1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полска: Црквата и политиката рака под рака

Моника Сирадзка/Ж.А.4 јуни 2016

Црквата треба да остане политичка, инсистира еден познат варшавски свештеник. Мислењата околу тоа меѓу полските католици се поделени, дури и во рамките на одделни семејства.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Во варшавската населба Гоцлав продавниците во недела отвораат уште рано. 42-годишната Барбара е меѓу првите муштерии. Медицинската сестра работи во смени за плата од околу 600 евра месечно. Неделното пазардење главно го врши во недела, што не им се допаѓа на бискупите: празниците се за одење во црквата, не за купување, проповедаат тие. Откако Барбара ги остава торбите за пазарење дома, со мажот и‘ оди во црквата Санкт Патрик, во 9 часот и 30 минути почнува богослужбата.

„Заштита на неродениот живот“

Во фоајето на црквата висат фотографии на фетуси во различни развојни стадиуми. Покрај нив стојат бројки, кои треба да имаат шокирачки ефекти: 18 милиони жртви во Втората светска војна и 17 милиони „недолжни деца, убиени при абортуси во ЕУ меѓу 2006 и 2009 година.“

Проповед држи свештеник кој се нарекува „заштитник на неродениот живот“. Неодамна стигна во медиумските наслови со тужба против варшавска клиника против вршењето абортуси, во што свештеникот гледа загрозување на семејството. Посебно критикувано е вештачкото оплодување, „прекршок на господовите закони“. Конзервативниот дел од полските бискупи ја става владата под притисок, барајќи донесување апсолутна забрана за абортуси, како противуслуга за поддршката во изборната кампања.

Премногу радикален свештеник

Зад олтарот молчешкум седи друг свештеник - Станислав Малковски, близок човек на Јарослав Качински, лидерот на национал-конзервативната владејачка партија Право и правда. Малковски радо би држел проповед, но во Варшава тоа не му е дозволено. Пред две години пред претседателската палата Малковски вршеше егзорцизам, за наводно да го истера ѓаволот од поранешниот претседател Бронислав Коморовски. Причината беше што Коморовски тогаш го потпиша Законот за вештачко оплодување. За варшавскиот кардинал Кажимирж Нижч, еден од малкуте умерени во полскиот клер, тоа беше премногу, па егзорцистот Малковски доби казна - во неговата бискупија може да служи зад олтарот само молчешкум. Но, надвор од Варшава свештеникот држи проповеди, во полни цркви.

Свештеникот Малковски е близок пријател на Јарослав КачинскиФотографија: picture-alliance/NurPhoto/M. Wlodarczyk

Повторно воспоставување морален поредок

Медицинската сестра Барбара жали за забраната за проповедање за тврдолинијашот во нејзината црковна заедница: „Тој го кажува она што навистина го мислат многумина католици.“ Многумина би се срамеле јавно да го признаат своето противење на абортусот. Но, според Барбара, добро е што црквата зборува без заобиколувања. Мажот на Барбара очигледно има поинакво мислење. „Порадо не би го коментирал тоа што црквата се впушта во политика“. 41-годишникот работи во едно министерство и моментно стравува за своето работно место, зашто владејачката партија расчистува простор за нови луѓе во сите јавни институции. Барбара реагира малку раздразливо, јавно признава дека гласала за партијата Право и правда, за момент се чувствува јазот во ова семејство.

„Чрчинг“ за младите Полјаци

Оваа недела во посета им доаѓа 20-годишната ќерка. Клаудија однеодамна живее во свој стан со пријателот, студент по право, во див брак, што родителите тешко го прифаќаат.

Младиот пар оди во друга црква, во Санкт Ана, „либерална студентска заедница“ во центарот на Варшава. Тие вршат „испробувања“ на црквите: „Тоа го нарекуваме ’чрчинг’, нова мода: се посетуваат различни цркви, се слушаат проповеди и се одлучува каде да се оди“, објаснува Клаудија. Потоа на Фејсбук се разменуваат впечатоци. Иако Клаудија се смета за либерална, исто како и мајка и‘ ја поддржува целосната забрана за абортуси, без исклучоци. Само со една разлика, додека полските свештеници во абортусот гледаат непростлив смртен грев, Клаудија го дели ставот на папата Франциско, кој вели дека „овој смртен грев треба да и‘ биде простен на секоја жена која ќе се покае.“

„Црквата не смее да биде политички коректна“

Ултраконзервативниот свештеник Малковски има сосем друго мислење. Тој го критикува папата Франциско за намерата да дозволи индулгенција за абортус и развод. За егзорцистот братството меѓу црквата и политиката е нешто само по себе разбирливо. „Младите во Полска имаат загубено секаква ориентација, ним им се потребни морални патокази“, вели тој во разговор за Дојче веле. Малковски има бројни приврзеници, зашто своевремено спаѓаше во најпопуларните духовници во Полска, кои за време на комунистичката диктатура се ангажираше на страната на опозицијата. Во тоа време илјадници луѓе ги посетуваа неговите миси, а полската тајна служба постојано му беше зад петици.

„Сега морам да се борам против политичката коректност на полската црква“, истакнува тој. Зашто, многумина „либерални“ свештеници би ги заобиколиле тешките теми.

Дури и својот пријател Качински тој понекогаш го оценува како премнигу умерен. Качински треба побрзо да го протурка законот против абортус. „Качински понекогаш треба да покаже умереност за да нема бунт во сопствените редови, но инаку е на добар пат“, оценува Малковски.

За медицинската сестра Барбара тој е „нејзиниот херој“. Но, нејзината ќерка Клаудија посакува поголема дистанца меѓу црквата и политиката. „Црквата е црква и тоа така треба да остане“, уверена е таа и затоа оди во црква каде проповедите остануваат неполитички. Затоа, семејството на неделните заеднички ручеци ја одбегнува темата „црква“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми