1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Кој кого ќе апси пред да одлучи судот

13 април 2021

Јавноста во Македонија владеењето на правото го прифаќа партизирано и навивачки, со поделба на нашите и вашите и со наследно право на победниците да судат и пресудуваат по каноните на власта и на лажните вести.

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Хит на годината е констатацијата преточена во прашање на новинарот  Горан Момироски упатено до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски: или министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ќе Ве упаси Вас, или Вие ќе го уапсите него. И за да нема дилеми, колегата веднаш самиот одговори, друг излез нема. Демек бирај, или ти него прв ќе го ставиш во затвор, или тој тебе.

Одговорот на Мицкоски, кој во блиска иднина веќе се гледа себеси во премиерската фотелја, како најзаслужен за откривање на големите афери и скандали, сосема очекувано, беше во стилот на законот на дивиот запад, око за око, заб за заб. И Спасовски и Заев и многу други ќе бидат упасени и судени за злоделата штом Мицкоски стане шериф на Македонија. Ништо ново, туку само уште една потврда на редовните агресивни најави што ќе се случува во политичката гладијаторска арена кога императорот од ложата на трибините ќе го спушти палецот надолу, или ќе го дигне нагоре.

Отровните плодови на вулгарната партизација

Во четири жетви во сите годишни времиња постојано ги береме отровните плодови на вулгарната партизација, на нашиот примитивизам, заостанатост и карикатурална парламентарна демократија. Без ова опиумско тесто, битките за власт, како и борбата против организираниот криминал и корупција би биле проследени по некои други критериуми и мерила, сѐ уште неупотребливи и по 30 години држава која погрешно ја нарекуваме независна, демократска и правна.

Стана нормална грубата деградација и бришење на разликата што е извршна, а што законодавна и судска власт, што всушност е уривање на општествено економскиот поредок и на угледот на државата. Јавноста во Македонија владеењето на правото по овој фалшив терк го прифаќа партизирано и навивачки со поделба на нашите и вашите и со наследно право на победниците да судат и пресудуваат по каноните на власта и на лажните вести. Навивачките хорди и партиски клиенти само ги менуваат трибините и тимските бои.

Тоа е амбиентот на балканската политичка, правна и општа култура, во кој не може да се утврди вистината оти недовербата во која било истрага и судска пресуда за високиот криминал е доминантна и строго партизирана. Тажниот резултат на партизацијата е и во тоа што мнозинството граѓани веруваат само на својата партија, на своите лидери, обвинители, судии и на своите медиуми. Дури и тие што не им  веруваат, ги поддржуваат злоупотребите, погрешните политики и лагите, ама само на своите.

Други колумни од Ерол Ризаов:

-Шовинистичка хистерија

-Го ослободија ли насуканиот брод Мицкоски и Заев

-Добро за почеток, далеку од врвот

Како тоа изгледа во трите последни случаи. Полициската истрага и акција подготвувана за апсење на наркобосовите на фабриките за дрога во околните скопски села заврши со катастрофален неуспех. Полициската бригада остана со прстот во уста. Ни трага ни глас од наркобосовите и од дрогата, ги нема  работилниците за хероин и кокаин, марихуана... магацините се празни, без грам докази. Истрагата се пренасочи во полицијата и обвинителството кој е кртот што ја компромитира целата акција. Скопското село Грчец стана синоним за исмевање на партизираната полиција. Препишано сценарио од „Чикаго, царството на гангстерите“ од трисеттите години на минатиот век.

Бандите на македонските Ал Капоне и Дон Корлеоне ќе бидат на слобода и ќе работат речиси непречено сѐ додека институциите на системот за гонење на високиот криминал се како швајцарско сирење и додека истрагата не почне да проверува чии се големите хациенди, дебелите конта и како е стекнат баснословниот имот во изминатите 30 години чудовишна транзиција.

Сите тие имоти на транзициските богаташи се тука, стојат неподвижни и убаво се гледаат. Само треба да се прашаат газдите како се заработени парите и да се види колку платиле данок на државата, а колку на партијата, колку лично на своите моќни заштитници и дали е тоа рамносилно со проценката на вредноста на имотот.

Успешни полициски акции или партиски саботажи

Втората полициска акција, долго подготвувана во соработка со Интерпол, за издавање на 215 патни исправи и лични документи со позајмен идентитет  на меѓународни и светски хоштаплери и гангстери се претвори во уште пожестока партиска пресметка. Ден, два пред апсењата се огласи ВМРО-ДПМНЕ со соопштение дека корумпираната  власт во спрега со белосветски криминалци издавала на ангро пасоши и лични карти и дека сега наместо криминалците и терористите се апсат жртвените јарци кои морале да ги извршуваат наредбите од врвот на владата.

Притоа се обелоденуваат имињата на меѓународните криминалци кои слободно се дивжиле по регионот и по светот со македонски патни исправи и со нов идентитет.

Најсилно одекна шокантно обвинение пласирано од Антонијо Милошоски, фронтменот на ВМРО-ДПМНЕ дека пасоши со лажен идентитет се издавани на терористи на ИСИС.

Власта возврати дека ВМРО-ДПМНЕ ја саботира акцијата на полицијата, која е подготвувана со меѓудржавна соработка и со техничка поддршка на Америка и на Интерпол и дека најголемиот дел од личните документи се издавани кога на власт била ВМРО-ДПМНЕ.

Од Владата бараат опозициската ВМРО-ДПМНЕ да престане да ги саботира успешните акции на Министерството за внатрешни работи.

Христијан Мицкоски во своите јавни настапи е категоричен дека не станува збор за саботирање, туку дека доколку не се огласела јавно ВМРО-ДПМНЕ, акцијата ќе била забошотена и дека всушност станува збор за голем успех на партијата со тоа што ја принудила владата да го признае скандалот.

Третата полициска акција е пресретнување на комбе со 200 килограми марихуана кај Росоман, апсење на повеќе учесници, меѓу кои и висок полициски службеник од Прилеп. И, се разбира, повторно меѓусебни партиски обвинувања кој стои зад шверцот на дрога наменета за Грција. Опозицијата тврди дека во транспортот на дрогата учествувале луѓе блиски на семејството и компаниите на Заеви. Додека од власта повторуваат дека се работи за саботирање на полициските акции и за груби лаги.

Американската амбасада и во овој случај, како и во случајот со пасошите потврди дека работела заедно со Министерството за внатрешни работи (МВР) и дала техничка поддршка во акцијата во која полицијата пресретна возило со марихуана во вредност од 800.000 евра, што транзитирало низ Македонија.

И сега во целата оваа прашума од стотици спротивставени соопштенија и јавни настапи, пред да се завршат истрагите и судските процеси, за сите три случаи е направена збрка во која најважните факти тешко се разликуваат од лагите. Целата оваа папазјанија повеќе наликува на политичка пресметка отколку на институционална борба против организираниот криминал и корупција.

Тежок удар врз целиот безбедносен систем

Прво, факт е дека сите овие настани се случиле во Македонија, што само по себе е тежок удар на целиот полициско безбедносен систем, но и по угледот на државата. Првата полициска акција против наркобосовите е неуспешна и пробиена што укажува на состојбите во полицијата. Во право се сите што бараат сериозно расчистување во полициските и безбедносните служби и за неопходноста од департизација и професионализација на полициските структури. Каков партиски „шљам“ се таложел таму со децении е јавна тајна. Професионализмот во полицијата и во безбедносните служби е потиснат и маргинализиран од партиските кадри, што широко ги отвора вратите за корупција и организиран криминал.

Во втората акција на издавање патни исправи со позајмен идентитет на 215 меѓународни криминалци, подготвувана долго време, повеќе од две години во соработка со Интерпол и со Американските служби, два клучни факта се премолчени. Прво, дали по откривањето дека се издавале такви документи е известен веднаш Интерпол и второ - колку обелоденувањето на полициската акција е во заштита на криминалците, бидејќи блиску е до умот дека во истиот миг кога е таа соопштена на јавноста, тие веќе нема да се движат со тие документи. И овде масовното издавање на легални документи со голема леснотија на криминалци наложува итни, не само персонални промени, туку и во целата процедура на издавање патни исправи и лични документи.

Во третата полициска акција со пресретнување на 200 килограми марихуана, соопштението на ВМРО-ДПМНЕ дека само пет минути пред да се спроведе Америкаците ја известиле македонската полиција, е многу индикативна бидејќи навестува дека Американската агенција за борба против трговија со дрога сама ја спроведувала операцијата, што ако е вистина, е целосна деградација не само на полицијата, туку и на државата во целина. Тогаш, е нејасно како во Росоман за пет минути стасала полицијата и специјалната единица Тигри и како истовремено на различни места се извршени повеќе апсења. Тоа во најмала рака е наивна и лесно докажлива лага. И конечно, ако зад овој шверц на дрога се инволвирани компаниите на Заеви - дали воопшто можело да се спроведе оваа полициска акција? Оправдано се поставува прашањето дали институциите на системот имаат капацитет да расчистат ефикасно со овие три случаи кои ја тресат државата и предизвикаа голема недоверба во јавноста. Ова е голем и тежок испит кој ако не заврши со праведна судска разврска, ќе предизвика далекусежни последици. За да се воспостави доверба во јавноста во истрагите и судските процеси ќе биде неопходно да се вклучат и меѓународни правни и полициски истражни експерти, без оглед колку тоа да претставува удар на самостојноста на државата.

Не смеат да се обезвреднат досегашните резултати во гонењето на организираниот криминал и корупцијата, кои според многу оценки не се мали, иако се недоволни. Тоа најдобро се гледа ако се направи анализа на случаите од висок профил на СЈО и на Јавното обвинителство. Од 2017 година, за нецели четири години, кога започнаа првите судења покренати од СЈО, досега се изречени пресуди од над 350 години ефективен затвор во високопрофилни случаи, иако некои од нив треба да ги потврди Апелацискиот суд. Од овие факти на многумина им гори под нозете.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми