1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Полска казнета да плаќа еден милион евра – дневно

ЖА / дпа
27 октомври 2021

Полска со месеци ги игнорира заклучоците на Европскиот суд во врска со спорната судска реформа, но сега ѝ стигнува нова сметка

Luxemburg | Europäischer Gerichtshof: EuGH-Urteil zum ungarischen NGO-Gesetz
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Immanuel Bänsch

Европскиот суд одлучи дека Полска треба да плаќа принудна парична казна од еден милион евра на ден во буџетот на ЕУ. Причина за овој чекор, според образложението на Европскиот суд, објавено денеска, е досегашното одбивање на земјата да ги примени судските одлуки во врска со спорните реформи во полското судство.

Тоа се однесува посебно на решението на Европскиот суд за прекин на работата на крајно спорната Дисциплинска комисија, која ги казнува судиите, а чие постоење не е во согласност со правилата во ЕУ за независност и непартијност на правосудството. 

Барање за воведување  финансиски санкции  кон  Полска беше поднесено на 9 септември од страна на Европската комисија, задолжена за надгледување на функционирањето на правната држава. Казната ќе се применува сѐ додека Полска не почне да постапува според решенијата на Европскиот суд. 

„Правосудните системи во целата  Европска унија  мора да бидат независни и фер“, критикуваше тогаш претседателката на ЕК,  Урсула фон дер Лајен.  Полскиот министер за правда Збигњев Циобро напротив се пожали на вршење „агресија против  Полска“  и „водење правна хибридна војна“. 

Европскиот суд претходно, во средината на јули, донесе одлука дека Полска со формирањето на Дисциплинска комисија за судиите го крши европското право. Од земјата беше побарано да ја расформира Дисциплинската комисија и нејзините ингеренции да го укинува имунитет на судиите, како и да решава околу прашања за вработување или пензионирање на судии. Одлуката на Европскиот суд се однесуваше и на други одредби во полските закони кои ја ограничуваат независноста на судиите.

Полска тогаш најави укинување на Дисциплинската комисија во постојната форма, но таа и натаму продолжи да ги работи преземените случаи. Дисциплинската комисија се смета за јадро на правосудната реформа иницирана од владејачката партија ПиС.

Комисијата има право да даде отказ на било кој судија или обвинител, а критичарите стравуваат дека нејзина цел е дисциплинирање на судиите и нивно одвратување од донесување за владата непожелни одлуки.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми