1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Полицискиот час останува, нема нови рестрикции

ДТЗ
17 март 2021

„Набавката на вакцини е војна“, вели министерот за здравство Венко Филипче, откако во земјата не пристигнаа најавените дози на вакцини, со што доцни имунизацијата на населението. 

Mazedonien Coronavirus Uniklinik in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Полицискиот час во С. Македонија останува и натаму на сила, но нема нови дополнителни мерки против Ковид-19, иако расте бројот на заразени лица. За еден месец бројот е зголемен за нови 5.000 заразени, што е резултат пред сѐ на непочитувањето на мерките, корона-забавите и масовното групирање на младите. Дали ќе има нови мерки, поради влошена епидемиолошка состојба, најверојатно ќе се знае идната недела, кога состанок ќе има Комисијата за заразни болести. 

„Се наоѓаме во екот на третиот бран, за еден месец бројката е зголемена за 5 илјади заразени. Во болниците има околу 1.100 пополнети болнички места, притисокот во Скопје беше навистина голем. Според анализите, треба да остане оваа мерка, ќе даде резултати за 4-5 дена“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче на прес-конференција во Владата. Тој потврдува дека последниов месец има константно зголемување на бројот на заразени со коронавирус.

-повеќе на темата: Нов полициски час: Рестрикциите поради Ковид-19 се нужно зло, вели доктор Даниловски

„Притисокот во болниците, посебно во Скопје, беше голем и правевме систем на менаџирање, односно координација со сите директори и во Скопје и во државата за прилагодување на капацитетите и отворање нови одделенија. Сите интерни клиники сега се ковид-центри, а за првпат во функција е ставено и едно одделение на хируршките клиники“, изјави Филипче. Ваквата мерка не е преземена ниту во ноември минатата година, кога имаше најголем број за заразени лица од Ковид-19.

Се очекуваат 100.000 вакцини од Ковакс-механизмот

Од почетокот на корона-кризата се регистрирани 113.929 заразени лица, со Ковид-19 се избориле 98.676, а битката ја загубиле 3.364 лица. Во моментов има 11.889 активни случаи. С. Македонија сѐ уште нема започнато со масовна имунизација на населението, поради недостиг на вакцини. Надлежните се надеваат дека проблемот ќе биде надминат во наредниот период. 

Обезбедувањето вакцини во буквална смисла на зборот е војна, вели министерот Венко ФилипчеФотографија: Regierung Nordmazedonien

Министерот за здравство е свесен дека набавката на вакцини не оди со посакуваната динамика. „Обезбедувањето на вакцини во буквална смислам на зборот е ‘војна’, побарувачката неколкукратно ја надминува понудата и неизвесноста е голема“, вели тој. Филипче најави дека продолжуваат преговорите со сите производители за набавка на вакцини, и за руските и за кинеските. До април се очекува да профунционира Ковакс-механизмот, преку кој земјата ќе добие 100.000 вакцини. 

Безбедна вакцинација

Во однос на вакцините на „Фајзер“, тој рече дека производителот го подигал нивото на внимателност кон сите земји со кои преговара, или со кои веќе се склучени договори, во однос на  критериумите за безбедност. С. Македонија денеска очекува да ги добие деталите од документот. Во меѓувреме се следи и ситуацијата со вакцината на„АстраЗенека“, за којашто повеќе европски земји издадоа препораки да се сопре со вакцинирањето, поради појава на случаи на згрутчување на крвта. Филипче е дециден дека во земјата ќе влезат безбедни вакцини со кои ќе се спроведе вакцинирањето. 

Опасност од реинфекција

Надлежните апелираат до граѓаните да ги почитуваат мерките и да не се опуштаат и во случај кога веќе го прележале вирусот, бидејќи е можна реинфекција - и со истиот вирус, но и со новите соеви на коронавирусот коишто се појавуваат секојдневно и ги има повеќе од 4.000.

-повеќе на темата: Што треба да се знае за реинфекција со коронавирус?

Досега во земјата имало 116 случаи на реинфекција, од кои двајца се починати, „Будно гледаме кој е тој процент или просек на реинфекција, тоа се 116 случаи од околу 112.000 заболени, што е 0,01 процент. Тоа е релативно многу мал број од вкупниот број позитивни“, информираше претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски.

Според него, реинфекцијата е последица на непочитувањето на мерките. Но, има и граѓани кои мислејќи дека не можат да се заразат поради тоа што го прележале вирусот, имале втор контакт со лице кое можеби било позитивно со друг сој на вирусот.

Засега е потврдено дека во земјата циркулира британскиот сој на вирусот, кој е за 50 до 70 отсто позаразен, а најмногу случаи од овој вид се детектирани во Скопје, Прилепи во Охрид. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми