1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Земјотрес во Баварија

Розалија Романиец
15 октомври 2018

На изборите во Баварија ЦСУ доживеа историски пораз. Одговорноста за тоа е пред сѐ на Хорст Зехофер. Последици има и за сојузната политика, смета Розалија Романиец.

Deutschland Berlin | Lagebericht Bundesamt für Sicherheit in der Informationstechnik | Horst Seehofer, Innenminister
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Овие избори променија многу работи. Не само во Баварија. Она што со децении функционираше успешно – ЦСУ како една христијанска, конзервативна и истовремено социјална партија да ги освои гласачите, од денеска е минато. Од речиси 48% паднаа на 37% - ова не може да се карактеризира никако поинаку освен како историски пораз. Едно нешто мора да се каже однапред – ова фијаско на баварската народна партија не е никаква колатерална штета. Ова не е успех на останатите, кои придонесоа за поразот на ЦСУ. Раководството на ЦСУ е целосно одговорно за падот на партијата.

Победниците лево и десно од ЦСУ

Единствено изненадување на овие избори е успехот на Зелените. Со речиси 19 проценти тие го дуплираа бројот на освоени гласови од претходните избори и се на добар пат да станат новата народна партија. Исто и на државно ниво. Во Баварија многу гласачи од ЦСУ гласаа за Зелените, бидејќи тие христијанското го третираат многу посериозно од ЦСУ, која го носи во името. Се чини дека пред сѐ претседателот на партијата, Хорст Зехофер, го има тоа заборавено. Но, очигледно кај многу луѓе не проаѓа убедувањето дека стравот од исламизација треба да биде поголем од разумот и добротворство.

Другиот победник, десно-популистичката АфД, не е никакво изненадување. Нивниот влез во 15 од 16 покраински парламенти го отсликува националниот тренд. Тоа дека не се остварија стравувањата дека ќе освојат 20%, туку добија поддршка од „само“ 10% од гласачите е доволно лошо, но не значи и префрлање кон десно. Тоа е резултат на гласање од протест како казна за грешките на ЦСУ.

Розалија РоманиецФотографија: DW/B. Geilert

Најголемата грешка: дозволија да се прекрши табуто во десницата. Со децении баварската партија го следеше својот идеолог Франц Јозеф Штраус и не дозволуваше во десницата да се појави конзервативна сила. Тоа беше важно и на сојузно ниво: во Унијата ЦСУ исполнуваше политичка функција како најконзервативна сила. Тоа со години си функционираше, сѐ до 2018. година кога раководството на партијата го фати паника и почна да ја копира политиката на АфД. Кога грешката падна во очи, нејзиниот претседател „кој сѐ знае подобро" и е противник на Меркел, веќе имаше предизвикано премногу штета. Господине Зехофер, не ви излезе есапот! Денеска вие сте одговорниот и губитникот.

Баварскиот земјотрес стаса до Берлин

Последица на потезите на Зехофер е ерозија на целата Унија. За драмата на СПД воопшто и да не се прави муабет. Тие од 20% паднаа на едвај 10% и со тоа нивната криза е уште поочигледна. Кога една партија, која е дел од владината коалиција во Берлин, ќе доживее ваков пораз на важни покраински избори тоа не може да остане без последици. СПД никако да разработи концепт да останат мирни и да поентираат со сопствен план, оти тоа е полесно да се каже отколку да се направи.

Повеќе: 

Голем удар за сестринската партија на Меркел во Баварија, голем успех за Зелените

Баварија гласа, Берлин се тресе

Нивното раководство има голем отпор во сопствените редови и тоа токму од оние кои бараат крај на големата коалиција. Кавгите нема да останат само внатрепартиски туку ќе се префрлат и во владата на Меркел. Фокусот на Германија сега е на следните покраински избори во Хесен кои ќе се одржат за две недели. За владините партии би можеле да бидат пресудни. Ако двете, и Унијата и СПД, доживеат голем пораз, коалицијата ќе биде разнишана. Само неколку недели потоа на дневен ред е реизборот на Ангела Меркел за претседател на ЦДУ, изборите во Баварија во никој случај не ѝ помогнаа да си ја зацврсти нејзината позиција и владата.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми