Полска касира рекордни субвенции од ЕУ
8 јануари 2016
Градот Лоѓ од пред 10 години е градилиште, во моментов таму се гради најголемата подземна железница во Европа, која ќе чини над 500 милиони евра, од кои 70 проценти презема ЕУ. Железницата ќе биде готова во август, но експресот Варшава - Берлин ќе може да вози низ Лоѓ најрано по 4 години.
Гжегож Нита, шеф на канцеларијата за сообраќај во Лоѓ истакнува:
„Големиот сообраќаен јазол ќе ги поврзува сите транспортни средства, а на градот и регионот ќе им овозможи пристап кон целата ЕУ.“
Во градскиот центар е веќе многу изградено. Зградата на старата Електрификација е реставрирана и од пред една година објектот се користи како конгресен центар. Сега во него треба да најдат простор и културни сцени.
Хана Здановска, градоначалник на Лоѓ, потенцира:
„Огромни инвестиции во инфраструктурата: автопатишта, брзи сообраќајници и железнички сообраќај, со што Лоѓ станува атрактивен за претпријатијата.“
Погледнете го видеото:
На преминот на векот невработеноста овде беше околу 20 проценти, во меѓувреме падна на 9 насто. Лоѓ и жителите профитираат од обилните субвенции од ЕУ. Полска самата не можеше да ја финансира изградбата. Новите трамвајски и железнички мрежи, автопатиштата, стадионите, настанаа по 2004 година.
Витолд Орловски, професор, констатира:
„Секој во Полска ја чувствува паричната поддршка од ЕУ врз својот живот. Треба само да се завртиш околу себе. Но, со парите доаѓаат и обврски. Тоа не им се допаѓа на сите.“
По влезот во ЕУ, економскиот учинок на Полска се удвои. Но, платите се се‘уште за 70 проценти пониски отколку просекот во ЕУ. Тоа многумина ги фрустрира.
„Од еднастрана е добро да си во ЕУ. Но платите останаа исти, а цените растат,“ вели една жена.
„Од една страна добро, од друга лошо. Мораме да правиме како ќе ни наредат. Но, добро е што во Полска има нови инвестици,“ дополнува еден друг граѓанин.
И факултетот во Лоѓ е изграден со пари од ЕУ. Од 2007 година наваму, Полска годишно од Брисел добива над 13 милијарди евра. Повеќе отколку било која друга земја. Во 2020 година оваа вонредна помош од ЕУ ќе заврши.