1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичарите ја открија татковината

Кристоф Хаселбах
10 октомври 2017

Татковината долго важеше за кич, поим свртен кон минатото, полн со прашина, во политичка смисла дури и сомнителен. Но, одеднаш за неа зборуваат сите, особено политичарите.

Spangenberg
Фотографија: picture alliance/U. Zucchi

Јасно е зошто АфД радо го употребува поимот татковина. АфД ја разбира татковината пред сѐ како бедем против туѓото: „Германија прво - зашто и во иднина сакаме оваа земја да ја нарекуваме нашата таковина!“ Ништо ново не е ниту колнењето на баварската ЦСУ во татковина на кожените панталони и т.н. бело пиво. Но, одеднаш целата политика во Германија зборува за татковината и тоа главно позитивно.

Во говорот на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер на Денот на германското единство, татковината беше на истакнато место. Многу луѓе веќе не го разбираат денешниот свет и копнеат по татковина, рече Штајнмајер. Претседателот вака ја дефинираше татковината: „Да разбираш и да бидеш разбран, тоа е татковина.“ Или, пофилозофски: „Татковина е место каде НИЕ добива значење“.

Дискусија за татковината кај Зелените

Повеќе татковина - се чини тоа е заклучокот кој ЦДУ и ЦСУ го извлекуваат од својот слаб резултат на парламентарните избори. ЦДУ-политичарот од покраината Тирингија, Мајк Моринг, предлага „Министерство за татковина“ на сојузно ниво, кое треба да се занимава пред сѐ со проблемите на внатрешноста на земјата. „Тоа би бил добар одговор на грижите на граѓаните на истокот и западот кои се чувствуваат запоставени“, изјави Моринг за „Берлинер цајтунг“. Баварија и Северна Рајна Вестфалија имаат вакво министерство на покраинско ниво.

Но развојот на руралните региони е повеќе техничката страна на прашањето. Многу поемотивно за татковината се изјасни политичарката на Зелените, Катрин Геринг-Екарт. „Ја сакаме оваа земја.Таа е наша татковина. И ќе се бориме за оваа татковина, за оваа земја“, рече таа на партискиот конгрес на Зелените во Берлин. Зелени и љубов кон татковината? Тоа е невообичаено. Оттука, брзо стигнаа критички реакции од  самата партија. Сопартијката Лаура Дорнхајм на Твитер објави: „Се чувствувам приморана да се дистанцирам од поимот 'татковина', а особено од 'љубовта' кон некаква 'земја'.''

Но зборот татковина веќе не е табу за Зелените. Поранешниот партиски шеф Рајнхард Битикофер укажа на победата на претседателските избори на својот австриски партиски пријател Александер ван дер Белен: тој во кампањата успешно го користеше поимот „татковина“. А министерот за земјоделство во покраината Шлезвиг Холштајн, Роберт Хабек, кому многумина му претскажуваат светла иднина на сојузно ниво, вели: „Политиката мора да формулира и идеја за татковината, една идентитетска идеја.“

Кому му припаѓа татковината? Демонстрации на Пегида во Мајнц, 20.02.2016Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Dedert

Глобалното село како „лажна слика“

Но дали татковината е воопшто политичка категорија? Пред неколку години, во истражување на институтот Емнид, мнозинството Германци поимот татковина го врзувале за семејството, чувството на блискост и заштитеност, а „Германија“ се нашла многу подолу на ранг-листата. Културологот Херман Баузингер ја дефинира татковината како „близок свет, кој е разбирлив и прегледен“. А социологот Хајнц Буде вака гледа на татковината: „Човек сака да се врзе со нешто, да има појдовна точка, нешто што не е постојано под знак прашање.“

Доколку постои копнеж по татковина, тогаш се чини тој е загрозен. „Денес да се зборува за татковина значи пред сѐ да се зборува за нејзино губење“, пишува писателот Кристијан Шиле во својата книга „Татковина. Фантомска болка“. Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезие неодамна, размислувајќи за „ориентациона (или водечка) култура“ критикуваше: Веќе не знаеме кои сме и кои сакаме да бидеме.“

Едоардо Костадура, професор по романистика на универзитетот во Јена, во септември организираше меѓународна конференција на тема „Татковина - проблем на глобалниот свет?“ Неговото објаснување на татковината дадено за ДВ гласи: „Луѓето имаат впечаток дека светот станал село, но дека тие не можат да живеат во тоа село.“ Затоа идејата за глобално село е „лажна слика“.

Глобализацијата ги тера луѓето да трагаат по свет кој им е близокФотографија: picture-alliance/dpa

Татковината не е фиксна, таа може да се обликува

Штајнмајер во својот говор предупреди: „Копнежот по татковина не смееме да им го препуштиме на оние кои татковината ја конструираат како 'ние против нив', како глупост за крв и земја.“ Крв и земја беше парола на националсоцијалистите. Според нив, татковината опфаќаше само Германци кои беа ариевци. И Катрин Геринг-Екарт сака да ја разграничи својата љубов кон татковината од она што го пропагираат десните - за весникот „Тагесцајтунг“ таа рече дека своето отворено сфаќање за татковината го спротивставува на „десната пропаганда за заштита на татковината“. Но, ако татковината е пријатно чувство за блискост, не ги исклучува ли таа автоматски оние кои се поинакви?

Режисерот Едгар Рајц е автор на фалената филмска трилогија „Татковина“. За Рајц татковината е „длабок човечки нагон, потреба за припадност кон другите“. Затоа, како што вели тоа, „определена иритација кон сѐ што е туѓо на почетокот е нормална и природна“. Потоа додава: толеранцијата мора да се научи.

Едоардо Костадура смета дека татковината во минатото постојано служела за оградување, а тој поим така се употребува и денес, но тоа во никој случај не е нешто што е неизбежно. „Ако татковината се одвои од потеклото, вкоренетоста во една култура или национална заедница, и ако се сфати како нешто отворено, нешто што може да се дели со другите, со оние кои не се со исто потекло, тогаш таа може да даде позитивен придонес.“ Тоа е задача и за политичарите. Татковината, вели Костадура, не е само нешто што е дадено, туку и нешто „што може и мора да се обликува“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми