Мур се обидува да „влезе“ во душата на „бесниот белец“, кој се чувствува како да е во дефанзива: „Откако осум години моравме да гледаме како со нас командува еден црнец, сега треба да седиме со скрстени раце и да гледаме како уште осум години нѐ турка жена?“ За овие избирачи, стравува Мур, Трамп е неодолив.

Прво одмерување на силите меѓу Клинтон и Трамп

01:05

This browser does not support the video element.

Меркел и проблемот на чувствата

Дали изборите ќе бидат решени спротивно на фактите и логиката? Дали широки слоеви избирачи ќе бидат водени повеќе од својот бес отколку од сопствените интереси? Дали тоа навистина ќе се случи и ако да - дали е тоа општ проблем?

Во Германија ЦДУ остана без зборови кога на покраинските избори во Мекленбург Предна Померанија на средината од септември беше зад деснопопулистичката АфД, иако „фактите“, од аспект на ЦДУ, зборуваа поинаку: покраината во која ЦДУ беше јуниор-партнер на СПД се развива позитивно, а и Германија во економски поглед има одлична позиција. Бегалците, големата тема на изборите, во Мекленбург Предна Померанија речиси и ги нема. Тоа е изборно однесување спротивно на фактите, оцени и канцеларката.

И, тоа ја води во очај: „Се вели дека живееме во постфактички времиња. Тоа значи дека луѓето веќе не се интересираат за факти, туку се водени само од чувства.“ Политичарот на АфД Георг Пацдерски вели: „Она што се чувствува е реалност“ и со тоа објаснува дел од изборниот успех на својата партија.

Но, Меркел повеќе сака да се држи до фактите: „Ако почнеме да се однесуваме така, да ги туркаме фактите настрана или да ги игнорираме, тогаш веќе нема да може да се реагира одговорно и конструктивно“, рече таа на почетокот на септември во Бундестагот.

На политичарка за која се важни фактите не ѝ е лесно во свет кој е раководен пред сѐ од чувстваФотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

Пребарувачите како замена за знаење

Швајцарскиот филозоф и физичар Едуард Кезер е не само сигурен дека живееме во еден постфактички свет, туку тој во тоа гледа и закана за демократијата. Во текст кој го објави во август во весникот „Ноје цирхер цајтунг“, Кезер со тоа го објаснува феноменот Трамп. „Невистините и контроверзите“на Трамп не му наштетуваат, туку напротив - тие во очите на неговите приврзаници го прават дотолку поверодостоен, зашто тој делува како да е искрен.

Социјалните мрежи, според Кезер, го поттикнуваат стремежот „како 'факт' да се прифати само она во што и онака се верува“. Институциите кои традиционално се во потрага по вистини кои може да се проверуваат, како што се универзитетите или агенциите за статистика, се ставени под знак прашалник. Секој граѓанин смета дека е експерт затоа што се храни со „замената на знаење“ што му ја сервираат пребарувачите.

Потрагата по вистината е „животно важна“ за демократијата. „Онаму каде што се демонтира конструкцијата на фактите, почнува светот на слободно подбуцнување чувства.“

Меркел досега се држеше стриктно до реалноста: ништо не е невозможно, па и Трамп како претседател. Додека нејзиниот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер, кој инаку важи за воздржан, го нарече Трамп „проповедник на омраза“, Меркел се воздржува од каков и да е коментар. Никогаш не се знае со кого ќе мора да се соработува подоцна.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми