1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Полиција во Германија: Опасноста и смртта се дел од работата

Сабине Кинкарц
2 февруари 2022

Убиството на двајца полицајци со огнено оружје во германскиот округ Кузел уште еднаш покажа колку е опасна по живот работата на полицајците. Како полицајците се справуваат со тоа?

Полициска контрола, во случајов на германско-полската граница
Полициска контрола, во случајов на германско-полската границаФотографија: Patrick Pleul/dpa-Zentralbild/picture alliance

Само неколку часа откако во понеделникот утрото со огнено оружје беа убиени двајца полицајци, за време на рутинска сообраќајна контрола во округот Кузел, во покраината Рајланд-Пфалц, Маркус Ројтер добил телефонски повик. „Бев на пат кон фактултетот, требаше да имам предавање, кога колегите телефонски ме известија дека настрадала една студентка.“

Полицајката имала 24 години, студирала на Полициската академија во покраината Рајланд-Пфалц, сакала да напредува во службата и да стане инспекторка. Теологот Маркус Ројтер предава работна етика и ги обучува младите службеници како да се однесуваат кон жртвите и кон престапниците, но и како да се однесуваат кон насилство. „Се трудиме донекаде да ги подготвиме студентите и поставуваме прашање како на нив влијае таа работа и потенцијалните опасности.“

Соочување со сопствената смртност

Тоа е теоретско, апстрактно прашање, сѐ додека се поставува на предавањата. Но, со смртта на двајцата полицајци, опасноста по живот со која постојано се соочуваат полициските службеници, за Ројтер и за неговите студенти одеднаш стана реална и многу блиска.

„Првата реакција, секако, е да се погледне во себе. Сопствената егзистенција во извесна мера се доведува во прашање, со што се нагласува сопствената смртност. Тоа можев да бидам и јас. За тие работи некои луѓе тука размислуваат“, вели Ројтер во интервјуто за ДВ.

Карта на германската покраина Рајнланд Пфалц на која е означен и округот Кузел, каде се случи убиството на двајцата полицајци

Поминаа 11 години од последното убиство на полицаец во покраината Рајнланд Пфалц. Во суштина, тоа во Германија не се случува толку често. Но, опасноста е сѐ поголема. Тоа го покажува статистиката на Сојузната канцеларија за борба против криминалот (БКА) која е објавена во септември 2021 година. Во извештајот се зборува за „нагол пораст“ на обиди за убиство. Вкупно 114 полицајци биле наведени како жртви во 63 кривични дела поврзани со убиство и убиство од небрежност. Со исклучок на еден случај на убиство, останатите биле обиди за убиство.

Повеќе: Двајца уапсени за убиството на германските полицајци

Значително зголемување од 20 отсто е забележано во случаите - опасни и тешки телесни повреди. Во поголемиот број случаи, опишани како насилство, се работи за пружање отпор кон полициските службеници. Според извештајот на БКА, околу 85.000 полицајци во 2020 година биле жртви на насилство - од фрлање со шишиња до обиди за убиство. Бројот на жртви пораснал за 5,9 насто.

Дехуманизирани државни службеници

Во интервју за ДВ полицаецот Кристијан Бјара опишува што значи да се биде нападнат како полицаец. Тој има 41 години, во полиција работи од 1999 година и редовно е на терен. Дел од неговата секојдневна работа се сообраќајните контроли, обезбедување на фудбалски натпревари или други големи случувања, како што се посети на шефови на странски држави или влади во Германија.

Полициските ангажмани стануваат сѐ поопасни, покажува статистикатаФотографија: Ulrich Hufnagel/picture alliance

Во многу такви случаи полицајците се на терен во целосна опрема. „Колегите мораат да водат сметка едни за други“, вели Бјара. Во случаите кога на него фрлаат со камења и со молотови коктели, тој има чувство дека за напаѓачите е „дехуманизиран државен службеник“. Агресивноста и непочитувањето се сѐ поголеми и Бјара забележува „брутализација во општеството“. 

Сам меѓу хулигани 

За време на обезбедувањето на фудбалски натпревари, Бјара еднаш бил одделен од своите колеги и одеднаш бил опколен од хулигани, насилни навивачи. Го тепале и на момент помислил да го извади пиштолот. Меѓутоа, успеал да се извлече и да побегне и мило му е што не морал да пука. 

Како многу колеги и Бјара е шокиран од смртта на двајцата убиени полицајци во покраината Рајнланд Пфалц. „Тоа е ужасна ситуација за мене, која допрва треба да ја обработам“, вели тој во телефонскиот разговор за ДВ. Но, сепак, вели е „страствен полицаец“. За него повикот станал професија, иако чувствата му се промениле откако станал татко. „Сѐ поважно станува безбедно да се вратиме дома.“ 

Професија од соништата - полицаец 

За повик зборува и Маркус Ројтер. „Постојат сомнежи во акутната ситуација, но за огромното мнозинство студенти тоа е работа за која сонуваат“, вели Ројтер. Забележува дека и по критичните искуства ретко се случува таа работа да биде доведена во прашање.

Спомен-место за починатите колеги полицајци во полициската академија во покраината Баден ВиртембергФотографија: Thomas Frey/dpa/picture alliance

Но, тоа не значи дека студентите не се длабоко погодени од смртта на колешката и другиот убиен полицаец, кој имал 29 години. Да се ​​направи простор за тагата и заедничкото справување со неа беше задачата на Маркус Ројтер, кога во понеделникот пристигна на полициската академија. 

Опасноста е дел од работата 

На академијата има место каде им се оддава почит на загинатите полицајци. На сивиот камен  столб има табли со имињата на жртвите, датумите на раѓање и на смртта. Таму се собраа сите и оддадоа почит со едноминутно молчење. Беше студено, паѓаше снег. Тишина и депресивно расположение. 

Тоа е расположението за кое Ројтер сака да зборува на своите предавања во наредните денови. Тој сака да слушне како младите полицајци се справуваат со овие смртни случаи и како се соочуваат со тагата. На крајот од краиштата, опасноста е дел од нивната работа.

Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми