1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политички земјотрес во САД

Геро Шлис/ А.Трајковска 6 ноември 2014

По изборите за Конгресот републиканците доминираат во американската политика. За претседателот Барак Обама и демократите почнува тешко време.

Kongresswahlen in den USA
Фотографија: Reuters/S. Audette

„Излезе прилично така, како што претпоставував“, вели еден такси-возач кој ги разнесува гостите на изборната забава на демократите во Вирџинија. Ова не го плаши, дополнува тој. Младиот Афро-американец се вројува меѓу оние во земјата, кои според анкетите секако имаат малку доверба во политиката, сеедно од која партија. За победата на републиканците ним им е сеедно.

Поинаку реагираат американските медиуми и политички експерти во Вашингтон на резултатот од изборите. Денот по победата на републиканците јасно се покажа дека политичкиот пејсаж во САД драматично се промени преку ноќ. „Ова е политички земјотрес“, ги сублимира Михаел Верц од Центарот за американски прогрес проценките на многу политички набљудувачи во американскиот главен град.

Изненадувачки тежок пораз

Исто така и Вилијам Дроздиак од невладината организација Американски совет за Германија зборува за „силна победа“ за републиканците и укажува на тоа дека тие не само што го освоија Сенатот и го надградија мнозинството во Претставничкиот дом, туку освоија и важни гувернерски места како во Флорида, Мичиген или Висконсин. Новата републиканска доминација ја влошува и стартната позиција за наредните претседателски избори во 2016 година за демократите. За Хилари Клинтон би можело да биде „уште потесно“ отколку што се сметаше, анализира Дроздиак.

Дека демократите на претседателот Обама ќе имаат тешки избори се наѕираше недели пред изборите. Но лошиот резултат ги изненади и Дроздиак и Верц. „Поразот со сигурност е појасен, отколку што многумина очекуваа и на што се надеваа деморкатите“, вели Михаел Верц.

Анти-Обама избори

Сепак мора да се има в предвид дека ваквиот развој на меѓуизборите, особено во вториот мандат на претседателот, не е ништо невообичаено, оценува Верц. Дроздиак напротив зборува за анти-Обама избори. „Обама е виновен за сѐ“, била едноставната порака на републиканците и ним им успеало да ја испратат оваа порака до избирачите и да го оттргнат вниманието од неактивноста на Конгресот. „Њујорк Тајмс“ дури ги толкува историски ниската популарност на Обама на анкетите ширум земјата и јасниот пораз на неговата партија дури и како генерално „одбивање“ на претседателот и неговата политика.

Шок кај демократите, како во Флорида...Фотографија: Reuters/S. Audette

„Вашингтон пост“ анализира дека негодувањето и фрустрацијата ги однела републиканците до победа. „Незадоволството од застојот во Вашингтон се сврте против претседателот, кој дојде на функцијата, токму за да го надмине тоа“. Михаел Верц нагласува дека републиканците биле успешни со својата стратегија, „да го уплашат населението со ситуацијата во Сирија, вирусот на ебола и граничната ситуација со Мексико“.

Конфронтација или кооперација?

Самите републиканци говорат за историска победа и тоа го сметаат како барање уште повеќе да го одредуваат правецот на американската политика. „Избирачите се гладни за водство“, вели сенаторот Мич Меконел, идниот водач на републиканците во Сенатот. Со ова, според Дроздиак е предпрограмирана конфронтација со претседателот Обама. „Многу работи говорат за тоа дека во наредните две години ќе има уште повеќе стагнација и парализа во Вашингтон“. Верц укажува на егзекутивните надлежности на претседателот, со кои по прашањето за заштита на климата, но и во надворешната политика може да владее без Конгресот. Освен тоа тој потсетува дека републиканците и во минатото како малцинска фракција го користеле правото на блокада во Сенатот. „Тоа доведе до поларизација и политика на блокади, кои Вашингтон сѐ уште ги немаше видено“.

Ова според изгледите ќе биде идната агенда на републиканците, вели Вилијам Дроздиак и укажува на сенаторот Тед Круз од Флорида, кој веќе повика за повторна борба против здравствената реформа на претседателот Обама. Освен тоа републиканците би можеле „финансиски да ја изгладнат“ владата за да издејствуваат намалување на администрацијата. Дрозниак смета дека не е искучено ниту затворање на владините институции како минатата година.

и славје кај републиканците како во КанзасФотографија: Reuters/M. Kauzlarich

Стабилна надворешна политика

Кој детално ќе ја разгледа ситуацијата може да забележи и помирувачки сигнали на двете страни. Претседателот Обама за утре ги покани победниците во Белата куќа. Претходно идниот шеф на републиканското мнозинство во Сенатот Меконел појасни дека е подготвен за соработка. Во доселеничката политика или во економската политика тоа би можело да функционира. Но колку републиканските тврдокорци како сенаторот Тед Круз и повторно зајакнатото движење „Ти парти“ ќе му остават за тоа простор на Меконел набљудувачите неможат да предвидат. И во иднина ќе биде тешко со „двеипол партии“ да се води политика во конгресот, забележува Михаел Верц во однос на самостојната улога на движењето „Ти парти“ во рамките на републиканската партија.

Наспроти ова Дроздиак и Верц гледаат добри шанси за договорот за слободна трговија со Европа. Згора на тоа американската надворешна и безбедноста политика и натаму останува доверлива, вели Дроздиак. „Во надворешната политика претседателот има многу моќ“. Обама ќе му се посвети на ова поле и во иднина повеќе ќе се концентрира на тоа. Можеби и меѓународните кризи не оставаат друг избор.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми