1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичарите ја заобиколуваат Македонија

13 април 2017

Скопје е надвор од агендата на политичари од земји-стратегиски пријатели на Македонија, кои деновиве се присутни во регионот. Причините за евидентното заобиколување на Скопје, аналитичарите ги лоцирааат на домашен терен

Mazedonien Zentrum von Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Заменикот-помошник на американскиот државен секретар, Хојт Брајан Ји, пред две недели беше во Приштина, но и покрај малата дистанца во километри, Скопје не се најде на неговата агенда. „Сигурно не е во прашање недостиг на бензин, керозин или авио-билет“, беше еден од коментарите на социјалните мрежи. Македонија беше заобиколена и од американскиот сенатор Џон Мекејн. Само Скопје не влезе во агендата на неговата турнеја во другите земји од Западен Балкан. Министерот за надворешни работи на Германија, Зигмар Габриел, вчера во Белград се сретна со премиерот и новоизбран претседател на Србија, Александар Вучиќ. Како што е најавено, Габриел по посетата на Белград ќе замине во Приштина, а наредната недела и во Албанија. Македонија засега не се спомнува. Зошто Скопје е надвор од мапата на високи странски политичари од земји-стратегиски пријатели на Македонија, и тоа во време кога земјата е во политичка криза, па секој пријателски совет би можел да даде корисен импулс за излез од неа? Аналитичарите со кои разговаравме сметаат дека причините треба да се бараат на домашен терен.

Недораснати политичари

„Фактот што неколку значајни дипломати од висок ранг од САД и ЕУ беа во посета на држави во соседството, но не го посетија Скопје, не е случаен пропуст во нивната дипломатска агенда, туку еден вид дипломатски изолационизам  и повеќевалентна порака кон македонскиот естаблишмент“, вели поранешниот амбасадор Нано Ружин, и укажува на неколку причини за тоа.

„Прво, владата во транзиција во која доминираат министри на ВМРО-ДПМНЕ, ја сметаат за несоодветен соговорник, со оглед дека партијата не поседуваа мнозинство за формирање нова влада. Второ, тоа е знак дека странските политичари немаат респект за претходната влада, за нејзините долгогодишни министри и нејзиниот поранешен премиер. Во нивните перцепции Груевски го сметаат за човек вон законот. Трето, евидентна е разочараноста од претседателот на државата, кого го сметаат за несоодветен соговорник со оглед на неговата партизираност и солидарност со ВМРО-ДПМНЕ. Од Иванов не можат да се очекуваат промптни реакции за решавање на кризата, ниту државничка акција на зрел политичар.Тој е фактор на нестабилност и симбол на недораснат политичар. Четврто, состојбата во овој миг ја оценуваат како тешко решлива со употребата на мекиот дипломатски јазик или механизмот на soft power, па наместо, тоа најверојатно ќе биде неопходно да се покрене механизмот на санкции - hard power. Во такви услови нема простор за пријатен дијалог, што впрочем го потврдија посетите на Хан, Могерини и Туск“, оценува Ружин.

Сублимирано во една реченица, според него, странските дипломати ја доживуваат актуелната власт како власт на една тоталитарна и инкриминирана кликакоја со 11- годишно владеење ги држи во заложништво сите граѓани, и која се уште измислува нови маневри само за да ја задржи власта. Ружин смета дека овој тренд ќе запре кога ќе биде формирана новата влада.

Федерика Могерини и Ѓорге ИвановФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Носи ли писма поштарот?

Но, заобиколувањето на Македонија не е единствениот сигнал, бидејќи е отворено прашањето дали „поштарот“ сѐ поретко носи дипломатски писма адресирани до официјално Скопје, или примателите ги кријат пораките од писмата? На пример, кабинетот на српскиот премиер на 29 март објави дека Вучиќ примил писмо од претседателот на САД, во кое Доналд Трамп се заблагодарува нa честитката по повод неговото стапување на функцијата претседател, и притоа кабинетот во целост ја објави содржината на писмото. Македонските граѓани немаат информација дали и претседателот на Република Македонија добил писмо од американскиот претседател, особено што Иванов во два наврата упати честитка до Доналд Трамп. Првата, на 9-ти ноември 2016 година, веднаш по неговата победа на претседателските избори, и втората на 21-ви јануари 2017 година, по повод стапувањето на должноста претседател на САД. Третото писмо Иванов го испрати до Трамп на 7-ми март 2017, за да го запознае „со актуелната состојба и со сето она што се случува во Република Македонија“. Такви писма Иванов испрати и до претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, до генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и до претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган. Медиумите лично од Туск при неговата неодамнешна посета на Скопје дознаа дека тој одговорил на писмото на Иванов, а подоцна и за одговорот од Столтенберг, писма кои неколку недели беа криени од домашната јавност. Сето ова го комплетира „мозаикот“ за недовербата кон властите во Скопје.  

„Односот на ВМРО- ДПМНЕ која е носител на техничката влада, а не ги зема предвид пораките од меѓународната заедница за деблокирање на политичкиот систем и несуспендирање на демокртијата, придонесува Македонија да се одминува во посетите на меѓународните претставници“, вели аналитичарот Сефер Тахири.

„Македонија и онака нема некоја добра позиција на меѓународната сцена, поради нерешавањето на проблемот со името и неинтегрирањето во ЕУ и НАТО, со последните чекори на партијата на Груевски земјата уште повеќе оди во изолација. Не е исклучена можноста овој тренд да продолжи и Македонија да се прогласи како земја која има нарушени односи, пред сѐ, со ЕУ но и со НАТО, а со тоа да се поткопуваат нејзините аспирации за интегрирање, подобрата економска перспектива, но и меѓуеничката стабилност, факт кој долгорочно ќе влијае врз иднината на земјата“, потенцира Тахири.

Поради „отворена узурпација на власта“ преку противправни дејства од страна на ВМРО-ДПМНЕ, со кои се руши уставниот поредок на РМ и се врши целосна блокада на институциите, Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС) пред неколку дена побара помош од Евроатлантската заедница, покрај другото и со примена на важното правило на меѓународното право: Ex injuria jus non oritur (неправото не создава право).

„Сметаме дека овие противправни дејствија не смее да се дозволи да бидат прифатени како легитимни правни дејствија што произведуваат соодветни правни последици“, беше потенцира во соопштението на СМДС.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми