1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичка заштита за Фолксваген?

Чејс Џеферсон
19 октомври 2016

Владата во Берлин, според пишувањето на медиумите, го кочи донесувањето закон кој би овозможил поднесување колективни тужби против автомобилскиот производител Фолксваген.

Wolfsburg LOGO VW Konzern
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Jensen

Германската влада го отфрли тврдењето на јавниот телевизиски сервис АРД и на весникот Зиддојче цајтунг дека намерно одолговлекува донесување закон кој би овозможил колективни тужби, и тоа сега, кога бројни возачи би го тужеле Фолксваген поради продажбата на автомобили кои ја загадуваат животната околина над дозволените граници. Во Германија не се дозволени колективни тужби, но во септември лани, кога беше откриена „измамата на векот“ од страна на Фолксваген, Министерството за правда соопшти дека „разгледува можност за измени на законот“. Споменатите медиуми дознале - предлог-законот бил готов уште во ноември, но со политичка одлука е ставен под мраз. 

Портпаролот на Министерството за правда Пјотр Малаховски тоа го демантира. „Предлог-законот уште не е готов. И натаму интензивно ја рзгледуваме можноста за колективни тужби. Намера ни е да се придржуваме кон планот и законот уште годинава да влезе во процедура. Не можам да кажам колку тоа ќе трае.“ Но, токму тоа - зошто постапката толку трае, би сакале да знаат претставниците на опозицијата, адвокатите и граѓаните кои поседуваат манипулирани модели на Фолксваген, Ауди, Шкода или Сеат, марки кои ѝ припаѓаат на компанијата од Волфсбург.

Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Burgi

Американците имаат поголеми права

Во јуни беше донесена одлуката автомобилскиот гигант да плати 15,3 милијарди американски долари за да се „испере“ во САД и Канада. Меѓу разните тужби и казни беа и колективните тужби на муштериите. Во Германија, пак, купувачите добија единствено бесплатна поправка на спорните делови на автомобилите, но никаква финансиска компензација. „Оваа власт не ги застапува интересите на муштериите во однос на Фолксваген“, вели за Дојче веле Ренате Кинаст, една од лидерите на Зелените која од 2001 до 2005. година беше и сојзна министерка за земјоделство и заштита на потрошувачите. „Тоа е трајна приказна за владините пропусти. Никако некој од нив да собере сила и да каже дека овдешните муштерии би морале да имаат исти права како и американските“.

Навистина, владејачките политичари најавуваа дека Германците не смеат да поминат полошо од Американците, но тоа беше во екот на скандалот. Јута Гуркман од Организацијата за заштита на потрошувачите е уверена дека до парламентарните избори следната есен, ништо нема да се случи. „Уште чекаме. А се надевавме на некакво придвижување во вториот квартал годинава. Ако пресметате колку просечно законите се задржуваат во процедура, тогаш сфаќате: ако законот стигне на седница на Владата до крајот на оваа година, тогаш би било чудо да помине низ Бундестагот до летото“, вели таа за Дојче веле.

Меѓутоа, парламентот воопшто не мора да биде толку бавен како што често се мисли, наведува Ренате Кинаст: „Можеме таквиот закон да го усвоиме веднаш, без проблеми. Излегуваме на крај и со многу покомплексна легислатива во пократки рокови“. 

Фотографија: picture-alliance/dpa/L. Schulze

Судир во владата?

Јута Гуркман нема дилеми оти овозможувањето колективни тужби би бил голем напредок во заштитата на потрошувачите. Освен тоа, „би се намалил притисокот врз судовите, а и за компаниите е полесно соочување со голема група тужители отколку судење со секој поединечно“. Но, кај неа постои сомнеж дека одолговлекувањето се должи на добро познатиот факт кој оди во прилог на големите концерни - потрошувачите самостојно ретко се одлучуваат да поднесат тужби, зашто така ризикуваат да ги сносат огромните трошоци на процесот. 

Според пишувањето на Зиддојче цајтунг, и во самата Влада постојат спротивставени ставови. Министерството за сообраќај кое го води Александер Добринт, кадар од баварската Христијанско-социјална унија, наводно врши притисок врз Министерството за правда и социјалдемократскиот министер Хајко Мас за стопирање на законот. Во Министерството за сообраќај тоа го негираат. Но, Ренате Кинаст верува во постоење судири: „Министерството за сообраќај прави сѐ што е можно за да го заштити Фолксваген од муштериите. Јас би сакала Хајко Мас да се заземе за потрошувачите.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми