1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичко-лукративни игри околу ГА-МА,кој ќарува а кој губи?

Костадин Делимитов
25 декември 2020

Одолговлекувањето на решението за спорот со гасоводот е на штета на граѓаните, предупредуваат експертите. Системот мора да стане сопственост на државата.

Deutschland Hafen Mukran in Sassnitz Nord Stream 2
Фотографија: Hannibal Hanschke/Reuters

Деценискиот спор околу гасоводот е готов но конечното решение кое чека на виза во парламентот е под блокада. Една година по постигнатиот договор помеѓу државата и „Макпетрол" предлог законот е во собраниска процедура, но таа се комплицира поради противењето на опозицијата  која предупредува од скандал оти смета дека државата се согласила да плати прескапо за да го преземе во целост управувањето со националниот гасоводен систем.

ВМРО-ДПМНЕ  ја обвинува власта дека сака на мала врата без доволно информации и консултација со јавноста да се изгласа законот со кој ќе му се признае на „Макпетрол" сопственост од 50% во гасоводот и истиот да му се плати по според нив нереално висока цена од 32 милиони евра иако вредноста на влогот на Макпетрол бил 18,8 милиони евра.

Државата ќе треба да плати 32 милиони евра на „Макпетрол“, кој беше со- сопственик на ГА-МА, но тие нема да можат да се префрлат на нивна сметка сè додека не се изгласа законот во собрание. Во предлог законот се предвидува сите тековни судски спорови да се затворат со цел мирно надминување на разликите вон судски пат, со што ќе се овозможи и непречена реализација на гасоводот и гасификацијата на државата како капитален проект.

Фотографија: Imago/scanpix/M. Maripuu

Многу контроверзи

Зошто опозицијата се бунтува и блокира е нејасно, посебно ако се има предвид дека целиот процес е по медијацијата под капата на Европската енергетска заедница во Виена, а проценетата вредност на капиталот е по извршена стручна проценка:

„Ова што се постигна е во целост со согласност и по медијацијата во Виена од страна на Енергетската заедница. И затоа се одеше по тој пат, за се да биде транспарентно. Затоа и се подготви предлог закон за се да биде на увид во јавноста, но еве тоа не и се допаѓа на опозицијата и го прави тоа што го прави. Зошто и поради кои причини, тие си знаат. Но факт е дека решението е позитивно, а и мораше да се донесе бидејќи согласно законот за енергетика кој е донесен по ЕУ директивите, мора да се изврши сопственичко раздвојување на Операторот на системот за пренос на природен гас бидејќи во него, во случајов Макпетрол е и пазарен играч, а тоа не е дозволено“, објаснува за Дојче веле висок функционер во власта кој е упатен во целиот процес. 

Повеќе:

-„Во Македонија се води битка за рускиот гасовод“

-Западот и Русија во битка за балканскиот гасен коридор

-Увозот на струјата сепак ќе падне на товар на граѓаните

Зошто тогаш ако се е според ЕУ директивите и под медијација на Енергетската заедница процесот никако да заврши? Експертската јавност предупредува дека процесот крие многу контроверзи кои треба да се расчистат, но немаат дилеми дека гасоводот мора да премине во целосна сопственост на државата:

„Ваквите системи мора да бидат во сопственост на државата, пред се заради социјалниот аспект, но и обврската на државата во одредена мерка да ги заштити правата на потрошувачите. Не велам дека не може да има приватна сопственост, но тоа во случајов не е добро. Ова што се влечка според мене е политичка игра и веројатно се работи за лукративни причини. Не би сакал да верувам, но постои можност во овој трансфер на сопствеништво да има одредени лукративни причини, постои можност  некој да добие повеќе и тоа веројатно се случува, но ние не го знаеме и тешко дека ќе го дознаеме“, реагира Константин Димитров, професор и експерт по енергетика. 

Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Piliey

Нерешениот спор создава загуби за државата

Она што е клучно според него е целиот процес брзо да заврши, без разлика колку тоа ќе чини. Секое натамошно влечкање предупредува дека може да значи и поскапа цена:

„На Макпетрол му одговара ова да се влечка бидејќи секоја година си прави профит од ова што го има и како што гледате ова се влечка со десетици години. Е сега дали ќе биде 30 милиони или 20 милиони евра народот ќе ги плати и едните и другите. Тоа се наши ваши пари, дали со тоа ќе биде подобро не можам да кажам но има можност тоа да биде со некоја нишка на социјална заштита, оти државата има една обврска а приватниот сопственик има основа само за профит. А профитот оди во Макпетрол иако имаше притисоци за Белизе, за колку големи суми на данок кој веројатно бил неплатен и слично. Многу пари кои веројатно и го покривале судството и обвинителството да не ги ажурираат своите наоди. Одамна сме сведоци дека за тоа се има зборувано, но очигледно дека низ годините народото плаќа, а сите имале фајде досега“, предупредува Димитров.  

Експертската јавност предупредува дека нерешениот спор низ годините создавал и загуби за државата, а ќар за приватните партнери. Една од дилемите за која треба некој да одгвоори е зошто досега отсуствуваше и сериозно инвестирање во системот на гасификација:

„Зошто досега не се развиваше гасификацискиот систем кој што требаше да го развива ГА-МА. Зошто немаше стимуланси за поголемо користење на гас? Одговорот може да биде, заради поголем профит ако се продава мазут, или ако се продава лесно масло за домаќинство, бидејќи тоа носи повеќе профит. А кој го остваруваше тој профит, Макпетрол. Значи може да се помисли дека можеби нарочно го правеле тоа да не се развива гасниот систем затоа што поголем профит е со продажба на течните деривати“, предупредува Димитров.

Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Sauer

Изградбата на магистрален гасовод во тек

Спорот за Докупувањето на акциите во АД ГА-МА од страна на државата кој трае од 2005 година, беше причина и владата да ги скрати парите за капитални проекти со ребалансот во септември, односно дел од средствата ги пренамени за оваа потреба.

Од владата велат дека е од особено значење да се задржи сопственоста врз преносниот систем со природен гас и токму поради тоа во член 110 од Законот за енергетика било пропишано дека сопственик на операторот на пренос со природен гас е Министерство за економија, а истовремено преку државната компанија МЕР АД Скопје во тек е изградба на магистралниот гасовод низ целата држава.

Во наредниот период по изградба на целосната мрежа, потребно е овој гасовод што го гради МЕР АД Скопје, да се спои со системот на природен гас со кој сега управува АД ГА-МА Скопје.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми